СВАДБЕНА ТРЕСКА: Ресторан или вила? Мала или голема свадба? А што ќе носите? Притисокот расте!

У&З колумна

Ако сте дел од оние што планираат свадба летово, пред сè, честитки, а потоа – со лесно!

Не знам дали сте знаеле, но свадбата не ве засега само вас, ги засега СИТЕ околу вас. Таа треба да ја исполни визијата на родителите, кои можеби немале шанса да направат голема свадбена прослава. Треба да ги исполни очекувањата на роднините, кои дошле убаво да се нагостат и да заиграат понекое оро, а треба да ги задоволи и потребите на помладите гости, кои очекуваат добра забава. Каде е тука замислата на младоженецот и невестата, ќе се запрашате. Таа ѕирка некаде затрупана под сите компромиси, отстапки и приспособувања. Па, како да го остварите тоа што сте го замислиле, да го задржите здравиот разум и притоа да уживате во целиот процес? Со многу вдишувања и издишувања, но и со неколку совети од прва рака…

ЛОКАЦИЈА И МУЗИКА

Првата отстапка што ја направивме ние беше изборот на локацијата. И двајцата бевме согласни дека сакаме забава во вила со базен, со коњопои и со 100 гости максимум. Но кога се соочивме со првите сопки, од типот на „што ако заврне“, „нема да има столчиња за сите повозрасни гости“ и „како ќе успееме самите да го уредиме целиот простор“, сфативме дека сакаме да си дојдеме како гости на сопствената венчавка и да не се заморуваме со тие детали. Па, така, конечната одлука падна на ресторан. Следната најважна ставка беше музиката. Кога би се прашувале ние, народната музика и ората би биле комплетно изоставени, но како ќе се забавуваат тогаш постарите, загрижено прашаа нашите, и компромисот беше неизбежен. Еден час ора, преостанатото време само рок, а трубачите се строго забранети. Сосема прифатливо.

(НЕ)ПОЖЕЛНИ ГОСТИ

Правењето список за гости е посебна приказна! Првично, планот беше околу 100 најблиски луѓе, кои сосема случајно прераснаа на 150, за на крајот бројката магично да достигне 200. Колку и да не сакавме да каниме далечни роднини што не сме ги виделе никогаш во животот, што ќе каже тетка Милка ако не добие покана кога нашите родители биле поканети на свадбата на нејзиниот внук во 1998-та? А Милка не доаѓа сама, туку во пакет со сите нејзини братучеди од второ и трето колено. Да се прецрта од списокот или не, прашање е сега! Среќни сме што застанавме и на 200.

ШТО ЌЕ НОСИТЕ?

Повеќето девојчиња уште од најрана возраст се замислуваат како невести и до најситни детали знаат како сакаат да им изгледа венчаницата. Во овие моменти многу посакувам да сум една од нив, бидејќи апсолутно немам поим каков невистински фустан сакам да носам. Но затоа, сите околу мене имаат. Некои ме замислуваат со долг фустан како принцеза, некои како сирена, некои со светки и тантела… А јас само знам што не сакам. Не сакам ништо од тоа што е традиционално и класично за невеста, бидејќи тоа едноставно не сум јас. Но времето отчукува, притисокот расте, а мене сè уште не ми паднала венчаница од небо како што се надевав. Проблем што зачудувачки повеќе ги загрижува мајка ми и свекрва ми отколку мене. Совет? Не слушајте никого! Одберете го тоа што ви се допаѓа вам, без компромиси.

Вистина е дека најверојатно нема да успеете да ги остварите сите ваши замисли и тоа ќе ве фрустрира на моменти. Ние колку и да се трудевме да го одбегнеме епитетот „традиционално“, кога ќе му ја кажеме некому програмата, најчесто коментарот гласи: „А, значи, традиционална свадба, баш убаво…“ Но не ни е грижа! Најважно е да не заборавате зошто го правите сето ова. Суштината е во тоа да ги соберете вашите најсакани на едно место и заедно да ја прославите љубовта. Ќе си поминете убаво во секој случај, без разлика дали сте се одлучиле за необична, традиционална свадба или комбинација од двете. Само ширете љубов!

   Пишува: Марија Лукаревска

Жената МОРА да биде убава, да стане мајка, да биде смирена… НО дали сака?
Прочитајте и

Коментарите се заклучени.