Нивес Тигањ: Република Хрватска останува докажан партнер и силен поддржувач за продолжување на евроинтегративниот процес

Светот во 2022-та

И понатаму ќе продолжиме да го ставаме на располагање целото наше знаење и искуство од нашиот преговарачки процес за да ги зајакнеме административните капацитети и за да ги подготвиме подобро за преговарачкиот процес македонските институции.

Во интервјуто за годишното издание на Економист: Светот во 2022-та, Н.Е. Нивес Тигањ, амбасадорка на Република Хрватска, ги изнесува своите размислувања за најголемите предизвици на нашата земја во претстојната година.

Н.Е. Нивес Тигањ, амбасадорка на Република Хрватска во Северна Македонија

Кои ќе бидат најголемите предизвици за Република Северна Македонија во 2022?

Со оглед на актуелната здравствена состојба предизвикана од болеста ковид-19, со која веќе две години се соочува целиот свет, која ни наметна сосема поинаков начин на живот и која покрај сите напори не стивнува, очигледно е дека справувањето со пандемијата останува еден од доминантните предизвици уште некое време, како за целиот свет, така и за Северна Македонија.

Освен што ни го промени начинот на живот, пандемијата го насочи вниманието на колективното здравје и важноста на здравствениот систем кој мора да биде способен да обезбеди соодветна здравствена заштита на целокупното население.

Сведоци сме колку оваа криза се одрази и на нашата економија, предизвикувајќи длабоки нарушувања на светскиот пазар, што и понатаму бара управување со ситуацијата и преземање соодветни мерки за опстанок и закрепнување на домашната економија, зачувување на работните места, социјалните права и грижа за најранливите групи.

 

Зборувајќи за предизвиците во 2022 година, не можеме да не го споменеме предизвикот со илегалната миграција, затоа што токму политичките околности во светот покажуваат дека тоа е латентна закана која бара наше заедничко дејствување и одговор, а на што Северна Македонија особено е изложена со оглед на нејзината географска положба во Југоисточна Европа.

Покрај овие глобални, светски предизвици, Северна Македонија со години се соочува со голем број предизвици на нејзиниот евро-интегративен пат.

Секое дополнително оптоварување на процесот на пристапување на Северна Македонија би можело да ја наруши и онака разнишаната доверба на граѓаните во Европската Унија.

Дополнително, во таква ситуација, предизвик е да се задржи фокусот на институциите за продолжување на реформските процеси.

Република Хрватска останува докажан партнер и силен поддржувач за продолжување на евроинтегративниот процес на Северна Македонија.

И понатаму ќе  продолжиме да го ставаме на располагање целото наше знаење и искуство од нашиот преговарачки процес со цел да ги зајакнеме административните капацитети и за да македонските институции  подобро ги подготвиме за преговарачкиот процес.

Тоа веќе го докажавме преку 14 твининг-проекти, кои досега се спроведуваа во Северна Македонија, во која земја партнер беше Република Хрватска.

Во соочувањето со сите овие предизвици, многу е важно да се има таков медиумски простор кој со своето дејствување  ќе помогне објективно да се согледа предизвикот.

Појавата на лажни вести, теории на заговор и погрешни медиумски интерпретации во функција на поединечни политички елити или партикуларни интереси се само дополнителен предизвик и не придонесуваат за разрешување на кризата.

Годишникот Економист: Светот во 2022-та можете да го купите на познатите продажни места низ републиката или онлајн кликнувајќи ТУКА.

Текст и фото: Економист: Светот во 2022-та

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.