Детето тргна во градинка пред 1 месец, а сè уште плаче, ја турка чинијата и не сака да спие таму?

Маки во градинка

Најважно е да „не паѓате“ на солзите на детето и да сфатите дека сите видови отпор се минливи и – нормални

Помина речиси еден месец од кога вашето малечко тргна во градинка, а сè уште плаче, ја турка чинијата и не сака да спие таму. Нашиот експерт ни објасни дали навистина имате причина за загриженост или само се работи за преодна фаза во растењето на вашето малечко.

Детето неутешно плаче

Ако ви кажеме дека тоа е добро, веројатно ќе помислите дека сме се мрднале, но плачењето и одбивањето на детето да се раздели од мајка си е сосема очекувана реакција. Верувајте дека е многу потешко ако детето не реагира бурно, туку тивко страда во некое ќоше.

Што да правите? Пред сè, подгответе го детето за големата промена. Почнете да го оставате кај пријателката барем еден месец пред да го запишете во градинка. Тие разделби нека бидат кратки за да научи дека мама ќе се врати по него. Како и во сè друго, така и во овој случај важи правилото: добрата подготовка е половина завршена работа.

Одбива да јаде во градинка

И ова спаѓа во вообичаениот репертоар реакции на детето кога се одвојува од мајката и се приспособува на нова средина и луѓе. Повеќето деца во почеток одбиваат да јадат, но тоа е привремена појава што ќе исчезне штом малечкиот ќе ги види другите деца како јадат.

Што да правите? Прво и основно, не паничете! Ако вашето малечко ја турка чинијата, знајте дека сигурно нема да гладува. Доволно е дома да му уфрлите уште еден оброк. Пожелно е да поканите на гости некои негови другарчиња и заедно да ги послужите со јадење за вашето дете да научи да јаде во друштво.

Не сака да спие

Некои дечиња не спијат ни дома, а камоли во градинка. Проблем им е да се приспособат на ритамот и затоа во почеток одбиваат да спијат. Ни ова нема да остави посериозни последици врз детето, па затоа не мора да преземате ништо специјално, освен да поразговарате со детето и да го убедите, без покачување на тонот.

Што да правите? Не го карајте детето, не го споредувајте со другите деца и не му се потсмевајте со зборовите „гледаш, Маја редовно спие и јаде а ти не сакаш!“, бидејќи со тоа ќе постигнете контраефект. Наместо детето да се смири и да сфати дека во градинка се случуваат и убави нешта, ќе помисли дека токму градинката е виновна за вашата лутина, па ќе почне уште повеќе да се бунтува. Задолжително земете го и неговото омилено ќебенце, играчка или некој друг предмет со кој спие дома за полесно да се приспособи на новонастанатата ситуација.

Само полека и трпеливо!

Тргнете од себе: и вам ви е потребно одредено време да се приспособите во новото опкружување, па дури и кога станува збор за патување и летување, па така и на детето треба да му се дозволи да се бунтува заради престојот во непозната средина. Но таа средина ќе му биде непозната само првите десеттина дена, а потоа ќе почне да ја доживува како нешто негово. Не се ретки случаите детето што првите недела-две жестоко му се спротивставувало на одењето во градинка, еден ден да ѝ каже на мама: „Не ме следи, го знам патот!“

Најважно е да „не паѓате“ на неговите солзи и да сфатите дека сите форми на отпор се сосема нормални. Повторувам, не е добро ако детето влезе во градинка без отпор, со спуштена глава и со тага на лицето, бидејќи тоа е најдобар израз на страдање, кое многу потешко се елиминира од бурните реакции. Бидејќи е полесно да се спречи отколку да се лекува, и приспособувањето во градинката ќе помине многу полесно доколку навреме го подготвите детето.

Исто така, кога се разделувате никако немојте да му давате лажни ветувања (одам по леб, веднаш се враќам; ќе ти купам чоколадо ако не плачеш); немојте да се криете од него и да го оставате без да се поздравите. Наместо тоа, насмевнете му се, прегрнете го, бакнете го и вратете се по него во договореното време. Кога детето ќе сфати дека се придржувате до даденото ветување и дека тоа се повторува од ден на ден, ќе го прифати новиот распоред и ќе престане да се бунтува. Отприлика, тоа ви е исто како кога ќе тргнете на фитнес и ќе го надминете почетното воспаление на мускулите. До тој миг сè е тешко, но потоа не можете без „слатките маки“.

Текст: Тамара Богунова

Фото: Pixabay

 

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.