7 лекции што секоја мајка треба да му ги пренесе на своето дете во тинејџерските години

Секој родител треба да го прочита ова

Научете како да му помогнете на вашето дете навреме да препознае манипулативно однесување и соодветно да реагира во тинејџерските години

Инцидентот на брутално насилство врз девојче од Аеродром длабоко ја потресе македонската јавност. На социјалните мрежи се покренаа разни дискусии околу тоа кој е виновникот за ваквите случаи: родителите, образовниот систем, општеството, интернетот…? Лесно е да се впери прстот во едно нешто, но коренот на проблемот најчесто е многу подлабок одошто мислиме.

Ваквите инциденти не се ретка појава ниту кај нас ниту во светот, па, за жал, многу деца се соочуваат со врсничко насилство во најкревките години, затоа што не знаат правилно да се постават во одредени ситуации.

„Еден ден ќерка ми се врати дома и се обиде да ми објасни дека другарка ја повредила. Но, кога ми ја раскажа целата ситуација, испадна дека на крајот токму таа ѝ се извинила. Не можеше да ми објасни како се случило тоа. Само знаеше дека по разговорот се чувствувала уште полошо.

Во тој момент сфатив дека не сум ја научила доволно. Не како изгледа манипулацијата од страна, туку какво е чувството кога ти се случува во моментот – од некој што го сакаш и кому му веруваш.“

Затоа, ова се неколку навидум безопасни однесувања што секој тинејџер треба да научи да ги препознава.

1. Предизвикување чувство на вина

Реченици како: „Да ми беше вистински пријател, ќе го направеше ова“ се еден од најчестите облици на емоционална уцена.

Добар одговор е: „Ми значиш, но мојот одговор и понатаму е – не.“

2. Притисок да донесеш одлука веднаш

Манипулацијата често доаѓа со чувство на итност: „Одлучи веднаш. Да или не?“ Во таква ситуација детето треба да знае дека има право да каже: „Ми треба време да размислам. Ќе ти кажам подоцна.“

3. Навреда претставена како шега

По навредлив коментар често следува: „Колку си чувствителен/чувствителна. Само се шегував.“

Ако детето се почувствувало повредено, важно е тоа јасно да го каже: „Можеби ти беше шега, но мене не ми беше воопшто смешно.“

4. Лажна криза

Најљубезните тинејџери често стануваат мета затоа што не сакаат никого да разочараат.

Ако некој каже: „Само ти можеш да ми помогнеш“, детето може мирно да одговори: „Сакам да ти помогнам, но не на овој начин.“

5. Споредување со другите

Често ќе слушнат: „Сите го прават тоа. И тој/таа веќе се согласи.“

Наместо да попуштат под притисокот, можат да кажат: „Јас не сум сите. Тоа не е нешто што сакам да го направам.“

6. Молчењето како казна

По расправија или недоразбирање, некои луѓе намерно престануваат да комуницираат и се однесуваат студено за да го казнат другиот.

Во таква ситуација детето може да каже: „Ќе бидам тука кога ќе бидеш подготвен/подготвена нормално да разговараме.“

7. Префрлање на вината

Некој ќе го повреди вашиот тинејџер, тој ќе се обиде да објасни што го заболело, а на крајот ќе испадне дека токму тој се извинува.

Психолозите ова го нарекуваат модел „негирај – нападни – претстави се како жртва“ (познат и како DARVO). Тоа е тактика во која лицето најпрво го негира своето однесување, потоа ја напаѓа другата страна и на крај ги заменува улогите, претставувајќи се себеси како жртва.

Во таков случај детето треба да знае дека има право да каже: „Нема да се извинувам затоа што ме повреди тоа што го направи.“

Да кажеш „не“ не значи дека си лош човек

Важно е тинејџерите да разберат дека да разочараш некого не е исто што и да го повредиш.

А ако едно пријателство не може да преживее едно искрено „не“, тогаш тоа само по себе кажува многу за квалитетот на тој однос.

ФОТО: Bence Halmosi / Unsplash

Прочитајте и

Убавина и Здравје користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Ќе претпоставиме дека сте во ред со ова, но можете да се откажете ако сакате. Прифати Дознај повеќе