Растење под стаклено ѕвоно

Најважно е да не се фокусирате на „сестрано развивање“, туку на детето да му дадете можност да избере со што сака да се занимава

Фото: Getty Images

Повеќето современи родители ја вложуваат целата своја сила во воспитување и развој на своето чедо. На прв поглед тоа е насочено исклучиво за доброто на детето. Меѓутоа, родителите понекогаш не забележуваат дека претераната грижа за децата создава ефект на стаклено ѕвоно и ги лишува од можноста сами да се развиваат.

Благодатите на цивилизацијата

Денешните деца живеат во некој друг свет на добра. Многу нешта што порано не беа достапни сега станаа вообичаени. Но им оди ли тоа секогаш во корист? Изгледа не им оди. Според мислењето на психолозите, напредокот не им донел само предности туку и нови проблеми.

Не многу занемарлива улога овде играат разните современи лични помагала, како што се непропустливите пелени, цуцлите, а подоцна – телевизорите и компјутерите. Меѓутоа, не е сѐ толку едноставно. Секое дете ги решава своите проблеми на основа на претходно искуство. А што се случува ако тоа искуство подразбира само „разговор“ со телевизорот или компјутерот, а грижата за уредноста сосема изостане? Таквото дете постепено се навикнува да ги решава проблемите на најкраток начин, станувајќи мрзливо, неодговорно, без потреба и умешност да разговара… А што да се очекува ако и самите родители сакаат максимално да го олеснат воспитувањето на детето, за што е потребно големо трпение и посветеност.

Под стаклено ѕвоно… без топлина

Многу иновации во воспитувањето на детето се смислени заради удобноста на родителите, бидејќи не се сите подготвени својата енергија да ја насочат на развојот на детето. Меѓутоа, развојот не доаѓа сам по себе! На детето му е неопходна комуникација со блиски луѓе. Компјутерот и телевизорот даваат само илузија на самостојност, но овие уреди немаат моќ да му подарат на детето чувство на душевна топлина. Родителите треба да запаметат дека „благодатите на цивилизацијата“ – се само замена, која не треба да стане главен извор на животното искуство на детето.

И другата страна…

Постои и сосема спротивна крајност. Тоа се оние родители што се цела сила се трудат да го стимулираат развојот на своите деца. Меѓутоа, се случува развојот на едно да оди на штета на друго. На пример, развивајќи ги интелектуалните способности на детето, родителите го испуштаат од вид развојот на елементарните животни и социјални навики. Затоа не е реткост детето да знае да свири на клавир и да пресметува напамет, но да не знае да заврзе врвки или не наоѓа заеднички јазик со другите деца. Излегува дека „билката од стакленикот“ е слабо приспособлива на реалниот живот. Таквото дете од раното детство било опкружено со преголема грижа и внимание, заштитено од неудобноста и непријатните судири со стварноста.

Преголемата грижа често е манифестација на стравот на родителите за своите деца („Тој е многу болешлив, слаб…“, „Доволно е да дувне ветре и тој да настине…“ итн.). Со ваквиот став родителите својата анксиозност ја пренесуваат и на детето, кое почнува да верува во тоа што се зборува за него, па станува несигурно за својата моќ. Растејќи, таквото дете очекува други да прават сѐ за него и проблемите да се решаваат без негово учество. Меѓутоа, порано или подоцна, човекот се среќава со несовршеноста на светот, соочувајќи се со своите проблеми. И колку подоцна се случи тоа, толку адаптацијата ќе биде потешка. Но треба да го знаете го и тоа дека не треба да се оди во другата крајност и буквално многу млади да се „пуштат“ во светот. Тоа исто така не носи ништо добро. Потребно е постепено да се подготвува детето на тоа што го чека во надворешниот свет. Имитирајте со децата одредени околности и во играта претставувајте ситуации со кои се може да се судри.

ИДЕАЛНО ВОСПИТУВАЊЕ

За идеално воспитување се смета кога на детето ќе му се создадат оптимални услови за развој. Децата чиј развој се стимулира и охрабрува може да имаат поголем успех во иднина. Меѓутоа, не треба да се заборави дека секој човек има свој пат во животот и дека колку ќе биде успешен зависи од неговите карактеристики. Најважно е да не се фокусирате на „сестрано развивање“, туку на детето да му дадете можност да избере со што сака да се занимава.

Извор: Руски доктор

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.