Разговор со д-р Амела Цана: „Оралната хигиена е основа за здрави заби и здрав организам“

„Во стоматолошки клинички центар можат да се добијат сите стоматолошки услуги по највисоки стандарди и стручност“

Поразговаравме со д-р Амела Цана, директорка на Универзитетскиот Стоматолошки Клинички Центар, „Свети Пантелејмон“, која ни откри нешто повеќе за себе, за центарот и за одржувањето на здравјето на забите.

1. Сакаме да слушнеме нешто повеќе за Д-р Амела Цана, како би се опишале себеси?

Интересно прашање за кое може да се зборува многу, но   јас ќе Ви дадам  концизен одговор. Приватно –  жена, сопруга, мајка, сестра, пријател, другар. Професионално, тимски играч и ентузијаст. Имам свои таленти и доблести, но како и секој човек имам и  несовршености. Се обидувам секој ден да  да работам на себе.

Надежта игра клучна улога во мојот живот. Сакам да им помагам на луѓето, се грижам за моето семејство, роднини, пријатели и познаници, но и за вработените во инститцијата со која раководам каде исто така преку тимска работа функционираме како семејство.

2. Сите живееме во доба каде го потценуваме функционирањето на здравствениот државен систем, на кој начин Универзитетскиот Стоматолошки Клинички Центар – Свети Пантелејмон ги побива овие тврдења?

Ова е тема за која малку се апсолвира а треба поширока дебата.  Не само стоматолошката дејност, туку и во сите сегменти на здравствениот систем   се наметува  мислење дека приватниот сектор е тој кој дава квалитет. Јас не  ја спорам нивната работа, но одговорно тврдам дека јавното здравство има квалитет. Првенствено, затоа што системски е поврзано со образовниот систем, тука се специјалисти, професори творци на научни трудови.  Затоа им препорачувам на граѓаните да не губат доверба во здравствениот систем на државата. Треба приоритетно да внимаваат на превентива и навремено дијагностицирање, што е основа да се сочува личното здравје.

3. Дали сметате дека луѓето во Македонија доволно се грижат за својата орална хигиена или ни недостига дополнителна едукација?

Оралната хигиена е основа за здрави заби и здрав организам. Оваа навика треба да се стекне од рана возраст. Некои наши пациенти кои малку задоцниле тоа го осознаваат кога ќе дојдат во фаза на поинвазивен треман на забите, но не се откажуваат. Таквата состојба пак ги поттикнува да ги советуваат своите деца, внуци, блиски, да не направат иста грешка.  Наше согледување е дека последнава деценија имаме напредок на глобално ниво кај популацијата во однос на грижата за оралната хигиена, што се смета за успех.

4. Во просек колку пати годишно треба да го посетиме нашиот стоматолог, која е Вашата препорака?

Постои некое универзално правило според кое заболекар треба да се посетува еднаш на шест месеци. Но, ако имате проблематични  заби,  препорачливо е почесто да  посетувате стоматолог. Колку често одите на забар, исто така, зависи од вашата возраст. Децата чии трајни заби штотуку израснале треба да се испитуваат двапати годишно затоа што забите се најчувствителни и најподложни на оштетување во овој период.

Понатаму во текот на животот, редовноста на посета на стоматолог ќе зависи од Вашето општо здравје, какви лекови консумирате, дали сте во друга состојба, какви се вашите навики во исхраната и слично. Вашиот животен стил влијае на квалитетот на забите и треба да го имате предвид тоа.

Ако сте подложни на проблеми со непцата, кои сè уште лесно предизвикуваат проблеми со самите заби, погрижете се да одите на прегледи на секои три до четири месеци. Потребни се почести прегледи за страсните пушачи, дијабетичари, бремени жени и орални контрацептиви, бидејќи сите овие можат да предизвикаат проблеми со непцата.

5. Какви се услуги можат да се добијат во Универзитетскиот Стоматолошки Клинички Центар?

Во стоматолошки клинички центар можат да се добијат сите стоматолошки услуги по највисоки стандарди и стручност. Од прв преглед, рентген снимка до стоматолошка интервенција од сите специјалности, се на едно место.

Центарот  има 7 клиники, РТГ оддел, имплантологија, оддел за анестезија и реанимација во рамките на Клиниката за детска и превентивна стоматологија како и изолиран приемен оддел за пациенти заболени до инфективни заболувања.

6. Која е Вашата порака за нашите читатели на Убавина и Здравје, што Вас Ве прави да се чувствувате убаво и здраво истовремено?

Повелете во стоматолошкиот клинички центар. Во пријатна атмосфера, со целосна посветеност, заедно ќе ја достигнеме посакуваната цел: Вие ќе имате поубава насмевка, а ние ќе бидеме задоволни сме што учествувавме во нејзиното создавање.

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.