Фит-мама: Вежбање по породување

Бидете вити и здрави

Фит-мајката Мери Амбросова ги сподели своите искуства

Колку време треба да помине по породувањето за да се вратите на вежбање, кои вежби се најдобри и на што треба да внимавате – објаснување за сите недоумици на оваа тема побаравме од Мери Амбросова, авторка на блогот mojafitnessmama.com.

Назад на тренинг! Кога?

Најважно е како се породила мајката, дали природно или со царски рез. Доколку се породила природно, може да почне со вежбање штом целосно ќе заврши крвавењето. Ако, пак, станува збор за царски рез, дозволата од лекар е задолжителна, а најчесто треба да поминат 3-6 месеци. Оптимален период и за мајката и за бебето е кога бебето може само да ја држи главата и мајката може да вежба со него. Секогаш нагласувам да се вклучи и бебето во вежбањето доколку е можно, бидејќи така дополнително ќе придонесете за неговиот развој.

Знаете што е дијастаз?

Пред да почнете со какво било вежбање, особено ако сè уште не поминале осум месеца од породувањето, мора да се провери колкав е дијастазот. Дијастаз е растојанието помеѓу двата централни стомачни мускули (десниот и левиот). Од дијастазот зависи какви вежби можете да правите. Доколку имате голем дијастаз, не смеете да правите класични стомачни вежби, бидејќи така ќе си ја загрозите вашата здравствена состојба. Исто така, доколку не го намалите навреме, ќе имате проблеми со ‘рбетниот столб. Поради тоа што јас имав голем дијастаз и немаше кој да ми ја чува Марта, посетив програма за вежбање со бебе, со акцент на дијастазот. Кога ги видов резултатите, се обучив за фитнес-инструкторка за вежбање по породување и, во соработка со нутриционистката Слаѓана Јарчевски, ја направив програмата „Маратон со бебе“, која може да се најде на мојата веб-страница.

Прва помош против опуштено стомаче

Најдобро е пред да забремените да дадете максимум од себе за да имате рамен стомак и што посилни стомачни мускули, да консумирате хранливи оброци за време на бременоста, а по третиот месец од бременоста да се вклучите во групни тренинзи за трудници. Сепак, ова не значи дека нема да имате стомак по бременоста. Најголемо влијание имаат гените, но со исхрана и со вежбање може да им се спротивставите. За рамен стомак најважна е исхраната, бидејќи стомачни мускули се прават во кујна и со помош на калориски дефицит. Потоа, се препорачуваат тренинзи за цело тело, а не само стомачни вежби.

Изговори и митови

Можам да ги разберам жените што велат дека немаат време. Кога бебето е малечко, навистина нема време. Но подоцна, мора да ја ставиме грижата за себе на прво место, а на приоритетна листа да се најдат готвењето и вежбањето. Кога ќе поставиме приоритети, лесно може да најдеме време за нив. Освен тоа, многу мајки добиваат погрешни совети од околината дека ако почнат да вежбаат, ќе им се намали млекото. За количеството на млекото најважни се сонот, одморот на мајката, количеството на водата што се внесува, правилната исхрана, како и тоа мајката да не е под стрес. Вежбањето може да ја подобри состојбата на мајката и досега сум имала случаи само кога лактацијата била зголемена.

Може ли телото да изгледа исто како порано?

Јас бев многу тежок случај. Се поправив 25 килограми во бременоста, а Марта се роди во 38-та недела и беше 3,8 килограми тешка и 52 сантиметри висока, а јас немам многу крупна градба. Поради тоа и гените, имав дијастаз од 3,5 прста, кој не можеше да се собере подолго време. По шест месеци вежбање, се вратив во истата форма што ја имав пред да забременам, а по 10 месеци имав и подобро тело од претходно. Не грижете се за изгледот на телото по породување. Со труд и правилна исхрана, ќе имате подобро тело одошто сте имале пред бременоста.

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: Приватна архива

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.