Предимплантациско Генетско Тестирање (PGT) на ембриони во Њуборн Клиник

Лабораторијата на Њуборн Клиник ја поседува целата опрема за безбедно извршување на оваа техника

Њуборн Клиник има софистицирана ин витро лабораторија која е опремена со целокупна апаратура за извршување на сите ИВФ техники и методи.

Тоа што е актуелно во нашата лабораторија во последниот период е предимплантациско генетско тестирање (PGT) на ембриони. Тоа представува генетско испитување на ембрионите пред да бидат внесени во матката на жената со цел да се добие здрав плод.

Лабораторијата на Њуборн Клиник ја поседува целата опрема за безбедно извршување на оваа техника. За да се изведе оваа постапка потредбно е парот да направи ин витро оплодување, што би значело пациентката да се стимулира со хормонска терапија со цел да се добијат повеќе јајце клетки и нејзиниот партнер да остави семен материјал.

Јајните клетки и сперматозоидите се обработуваат и се оплодуваат со ICSI метода (еден сперматозоид се вбризгува во една јајна клетка). Така оплодените јајни клетки се оставаат во посебни инкубатори да се развијат во ембриони до третиот или петтиот ден. Целата постапка се изведува според природниот начин на оплодување, односто се имитира природниот начин на зачнување.

На третиот ден од развојот на ембрионите може да се изврши биопсија на ембрионот за да се направи предимплантациско генетско тестирање (PGT). Во оваа фаза ембрионите се поделени на 6 или 8 клетки (бластомери) и со биопсијата се извлекува една клетка која ќе биде генетски тестирана. Според генетското тестирање на таа клетка ќе знаеме дали ембрионот е здрав или има некои генетски аномалии. Здравите ембриони може да бидат вратени во матката на пациентката или пак да бидам замрзнати.

Предимплантациско генетско тестирање (PGT) на ембриони може да биде направено и на петтиот ден од развојот на ембрионот. На петтиот ден ембрионот треба да се развие до бластоцист што представува понапредна фаза од неговиот развој. Биопсијата може да се изведе со тоа што ќе се изолираат повеќе клетки (од 5-10 клетки) од трофектодермот на ембрионот. Изолираните клетки се испраќаат во генетска лабораторија од каде што се добива резултат за тоа дали ембрионот е здрав или пак има некои аномалии. Здравите ембриони се замрзнуваат и се враќаат во матката на пациентката наредниот циклус.

Предимплантациското генетско тестирање (PGT) на ембриони е инвазивна метода со која може да се тестираат само ембриони со добар квалитет во добро опремена лабораторија со искусен тим. Самата метода може да биде ризична за ембриони кои се со послаб квалитет и послаб потенцијал за развој со тоа што може да предизвика нивно оштетување.

Заради тоа, тимот на Њуборн Клиник ги следи новите истражувања во ова поле каде што се испитува можноста за генеско тестирање на медиумот во кој се наоѓа ембрионот. Секој ембрион додека е во лабораторијата се наоѓа во медиум кој му овозможува да се храни и соодветно да се развива. Во овој медиум ембрионот може да внесува нутриенти од средината но и да испушта метаболити кои не му се потребни како и ДНК. Подоцна ДНК од медиумот може да се изолира и генетски да се испитува со тоа што ембрионите ќе бидат заштитени и без ризик за нивно оштетување.

Во повеќе светски ИВФ центри оваа метода се користи рутинси затоа што го подобрува процентот на имплантација на ембрионот и успехот на ИВФ постапката со живо родено здраво бебе.

Во Македонија оваа техника не се употребува рутински туку само кај пациенти кои имаат потреба. Тоа се пациенти со повеќе неуспешни ин витро обиди, со повеќе абортуси, пациенти кои имаат некои генетски нарушувања и не сакаат да се пренесат на нивното потомство. Целта на предимпантациско генетско тестирање е побрзо да се оствари безбедна бременост со здрав плод.

Мимоза Аџи – Крстева
Шеф на ИВФ лабораторија

Newborn Clinic
Центар за плодност

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.