Кејт Мари Брнз: Посветување на ветувањето и потенцијалот на 2022 година

Светот во 2022-та

„Преку преточување на заложбите во конкретни акции, очекуваме уште поперспективна 2022 година“

Н.Е. Кејт Мари Брнз, амбасадорка на САД во Република Северна Македонија, во годишното издание на „Економист: Светот во 2022-та“ ги дава своите прогнози за новата година.

Н.Е. Кејт Мари Брнз, амбасадорка на САД во Република Северна Македонија

Во една година исполнета со предизвици и настани, Северна Македонија покажа издржливост во решавањето на постојаните проблеми на пандемијата, економските нарушувања и други неодложни прашања.

Најновиот сојузник на НАТО покажа нови способности со тоа што беше домаќин на регионални вежби, се залагаше за регионални иницијативи за интеграција и ја унапреди својата позиција за почеток на пристапните преговори со Европската унија.

Со обновена посветеност за зајакнување на владеењето на правото, граѓански одговорна влада и реформи поволни за пазарот, Северна Македонија е подготвена за уште поперспективна 2022 година.

Економијата на Северна Македонија почна да закрепнува во 2021 година и се очекува до крајот на годината да се врати на нивоата пред пандемијата, според Светска Банка, со зголемување на реалниот БДП, создавање работни  места и зголемена потрошувачка.

Ова делумно се должи и на владината посветеност да помогне во зголемувањето на платите и да им помогне на бизнисите и граѓаните погодени од пандемијата. Сега оваа посветеност мора да се претвори во понатамошен раст на работните места, особено за жените и младите луѓе.

Тие, исто така, мора да осигураат средина во која бројот на малите и средни бизниси ќе се зголемува, обезбедувајќи им понатамошен раст и развој.

На COP 26, Северна Македонија го потпиша глобалното ветување за метан и се обврза да ги преполови емисиите на стакленички гасови до 2030 година.

Во иднина, таа посветеност мора да доведе до понатамошни чекори кон енергетска независност и намалување на зависноста на земјата од јаглен. Напредокот на Интерконекторот Грција-Северна Македонија ќе обезбеди здрава основа за сигурни ресурси на гас, додека земјата развива решенија за чиста енергија кои привлекуваат интерес на американски, европски и домашни инвеститори.

Од суштинско значење е тоа што земјата го одржува своето ветување за градење на посилна демократија која има слух за граѓаните, додека цврсто се фокусира на пристапувањето во ЕУ и Евроатлантската интеграција.

Како учесник на Самитот за демократија, Северна Македонија се обврзува пред остатокот од светот.

Преку партнерства со Соединетите Американски Држави, Европската Унија и други партнери за зајакнување на институциите, справување со корупцијата и промовирање на транспарентноста и одговорноста, земјата се обврзува и пред своите граѓани.

Годишникот Економист: Светот во 2022-та можете да го купите на познатите продажни места низ републиката или онлајн кликнувајќи ТУКА.

Во годината пред нас, овие заложби ќе бидат критични. Добивањето цврст датум за одржување меѓувладини состаноци со ЕУ, што САД силно го поддржуваат како клуч за остварување на ветувањето и потенцијалот на Западен Балкан уште пошироко, ќе даде ран, силен поттик на напорите на Северна Македонија.

Спроведувањето на реформите мора да се движи напред.

Во нашето стратешко партнерство, САД и Северна Македонија промовираат регионален дијалог и размена меѓу младите луѓе кои поттикнуваат доверба, поттикнуваат иновации и ја подготвуваат следната генерација да се соочи со новите прашања во здравството, климата и сајбер-сферата.

Ја прошируваме успешната Програма за Државно Партнерство со Вермонт за да ја подобриме безбедносната реакција на сајбер и еколошките закани, да го прошириме пристапот до здравството, образованието и да ги споделиме најдобрите практики во модернизација на земјоделството и еко-туризмот.

Амбасадата на САД соработува со Естонија за да ја поддржи Владата на Северна Македонија, додека развива сеопфатна стратегија за дигитализација и е-управување, што ги унапредува транспарентноста и ефикасноста.

Програмите на УСАИД ќе соработуваат со општинските власти за подобро да ги мобилизираат ресурсите бидејќи националниот попис во земјата нуди веродостојни податоци што може да се користат за подобрување на пристапот до услугите за сите граѓани.

Ќе продолжиме да работиме со Владата и сите засегнати страни за да негуваме транспарентна, достапна и предвидлива деловна средина која промовира отворена конкуренција и поттикнува директни странски инвестиции.

Преку преточување на заложбите во конкретни акции, очекуваме уште поперспективна 2022 година.

Текст и фото: „Светот во 2022-та“

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.