Светот во 2022-та: ЗСФ успеа да стане еден од најуспешните градежни брендови во Македонија

Фатмир Етеми, генерален директор на ЗСФ компани, за годишното издание на престижниот „Економист“: „Во 2022 г., ќе тежнеам во државата да се влеат европски пари, овде сум роден, тука ќе инвестирам, сакам да ја видам Македонија како регионален лидер на Балканот.“

„Како во светот така и кај нас, пандемијата негативно влијаеше во сите сфери, особено во бизнисот на многумина, наместо да работиме, бевме фокусирани да си го сочуваме здравјето и тоа е многу нормално“, вели господинот Фатмир на почетокот на нашиот разговор.

Фатмир Етеми, генерален директор на „ЗСФ компани“

На самиот почеток, ние како ЗСФ тоа не го почувствувавме бидејќи имавме проекти однапред договорени кои се реализираа во периодот на пандемијата. Веќе во 2021 година имавме голем пад на приходите, спротивно на ова расходите растеа.

Па официјално ја прогласувам 2021 година за една од потешките години за нас како компанија, но не се жалам, јас сум човек кој за сè бара солуција и наоѓа начин како да се продолжи понатаму, така беше во сите сфери, раст беше забележан единствено во фармацијата, работеа аптеките, маркетите и сè што беше потребно за успешно справување со ковид-пандемијата.

Еден од главните проблеми со кои се соочивме беше растот на цената на материјалите за 50 до 100 проценти. На пример, железото во 2020 година чинеше 450 евра за еден тон, а сега е до 800 евра. Бакарот беше 5.200 евра за еден тон, а сега е 8.450 евра. Растот на цената на суровините е голем и тоа секако ќе влијае на нашата работа.

Трошоците се зголемија и логично на тоа нам ни се намали профитот годинава. Цената за квадрат на поатрактивните локации се искачи на рекордни 1.500-2.000 евра.

Каква е вашата соработка со општините, лесно ли постигнувате договор со нив?

Во последно време со општините малку потешко ни оди, можеби и тие имаат проблем и се притиснати од две страни. Од едната сме ние инвеститорите а од другата политичките партии. На мене ми пречи негативниот став кон инвеститорите генерално во државава, па потоа и на општините. Нема економски раст во земјата доколку немате успешен градежен сектор.

Погледнете ја Србија, па и Косово, се развиваат најмногу поради успесите на градежниот сектор, тоа ја носи економијата во овие земји. Последниве неколку години, за жал, општините донесоа многу малку дупови, а ако тоа не е средено ние како инвеститори не можеме да работиме. Во минатото, градежниците од кај нас работеа низ цел свет, а кога дојде ред да инвестираат во сопствената земја, се судрија со отпор од страна на администрацијата.

Политичарите сакаат да добијат поени на сметка на градежниците, а тоа не е во ред да се случува. Всушност, за мене инвеститорите се чесни луѓе, кои чесно си вложуваат, уредно плаќаат даноци, соработуваат со градоначалниците за доброто на сите граѓани.

Во моментов, понудата е мала, а побарувачката е преголема, затоа и расте цената на становите. Кога би имале поголема понуда, би им излегле во пресрет на граѓаните.

Во моментов, најголема побарувачка имаме во општина Карпош и општина Центар, а таму е понудата најмала, како што кажав. Се гради и во општина Аеродром, но таму сè уште има поголема понуда и цената е, горе-долу, како и претходно.

Додека во горе споменатите општини, доколку во моментов поседувате, на пример, стан со големина од 50 метри квадратни, ќе го продадете во рекорден рок, бидејќи помалите станови се најбарани, а во Карпош и Центар имаме дефицит на такви, а побарувачката вртоглаво расте. Причината е тоа што во овие две општини градбата претходниве години беше нагло запрена.

ЗСФ важи за една од најмоќните градежни компании, кој е вашиот развоен пат, како влеговте во градежниот бизнис?

Јас сум по струка професор по биологија, многу учев и се надградував во таа област, не можев да замислам дека еден ден постои можност да го напуштам образованието и да се посветам на бизнисот, но во тоа време, високообразовните кадри беа платени премалку, се сеќавам и денес, мојата плата беше 300 марки, од друга страна, имаше многу луѓе со основно образование, кои заработуваа 10 пати повеќе и, знаете, колку и да не сакате, таквата состојба со текот на времето почнува да ве иритира и да чувствувате неправда.

Си велите, а за што јас толку сум вложувал во себе и сум учел.

Тогаш имав огромна смелост, би рекол, па пресеков, ја донесов одлуката и во 1989 година отворив приватна фирма меѓу првите кај нас.

Во тоа време имавме среќа сите ние кои почнавме некаков бизнис, бидејќи со многу мал влог остваривме голем профит. Имав добар старт поради добрата логистика, а и поради капиталот од моите родители, канцеларија, телефон, возило, магацин, сакам да кажам основа, не сум почнал баш без ништо, но, според мене, клучна беше идејата и вербата што ги имав.

Во 1993 година, станав главен застапник за кока кола за цела Југоисточна Европа, односно за Македонија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и Албанија. Ова го работевме цели 10 години, од 1993 до 2003 година.

