Децата од богати земји имаат најмногу проблеми со тежината

Истражување открива

Премногу деца во најбогатите земји во светот немаат основно познавање на математика и читање и страдаат од ментални нарушувања и дебелина, објави во вторникот УНИЦЕФ.

Во извештајот на агенцијата рангирани се 41 членка на Европската унија и Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) според здравјето, вештините и среќата на децата. Данска, Холандија и Норвешка се на врвот, а Бугарија, Чиле и САД се на дното на списокот на земји со високи примања.

Во повеќето анализирани земји, околу 20 проценти од децата не се чувствуваат задоволни, покажува извештајот.

Најлоша е Турција со само 53 проценти од децата задоволни од својот живот, следни од Јапонија и Велика Британија. Литванија бележи најголем број самоубиства кај адолесцентите, додека Нов Зеланд и Естонија се на второто и третото место.

Во однос на физичкото здравје, секое трето дете е дебело или има прекумерна тежина, а овие стапки нагло се зголемуваат во јужна Европа.

Околу 40 проценти од децата на возраст под 15 години во богатите земји немаат основни математички способности и вештини за читање, повеќето во Бугарија, Романија и Чиле, соопшти агенцијата.

Извештајот се базира на податоци од пред пандемијата на коронавирусот, а УНИЦЕФ предупредува дека здравствената криза е дополнителна закана за благосостојбата на децата.

– Многу од најбогатите земји во светот, кои имаат ресурси да обезбедат среќно детство за секого, ги изневерија своите деца. Доколку владите не преземат итни и одлучни мерки за заштита на благосостојбата на децата како дел од пандемичниот одговор, можеме да очекуваме зголемување на сиромаштијата, посиромашно физичко и ментално здравје и понатамошно влошување на вештините на децата – изјави директорката на УНИЦЕФ, Гунила Олсон.

Прочитајте и: Кога на која возраст децата треба да одат во кревет?

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.