Волшебниот свет на детските игри и најголемите заблуди на родителите

На децата играта им е сè!

Детето почнува да си игра кога ќе почне да ги забележува предметите околу себе и кога може да ги држи во рацете. Имајќи го предвид значењето на играта, важно e редовно да се применува…

Најголемата и најчеста заблуда на родителите гласи: „Моето дете има многу играчки и поради тоа е посреќно од децата што ги немаат“. Играчката за мало дете не претставува ништо повеќе од предмет што може да го фрли кон ѕидот. Но ако родителите заедно со детето ја отпакуваат новата играчка, ако му покажат како со неа може да се забавува, во тој случај играчката ќе ја добие „вистинската смисла“.

Всушност, не заборавајте го фактот дека децата некогаш имале само кукли и топки од партали, а супер се забавувале.

Следната заблуда се однесува на изборот при купувањето играчки. Некои родители се раководат од цената и од „брендот“, наместо основен критериум да им биде тоа играчката да биде наменета за возраста на детето и за да ја разбуди неговата фантазија.

Игра без доминација

Детето од своите родители очекува да си играат со него, но не и да доминираат во играта. Тоа значи дека не смеете да се поставувате во положба на „сезнајкото“ – така ќе го обесхрабрите детето и ќе ја „убиете“  желбата за игра во него.

На пр., ако со синот си играте со автомобилчиња, нека вашиот „натпреварувач“ загуби во трката. Предложете му да тргне со автомобилчето на далечен пат, па ќе видите дека детето веднаш  ќе се најде во џунгла или на некое возбудливо сафари. Или, ако играте „Не лути се, човече“, поттикнете го детето, не го потценувајте и не го понижувајте.

Какви играчки да изберете?

Познато е дека играчките се основно средство за игра на малечките. Иако играчките не се неопходни за добра забава, секогаш се присутни во детската фантазија и така стануваат неопходен дел од играта. Ракувајќи со играчките, децата стекнуваат скапоцено искуство – доаѓаат во контакт со предметите што им се забранети во светот на возрасните – пластични садови, автомобили, мебел.

Така „малата продавачка“ ќе отчукува на „касата“ во „продавницата“, додека малиот „доктор“ ќе им даде пластична „инјекција“ на сите што ќе наминат во неговата „амбуланта“.

Постојат многу играчки што децата можат да ги користат. Тоа не мора да се играчки што се купуваат во продавница. Детето секој предмет што ќе му падне во рака ќе го претвори во играчка (чаша од јогурт, лажиче од сладолед, различна амбалажа…), а за да почне со нив да си игра, доволно е само да ја употреби својата фантазија и вие да го поттикнете на тоа.

Најдобрите играчки се тие што ја поттикнуваат фантазијата кај детето и што прават да биде креативно и активно. Играчките што „свират“, „врескаат“, служат само за гледање и го ставаат детето во пасивна положба, во улога на набљудувач и го „задушуваат“ неговото интересирање за играта.

На пример, ако на двегодишно дете му купите електричен воз што оди во круг, вие го составите и потоа го поттикнете да „се воодушевува“ од возот и од вашата умешност…

Поставете си себе си две прашања: „Дали играчката си ја купивте за себе?“ и „Дали навистина мислите дека на детето му е интересно да го гледа возот што оди во круг, а притоа тоа воопшто да не учествува во играта?“.

Игри според возраста на детето

– Возраст до една година:

Играта на „криенка“ (мама се крие и ненадејно се појавува) е играта „каде е бебето?“ (мама му става крпа на главата на бебето, па ќе ја тргне) и сл.

Звучните игри со тропалки или со клучеви го свртуваат вниманието поради звукот или со јаката боја.

– Возраст од една до две години:

Игра со пластични садови со различен облик (сад во сад); игра со топка или со балон (фрлање и подавање), игра со кадифени играчки (секоја играчка има свое име и се “дружи“ со своите кадифени другарчиња), читање бајки…

– Возраст од две до три години:

Сложување коцки; правење „гаража“ или „куќичка“ за кукли, игра со сликовници (кое е ова животно и како се огласува); правење фигури од пластелин или глина, боење ликови од боенки, читање бајки…

– Возраст од три до четири години:

Сложување коцки; игра со топка, со јаже или со хулахоп, едноставни игри како „домино“ или „игри на паметење“; игри на погодување; посложени игри со топка; употреба на различни алати, цртање, боење…

Текст: Б. Стојменовиќ

Фото: Getty Images, Pixabay

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.