Пинар Ајваз Арикан: „Потребно е да се имаат алтернативни планови и решенија за сите можни сценарија“

Светот во 2022-та

Генералната директорка на Turkish Airlines во Скопје во интервјуто за годишникот Економист: Светот во 2022-та, меѓу другото, открива што научија авиокомпаниите од пандемијата.

Човековата желба за потполна слобода речиси и не може да се претстави подобро од летањето високо над облаците. Чувството на исклучување од сето тоа што цврсто не поврзува со копното, дисконектирањето од секојдневната врева за многумина престасува вистинска медитација.

Токму затоа, да се биде дел од овој сектор, особено од професионалниот тим на еден од најголемите светски авиокомпании Turkish Airlines е вистински престиж.

 

Пинар Ајваз Арикан, генерална директорка на Turkish Airlines во Скопје

Мојата љубов кон авијацијата ја наследив од мојот татко. Родена во Истанбул во 1977 година, како ќерка на татко лекар и мајка домаќинка, скоро секој викенд, татко ми мене и мојот брат нè носеше на посета во Истанбулскиот воздухопловен музеј – што го посеа семето на љубовта спрема мојата професија. Бидејќи живеевме во непосредна близина на аеродромот во Истанбул, често, со восхит ги гледавме авионите што полетуваа и слетуваа.

Се обидувавме да ги погодиме моделот и бројот на авионот – тоа беше една од многуте игри поврзани со авијацијата. Некогаш брат ми беше пилот, додека јас ги подготвував авионските карти и потоа се претворав во стјуардеса.

За време на моите студии на Факултетот за Бизнис во Истанбул, со скратено работно време почнав да работам како службеник за проверка на авиобилети во Turkish Airlines, за по една година да продолжам како стјуардеса.

Тоа ми овозможи да успеам сета теорија од она што го учев на факултет, да ја применам во пракса и да стекнам огромно искуство.

Откако дипломирав, се вработив како продажен агент и десет години бев експерт во агенцискиот директорат. Во истиот период бев ангажирана и како контролор во секторот за управување со квалитетот во Turkish Airlines.

Во 2007 година, започна мојата приказна надвор од мојата родна држава. Прво бев назначена на челната позиција во канцелариите во Хелсинки, каде што работев пет години.

Во 2012 година продолжив да работам и живеам во Копенхаген, по што во 2017 година дојдов во Скопје. Горда сум да кажам дека поминале цели дваесет и пет години во служба на оваа реномирана компанија, Turkish Airlines. За оние кои што се прашуваат што се случи со брат ми…

Тој е дел од професионалниот тим на пилоти, веќе шеснаесет години…

Turkish Airlines е број еден авиокомпанија во однос на дестинации и држави. Вратите на своите канцеларии во Скопје ги отвори пред повеќе од две децении со две редовни линии на неделно ниво. Поради големиот интерес предизвикан од квалитетната услуга која што ја нуди компанијата, набрзо, во 2013 година, бројот на летови со два лета дневно, прерасна дури до четиринаесет летови на неделно ниво.

Во периодов кој престои, со самиот процес на стабилизирање, повторно почнавме да го зголемуваме нашиот број на летови од Скопје и во моментов до Истанбул реализираме десет летови на неделно ниво.

Кон крајот на месец март 2022 година, повторно ќе ги вратиме двата редовни дневни летови од Скопје до Истанбул. Покрај тоа, исто како и во изминатата година, ќе ги вратиме нашите летни директни летови кон Бодрум и Анталија.

Пред пандемијата, авионите на Turkish Airlines летаа до неверојатни 306 дестинации.

Во изминатата 2021 година, влијанието на пандемијата се почувствува со мал пад на бројките, кои во секој случај беа импресивни: имавме летови до 111 држави, со вкупно 203 дестинации, меѓу кои 43 беа на национално ниво.

Со задоволство може да се пофалиме дека флотата од 372 авиони на Turkish Airlines лета до најголем број на дестинации од сите други авиокомпании.

Секој патник што се качува во некој од авионите на Turkish Airlines, се пречекува како добредојден гостин во нашиот дом. Добро познатото турско гостопримство како пред, така и за време на пандемијата остана заштитен знак на нашата компанија.

