Како нè дефинира редоследот на раѓање во семејството

Фото: Guliver/Getty Images

Првата „етикета“ животот ни ја доделува уште во детството, одредувајќи ни ја позицијата на најстаро, средно или најмладо дете во семејството. Многу експерти велат дека тоа предодредено место влијае врз нашиот карактер и во голема мера се одразува врз нашиот живот. Факт е дека односот меѓу браќата и сестрите игра важна улога, но уште поважно е тоа што на крајот родителите се тие што ги уредуваат односите меѓу децата.

Ако ме прашате дали е забавно да си најстарото од трите деца во семејството, ќе ви одговорам – зависи. Додека беа помали, и не ми беше забавно. Требаше сè да поминувам пред нив, да ги насочувам и да ги чувам додека тато и мама беа излезени во продавница. Но потоа пораснаа и ми станаа заштитници, па сега е многу поинтересно. И сигурно.

Првиот брат го добив кога имав две години, па и не се сеќавам како го доживеав неговото пристигнување во семејството. Мама вели дека процесот на прифаќање на новонастанатата ситуација бил бурен, но, за среќа, не остави некаква трага врз нашиот однос, напротив. Денес сме многу поврзани и слични во секаква смисла – физичка и психичка – така што сите мислат дека сме близнаци. Во еден период дури и работевме заедно. Не можам да кажам дека сè беше идилично, имаше и незгодни ситуации што произлегуваа од мојата преголема одговорност и неговата лежерност, но не беше нешто страшно. Сепак, брат ми и јас живеевме мирно сè додека наполнивме девет и седум години. Тогаш се соочивме со застрашувачката реалност – дека ни доаѓа уште едно бебе.

Се сеќавам дека родителите нè прашаа дали повеќе сакаме братче или сестриче. Јас посакав нова барбика, а брат ми мечтаеше по ново автомобилче на батерии. Но, наместо нив, го добивме нашиот прекрасен најмлад брат, карактерно сосема различен од нас, што може да ѝ се припише на големата разлика во годините. Многу работи што нè воодушевуваат мене и средниот брат, нему му се без врска. Не сака јавно да ги покажува емоциите, се сеќавам дека во средно училиште не сакаше да учи, за разлика од мене и од брат ми, а се плашевме и да не се фати со лошо друштво. Но, за среќа, не се случи ништо од тоа – затоа што родителите ни поставија цврсти темели изградени од љубов, кои не дозволуваа да се лизнеме.

Затоа тој не отиде во „проблематични“, туку во „полицајци“. И затоа денес не дозволувам да поминат ни два-три дена а да не си кажеме, макар и преку порака, „те сакам“. Врз основа на личниот пример, а тоа ќе го потврдат и голем број семејни терапевти, сè е онака како што ќе го постават родителите.

ДЕЦА ФАВОРИТИ

Фото: Guliver/Getty Images

Значи, семејството ги гради темелите во формирањето на личноста, емоционалната стабилност и чувството на самостојност. Ако се постават добро, се градат самостојни и силни личности врз кои средината тешко може да повлијае. Но, за жал, стабилните семејства со неконфликтни односи се малку на број. Продукт на таквите семејства се деца отпорни на сите можни влијанија од средината и лесно се приспособуваат при промена на средината.

Инаку, денес е многу тешко да се одгледуваат деца отпорни на влијанието на врсниците. Треба да се истакне дека нема ниту едно официјално истражување врз база на кое би можеле да се воспостават општи правила во врска со тоа како ги дефинира децата и односите меѓу нив редоследот на раѓање.

Најчесто се случува најстарото дете да биде и најодговорно, бидејќи му се доделува улогата да се грижи за браќата и сестрите, додека, пак, најмладото дете во семејството се бори за својата позиција во него, па затоа најчесто развива снаодливост и адаптибилност. Ги копира постарите браќа и сестри и многу брзо ги учи социјалните вештини од нив. И не само тоа, дури и знаењата од браќата и сестрите, кои тие ги стекнуваат на училиште, ги учи и ги усвојува многу полесно и побрзо од нив.

Најчесто, најмладото дете е привилегирано кај родителите, неретко разгалено, повеќе му се попушта, но затоа води жестока борба со сестрите и со браќата од опкружувањето.

Средното дете нема толку голема одговорност како најстарото. Не е оптоварено со својот редослед на раѓање онолку колку што се оптоварени најстарото и најмладото дете. Доста е неутрално. Но во односите можат да се вплеткаат личните афинитети на родителите. Постои можност родителот да го фаворизира детето што личи на него или она што е, на пример, машко.

Фото: Guliver/Getty Images

Машките деца и понатаму се фаворизираат во голем број семејства кај нас, а тоа во голема мера ја предодредува иднината на децата – може да се развие соперништво меѓу браќата и сестрите, кое може да трае до крајот на животот. Затоа е важно родителите да не фаворизираат некое од децата.

Иако мајките и татковците тврдат дека децата ги гледаат еднакво, сепак нивното однесување кон нив го покажува спротивното. Често знаат да бидат благонаклонети, понежни, повнимателни и подготвени да го сослушаат и да го разберат едното дете за разлика од другото.

Постојат семејства во кои таткото е задолжен за воспитување на синовите, а мајката за ќерките, но и такви во кои нема машки деца, па една од ќерките се одгледува како да е „машко дете“. Но тоа не е поврзано со редоследот на раѓање на децата.

Текстот продолжува на следната страница…

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.