Од каде потекнуваат детските стравови

Значителна улога во настанувањето на стравовите играат карактеристиките на детската психа, првенствено осетливоста. Родителите често, не размислувајќи за последиците, со некои воспитни мерки или, пак, со презаситеност предизвикуваат страв кај детето. Исто така, стравовите што мајката ги проживува додека го чека бебето може да остават трага на целиот живот на нејзиниот потомок

На детството најчесто се сеќаваме како на убав и среќен период. Но и на оваа возраст се можни одредени проблеми, грижи и стравови. Всушност во детската доба се поставуваат темелите на идната личност.

Многу фобии и комплекси потекнуваат токму од детството. За жал, светот на детските стравови е многу густо населен и ако за многу проблеми можеме да кажеме дека детето со текот на времето ќе ги надмине, што се однесува на стравовите – не можеме да бидеме толку сигурни. Детето расте, но и неговите стравови растат заедно со него.

Колку повеќе се развива неговата фантазија и се шири свеста за светот што го опкружува, станува посвесно за опасностите што демнат на секој чекор.

Последните години стручњаците бележат значителен раст на детските стравови, затоа е многу важно родителите да умеат да го препознаат тој страв и да му помогнат на детето да се ослободи од него.

Како се појавува стравот

Сите мали деца се плашат од нешто. Но, за жал, многу родители не се ни свесни за тоа. Тоа е многу опасна ситуација, бидејќи многу стравови поттикнуваат и самите родители, за децата подобро да ги слушаат. Еве само неколку примери:

* Родителите го покачуваат тонот плашејќи го детето со гласните крици и необичната интонација.

* Родителите се даваат себеси како пример, будејќи кај децата страв дека не се достојни на своите идеални родители.

* Ќотекот доведува до страв од болка и понижување.

* Некои родители директно го плашат детето: со духови, волци, или дури го заклучуваат во мрачна соба.

Според тоа, за да се ослободи детето од стравот, често е потребно внимателно да се анализира однесувањето на родителите. Токму како резултат на напната атмосфера во домот, судири меѓу родителите, кај детето се појавуваат тикови и енуреза (несвесно мокрење), страв да остане само или страв од мрак. Од друга страна, многу често стравовите ги прогонуваат и премногу заштитените деца.

Ако секој чекор на детето е проследен со внимание, тоа неминовно ќе почне да се плаши од сѐ околу себе. Значителна улога во настанувањето на стравовите играат и карактеристиките на детската психа. Значи, на стравови се поподложни децата што се осетливи и реагираат бурно. Ним задолжително им е потребна поддршка од родителите.

Исто така, никако не треба да се исмеваат детските стравови, за да не се изгуби нивната доверба. Најдобро е родителите сами да раскажат од што се плашеле тие во детството. Тоа ќе го смири детето и ќе му помогне да сфати дека со него не се случува ништо невообичаено.

Да го совладаме стравот заедно

За најефикасни начини за надминување на детските стравови се сметаат различни методи на игра. Во разиграната атмосфера децата не забележуваат дека ги надминуваат своите психолошки проблеми. Победувајќи го својот страв, детето се ослободува од негативните искуства фиксирани во потсвеста и во тоа всушност и е психотерапевтскиот ефект на терапијата со играм.

Терапијата со игра за надминување на стравовите може да ја поминат и самите родители со своето дете, земајќи предвид дека стварноста во играта мора да се комбинира со фикција. Таквите игри мора да бидат активна заедничка дејност на мајката и детето, а не досадна обврска. Задача на родителите е да направат сѐ за нивното дете желно да го очекува следното играње.

Во зависност од стравот што го мачи детето, одберете ја варијантата на играта. На пример, ако детето се плаши од мрак, можете да играте миженка во мрак, но никако не смеете да го плашите. За децата што многу се плашат од лекар ќе биде корисно да си играат доктор и пациент, притоа детето да биде докторот.

Пренатален страв

Повеќегодишни истражувања им овозможиле на научниците да дојдат до заклучокот дека стравовите и загриженоста што ги чувствува жената во текот на бременоста се пренесуваат и на плодот. Имено, мајката и плодот имаат еден крвоток, затоа секојпат кога мајката е загрижена, анксиозноста поттикната од хормоните се пренесува и на бебето.

Стравовите што мајката ги проживува додека го чека бебето може да остават трага на целиот живот на нејзиниот потомок, манифестирајќи се како страв од мрака, самотија или од затворен простор.

Текст: Убавина и здравје

Фото: Getty Images, Pixabay

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.