Со внимателно одбраните оброци и гастрономските вештини на нашиот тим задолжен за храната во нашите авиони, направивме летањето да прерасне во едно уникатно искуство.

Интересно е тоа што бројот на патници се размножи до три пати побрзо од растот на светскиот наталитет.

Десет милиони патници се регистрирани во 2003 година, додека во 2019 година бројот на задоволни патници на Turkish Airlines изнесуваше неверојатни осумдесет милиони.

Влијанието на пандемијата

Пандемијата со која што се справуваме на глобално ниво веќе подолго време, како што донесе многу промени во нашите животи, влијаеше на речиси сите индустрии, па така и на воздухопловството.

Тимот на Turkish Airlines успеа многу умешно да се справи со сите предизвици кои што ги пресретна во изминатите две години и направи се во име на задржување на својот квалитет во услугата што ја нуди кон своите патници. Како резултат на мерките за превенција и заштита од коронавирусот, дојде до намалување на побарувачката и во авијацијата.

Се соочувавме со непредвидлива и непозната ситуација која го намали и обемот на работа. Со тоа, иако дојде и до намалување на бројот на летови, исклучување на одредени дестинации, сепак управата вложи огромен напор и семејството на Turkish Airlines остана во истата структура, неотпуштајќи ги своите вработени од својата работна позиција.

Во процесот при справување со овие тешки времиња, се направија одредени компромиси и сите се вложивме максимално за задржување на работните позиции.

Иако постојат повеќе сценарија, сепак за сега никој не може да предвиди како ќе се одвиваат случувањата и во која насока тоа ќе делува во авијацијата. Никој од нас не може да знае до кога ќе треба да почекаме за да се вратиме во редовниот тек на работите како во 2019 година.

За сега, она што би го сумирале како резултат на промените предизвикани со пандемијата е; промена во дестинациите, односно 95% од летовите се насочени на национални дестинации и соседни држави; донесени се одредени правила и ограничувања при летањето; исклучување на сите можности кои што може да го загрозат здравјето на секој еден патник.

Искрено верувам дека луѓето веќе на некој начин се адаптирани на принудените промени и протоколи, ги менуваат своите навики и дека наскоро ќе ја постигнеме нагорната линија во однос на нашиот обем на работа.

Предизвици, иновации и адаптација

Она што е особено интересно е споделување на фактот дека доколку пред пандемијата бизнисмените и дипломатите беа најчести посетители на бизнис-класата во нашите авиони, сега таа е побарувана и од семејства, млади брачни парови и возрасни лица – кои во летањето бараат повеќе комодитет и заштита.

Да не заборавиме дека технологијата и сите поволности кои што ги нуди истата овозможија бизнис средбите да се одржуваат во дигитална средина, што го исклучи физичкото присуство како задолжително.

Што научија авиокомпаниите од пандемијата?

Во времиња кога не може да се направат долгорочни планови, потребно е компаниите да имаат брза и ефикасна стратегија и лесно адаптирање на новите услови. Еден од примерите за променетите навики на патниците е тоа што сега датумите на резервација веќе се многу блиску до датумите на летот.

Научивме дека потребно е да се имаат алтернативни планови и решенија за сите можни сценарија. Покрај квалитетот на услугата, еден од клучните фактори кои што влијаат во овозможување позитивни резултати за авијацијата е безбедноста на патникот.

Со тоа, за краток временски период, компанијата овозможи секаков вид заштита од вирусот, дигитални помагала кои го редуцираат човечкиот фактор и на патниците им влеваат чувство на транспарентност, како и контрола.

За да можеме да зборуваме за закрепнување на целокупната ситуација во авијацијата, потребно да ја надминеме и брзината за совладување на самиот коронавирус – пандемија што траеше многу подолго отколку што очекувавме. Со самото надминување на проблемот кој го загрозува здравјето на сите нас, потребно е да закрепне  светската економија, која влијае на сите индустрии.

Со тек на времето наместо деловниот сообраќај на летови, ќе се врати и рекреативниот сообраќај, што ќе придонесе во подобрување на бројката на нашите патници.

Годишникот Економист: Светот во 2022-та можете да го купите на познатите продажни места низ републиката или онлајн кликнувајќи ТУКА.

Текст и фото: Економист: Светот во 2022-та

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.