СТРЕС КАЈ ДЕЦАТА: кога е штетен, а кога корисен

Дека хроничниот стрес го оштетува мозокот на детето – тоа го знаат сите родители. Тоа е како да се обидуваш да одгледаш цвет во тесна саксија. Постојаниот стрес ги ослабува психата и здравјето на детето. Но не влијае секој стрес исто на детето. Постојат три основни типа на стрес: позитивен, толерантен и токсичен. Значи, кој стрес е штетен за децата, а кој може да биде корисен за нив?

Позитивен стрес

Ќе почнеме со т.н. добар стрес, кој е дури и позитивен. Имено, овој вид стрес го мотивира детето да ризикува и да постигнува одлични резултати. Не е тешко да се замисли мало дете што се вознемирува пред настап или натпревар. Тоа е несомнено стрес, но се заменува со силно чувство на задоволство и гордост.

Позитивниот стрес може да се нарече радосна возбуда или претчувство на уживање. Ако возбудата не е премногу силна (нема притисок и нереални очекувања), тогаш тоа му помага на детето да даде сѐ од себе и да постигне добри резултати.

Децата што доживуваат позитивен стрес, пред сѐ, знаат дека сами можат да одлучат дали ќе настапат или не. Повеќето деца се упорни и се стремат да го постигнат својот целосен потенцијал ако знаат дека не се обврзани да го сторат тоа.

Значи, тие даваат добри резултати ако не се принудени, туку тоа е прашање на нивен избор. Во секој случај, таквата возбуда пред натпревар или настап е позитивен стрес.

Поднослив стрес

Поднослив стрес е друг вид на детски стрес. Ако не трае долго, тогаш исто така може да ја зголеми отпорноста на психата и да биде корисен за детето. Но многу е важно детето да добие поддршка од возрасните и да има време да се справи со проблемот. На пример, родителите се разведуваат и затоа повремено се караат.

Во исто време, и двајцата разговараат со детето, му ја објаснуваат ситуацијата, а скандали не се случуваат секој ден. Во тој случај детето има време да ги обработи работите и „да се освести“. Тоа е поднослив стрес.

Друг поднослив стрес за детето може да биде исмејување од врсници, но само ако не трае премногу долго. Условот е детето истовремено да го поддржуваат и охрабруваат возрасните што го сакаат и да бидат внимателни со него.

Научниците потврдуваат: малиот, дозиран стрес во детството помага да се развие отпорност на стресот за цел живот.

Во едно истражување студенти земале младенчиња од мајки стаорци, си играле со нив 15 минути дневно (што предизвикувало стрес кај малите стаорци), а потоа ги враќале кај нивните мајки, кои ги лижеле и галеле. Тоа го правеле во првите две недели од животот на глодачот.

Малите стаорци што ги земале накратко од нивните мајки подоцна покажале многу поголема отпорност од стаорците што цело време останувале во кафезот со своите мајки. Веројатно во такви ситуации, во детството, мозокот стекнува способност да се справи со тешкотиите, што создава основа за отпорност на стрес.

Токсичен стрес

И, на крајот, најстрашен е токсичниот стрес. Тој се дефинира како често или долгорочно активирање на механизмот на стрес во отсуство на поддршка. Токсичниот стрес предизвикува многу тешка вознемиреност или се повторува од ден на ден, т.е. има хроничен карактер.

Детето не добива поддршка од возрасните и не може да го контролира она што се случува. Му се чини дека нема шанси да ги одложи непријатностите или да го дочека нивниот крај.

Токсичниот стрес не го подготвува детето за реалниот свет, тој не го кали детето и не го зајакнува, туку ја поткопува неговата способност да стане успешно.

Фото: Getty Images

Ќе се вратиме на гореспоменатото истражување за стаорците: кога не ги земале од мајка им 15 минути, туку три часа дневно, тоа им предизвикувало таков стрес што по враќањето кај мајката, тие не реагирале на неа. Таквите стаорци до крајот на животот потпаѓале под влијание на фактори на стрес.

Од сето ова, може да се извлече еден заклучок: во секоја стресна ситуација, детето мора да добие поддршка од возрасните и да има време да закрепне по стресен настан, за да почне повторно да чувствува дека има контрола над својот живот.

Текст: Руски доктор

Фото: Getty Images, Pixabay

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.