Во тој период поминав многу обуки и семинари за менаџирање и продажба, во Романија, Бугарија, Ирска. Го постигнавме рекордот во продажба на кока-кола во Југоисточна Европа, а тоа значи приближно над 1000 шлепери на годишно ниво.

Најголем обрт на пари направивме во 2000-та година. Истовремено, станавме главни застапници на фабриката „Билјана“ на Охис за Косово, е тоа беа многу убави времиња.

Работниците на „Охис“ во тој период земаа плата благодарение на нашиот извоз во Косово. Извезувавме прашок „гонг“, варекина, сјај, сапуни. Тогаш направивме огромен капитал бидејќи годишно продававме по 400 камиони со детергенти.

Размислував каде би ги вложил овие огромни суми на пари, бидејќи се менуваше и нивната вредност, знаете, да си милионер во 1990-тите е нешто големо, а да бидете милионер во 2021 година и не е некој особен успех, повторувам, само поради тоа што вредноста на парите е многу различна.

Конечната одлука ја донесов во 2002 година, недвижнините ми изгледаа како нешто најсигурно, почнав да купувам локации во главниот град, кои, за моја среќа, во тој момент беа многу евтини, па набргу почнавме и со градба.

Ја изградивме првата фабрика за пелени во Македонија, која беше лоцирана во скопско Визбегово, потоа се затвори, но објектот сè уште е во наша сопственост, следно сакавме да ја земеме лиценцата за прашокот „гонг“, да ја одржиме традицијата да се произведува и понатаму кај нас, но, за жал, фабриката се затвори како што кажав. Жал ми е што тука беше вмешана и политиката, па со тоа многу наши работници во тоа време останаа на улица.

Веднаш по затворањето на фабриката сериозно почнавме со градежништвото. Направивме 30 згради во Скопје, учествувавме и во проекти како партнери со други компании.

Сè уште како компанија најмногу ја работиме оваа гранка.  Но влеговме и во секторот банкарство како акционери во „Комерцијална банка“, главни акционери сме и во „Скопски пазар“, ја отворивме и партнерски најмодерната фабрика за кабли во Македонија „One cable“. Имаме голем профит, дури 40 проценти од пазарот во Македонија е наш. А имаме и многу заинтересирани за овој бизнис од Косово, Бугарија, Хрватска.

Сметам дека е голем успех за нашата земја што конкурираме со продажба и извоз надвор од нашите граници. Крајна цел со фабриката ни е да имаме повеќе извоз и мислам дека со ваквото темпо и развој на настаните ќе успееме во тоа. Секако, за ова да функционира, потребен е тим од директори и менаџери, секој експерт во својата област.

Пред какви предизвици е исправена ЗСФ во 2022 година, кои се вашите развојни планови?

Не за 2022 година, туку до 2030 година јас имам план и визија што точно ќе работам и што сакам да изреализирам. Во градежништвото, освен станбени згради, ќе почнеме и со изградба на деловни, бизнис и комерцијални објекти.

Првата зграда во 2022 година ќе ја градам во општина Шуто Оризари, бидејќи сметам дека Ромите заслужуваат убави објекти, воедно, ми пречат предрасудите што ги имаат луѓето кон нив. Со тоа ќе ги привлечеме Ромите кои работат во странство да се вратат и да купуваат недвижнини во Македонија. Па епилогот е европски пари да се влеат во нашата земја.

Со „Скопски пазар“ тежнееме кон тоа да ги модернизираме пазарите, а први на листата ни се пазарите во населбата Драчево и Зелен пазар во општина Центар, сакаме да изградиме нови објекти со обезбедени паркинг-места за да имаат нашите граѓани достоинствени услови за живот.

Колку е за вас стимулативна бизнис-климата во Македонија и политичкиот амбиент, воопшто, како вие како ЗСФ наоѓате мотивација?

Да ви кажам, ние мотивација имавме и во многу потешки времиња од овие, имаме јасна слика: Македонија ќе постои како држава, а ние ќе инвестираме во нашата држава докрај. Целиот капитал што го имаме, ќе го вложиме тука, немаме друг дом. На тој начин, ја развиваме економијата, а со тоа оди напред и државата.

Овде вработуваме луѓе, тука плаќаме даноци…

Лично не сум за тоа да се работи овде, а капиталот да се одлева надвор. Имам свое длабоко убедување дека одејќи по вистинскиот пат ќе успееме да направиме сите заедно модерна држава, можеби неколку чекори доцниме, но да не заборавиме – 2001 година Македонија беше првата земја што потпиша договор за стабилизација и асоцијација со Европската Унија.

За жал, останавме последни во моментов, но јас верувам дека ќе успееме, нашиот систем е добар, недостига само да стане функционален, контролиран. Сметам дека тоа ќе се случи во пракса кога секој функционер ќе дава отчет за сработеното. Знаете јас овде сум роден, овде ќе инвестирам и ова е мојот дом.

Посакувам Македонија да стане лидер во регионот во повеќе области бидејќи имаме капацитет да го постигнеме тоа.

Доколку сакате да го набавите годишното издание на престижниот „Економист“, кое четврти пат излезе на македонски јазик под ексклузивна лиценца на „Колор медија плус“, кликнете ТУКА (или побарајте го на сите поголеми продажни места низ државата).

Текст и фото: Економист: Светот во 2022-та

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.