Прочитајте ја искрената исповед на нашата соработничка: „Моето дете е дијабетичар“

Првото ѕвонче

Дијабетесот кај децата често се дијагностицира дури во состојба на преткома или кома. А тоа значи дека веќе страдаат внатрешните органи, мозокот, може да се влоши видот… Затоа е важно болеста да се забележи на самиот почеток.

Животот ни зададе удар што не го очекувавме. На нашиот тригодишен син му беше откриен дијабетес тип 1 (во тој случај, панкреасот постепено престанува да произведува инсулин, па затоа е потребно тој да се воведува).

Сè започна со обична настинка. Уште тогаш на мојот сопруг и мене ни се чинеа чудни рацете на детето: дланките одеднаш станаа суви и збрчкани како кај старец, а по некое време кожата на јаготките беше сосема излупена. Дерматологот не ни објасни ништо, само ни даде хормонална маст и рече дека промените на кожата ќе поминат за неколку дена. Текстот продолжува по огласот…

Тоа не се случи – решивме да го однесеме детето на анализа на крвта. Првото нешто што го забележавме беше покачено ниво на шеќер во крвта. Вредностите, се разбира, не беа огромни, но се исплашивме. Отидовме во болница, каде што детето веднаш го хоспитализираа. Се покажа дека станува збор за дијабетес.

Многу повеќе за дијабетесот кај децата можете да прочитате во специјализираното списание за здравје „Руски доктор“

Причина кај гените

Долги години си го поставував истото прашање: од каде тоа кога никој од нашите најблиски не страдал од оваа болест? Но лекарот ни рече дека, за жал, многумина од нас дури и не знаат од какви болести страдале нашите предци. Дури и ако некој од подалечните роднини (на пример, прабаба, подалечна тетка…) имал тип на дијабетес за кој е потребен инсулин, тоа значи дека генот за таа болест постои во нашето семејство.

Сепак, кога и кај кого ќе се манифестира, не може да се знае. Потоа истражувавме и ни стана појасно – таткото на мојот сопруг добил дијабетес тип 2 на 50-годишна возраст.

И јас отидов во школа

Кога некој човек (ако станува збор за дете, тогаш родителите) прекуноќ дознава за дијабетес од кој било тип, тој мора што поскоро да научи да се справува со најважното – да го контролира. Во некои болници и здравствени центри има дури и школи за дијабетичари, каде што пациентите се запознаваат со болеста и новиот начин на живот.

Пред да одам таму, направив список со прашања за лекарот. Секогаш ја носев тетратка со себе за да ги запишам сите потребни информации. На часовите тие зборуваа за тоа што е дијабетес тип 1 и како да се држи под контрола. Сфатив дека основната задача што стои пред мене е да го зачувам и зајакнам здравјето на мојот син.

Прво набавивме апарат за мерење гликоза. Потоа нè учеа кога, како и каде (во бутот, задникот, стомакот, во делтоидниот мускул на рамото) да ги даваме тие инјекции. Со ендокринологот направивме неделен план на исхрана.

Во школата исто така ни објаснија и како правилно да водиме дневник со резултатите од мерењата: шеќер во крвта, време и траење на физичката активност, исхрана итн. Тоа дава можност да се коригира терапијата. Исто така дознав и како да ја поделам дозата на инсулин на единици зрна. Научив и што е хипогликемија и како да се борам против неа.

Моите навики му ги подредив на син ми. Од тој ден не дозволувам детето да нѐ фати со табла чоколадо, кое тоа не смее да го јаде. Јас и сопругот направивме специјални „картички за дијабетичари“, кои ги стававме во џебовите на јакните на нашиот син, за другите да знаат како да му помогнат доколку има непредвидена ситуација или криза.

Во школата исто така се обрнува внимание на превенцијата од компликации од оваа болест. На дијабетичарите им се препорачува да обрнат посебно внимание на личната хигиена и чистотата дома. Се работи и со психолог.

Уште сега, според нивните препораки, му објаснуваме на нашиот син дека не е инвалид, туку дека има само различни животни навики. Ова е многу важен аспект, бидејќи се случило врсници ненамерно да затрујат девојче што било дијабетичар. Срамејќи се од својата болест, таа не си дала доза на инсулин и затоа паднала во кома.

Најважно е да не ги игнорирате информациите дека вашето дете има дијабетес и да не се откажувате од него! И со дијабетес може да се живее квалитетно. Во секој случај, ние правиме сè за нашиот син, тој секогаш ќе ја има нашата безрезервна поддршка.

Пишува: Марина Смегирева за „Руски доктор“

Фото: Pixabay

 

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.