Како нè дефинира редоследот на раѓање во семејството

Фото: Guliver/Getty Images

Првата „етикета“ животот ни ја доделува уште во детството, одредувајќи ни ја позицијата на најстаро, средно или најмладо дете во семејството. Многу експерти велат дека тоа предодредено место влијае врз нашиот карактер и во голема мера се одразува врз нашиот живот. Факт е дека односот меѓу браќата и сестрите игра важна улога, но уште поважно е тоа што на крајот родителите се тие што ги уредуваат односите меѓу децата.

БОРБА СО ЉУБОМОРАТА

Важно е родителите да ги научат децата да примаат љубов и да бидат отворени да ги манифестираат емоциите. Детето уште во семејството добива капацитет за давање и за примање љубов и од тоа зависи дали ќе биде истрауматизирано и дали ќе се плаши од зближување и од врзување или ќе биде сосема слободно и отворено да стапува во односи со луѓето. Не е реткост првото дете да биде љубоморно кога ќе се роди второто. Но таа љубомора главно исчезнува кога во домот ќе пристигне третото малечко. Најстарото дете би требало да се гордее со успесите на другите деца во семејството, а има примери во кои второто дете е многу поуспешно од првото, но не постојат завист и љубомора. Родителите се тие што ги регулираат односите во семејството.

Фото: Guliver/Getty Images

Пред да се роди второто дете, првото го добивало целото внимание од родителите. Затоа е многу важно родителите да го вклучат најстарото дете во одгледувањето на новиот член на семејството. На тој начин се многу помали шансите за појава на љубомора и завист.

Кога во семејството ќе пристигне третото дете, тоа бара првото и второто да се вклучат во неговото растење и да им помагаат на родителите. Бидејќи е бебе и не загрозува некого, целосно е зависно од преостанатите членови на семејството, па затоа љубомората е многу помала. Поистакната е љубомората меѓу првото и второто дете затоа што се ривали.

Второто и третото дете се борат за вниманието на родителите на најразлични начини. Не им се допаѓа тоа што мора да ги наследуваат играчките и облеката и постојано го свртуваат вниманието на себе. Им седнуваат во скут на родителите, им трчаат во прегратка, се обидуваат да го прават она што го прават родителите. И самите знаете дека ако мајката го земе едното дете во скут, задолжително трчаат кон неа и другите две.

ТОВАРОТ ШТО ГО НОСАТ ЕДИНЦИТЕ

Децата што се родени како единци не се секогаш разгалени и себични, како што се мисли. Тие често носат голем товар врз себе затоа што родителите имаат големи очекувања од нив. Тие очекуваат да се остварат добро на сите полиња, бидејќи немаат друго дете со кое би можеле да ги компензираат евентуалните недостатоци, па единците можат да се чувствуваат одговорни да живеат во согласност со очекувањата на родителите. Не мора да бидат себични ако од мали научат да ги делат работите со другите деца од околината. Напротив, можат да бидат многу подарежливи од малечките што имаат браќа или сестри.

Разликата во годините на децата придонесува најголемата одговорност да падне врз плеќите на најстарото дете, а тоа може да биде голем товар за него, затоа што е одговорно за помладите браќа или сестри. Најчесто првородените деца стануваат грижливи луѓе што водат сметка за другите луѓе, настојувајќи да ги заштитат и да им помогнат. Кога станува збор за полот, тука најголемо влијание има воспитувањето.

Ако, на пример, најстарото дете е женско, а помладите деца се момчиња што имаат заштитнички однос спрема сестра си, јасно е дека родителите ги воспитале дека девојчињата имаат привилегирана положба. Сепак, работите не треба да се генерализираат, затоа што секое семејство е приказна за себе.

Од сето ова може да се заклучи дека редоследот на раѓање може да игра важна улога, но само таму каде што родителите не ја играат добро својата улога. Јас сум грижлива и одговорна личност како што се првородените деца, но исто такви се и моите помлади браќа, кои се грижат за мене исто како што и јас се грижам за нив.

Текстот продолжува на следната страница…

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.