Не пропуштајте денес: Два настана на фестивалот „Eвропски приказни – приказни вредни за раскажување“

Правец во Јавна соба!

Издавачки центар ТРИ годинава за првпат го организира Фестивалот на европска литература „Европски приказни – приказни вредни за раскажување“, како заокружување на успешниот проект посветен на квалитетната литература која доаѓа од различни делови на Европа.

Водејќи се од желбата македонската читателска публика да добие квалитетен производ, од Издавачки центар ТРИ нагласуваат дека многу фактори играат важна улога во издавањето на една книга. Сакајќи да оствари повисоки стандарди во издаваштвото со издавање оригинални и квалитетни дела кои носат вистинска свежина, Издавачки центар ТРИ особено внимание посветува на изборот на дела што заслужуваат да се приближат до македонската читателска публика, изборот на стручни преведувачи кои ќе понудат квалитетни преводи, како и изработка на оригинални, авторски дизајни на корици.

Токму затоа Фестивалот на европска литература „ЕВРОПСКИ ПРИКАЗНИ – приказни вредни за раскажување“ беше отворен со изложба на дизајните на кориците од оваа едиција, изработени од македонски дизајнери кои аплицираа на конкурсот што го организира Издавачки центар ТРИ. Конкурсот беше отворен за сите дизајнери и илустратори кои сакаа да се вклучат во проектот „Европски приказни“ со свој авторски дизајн на корица.

Во пренесувањето на читателот од еден јазик во друг, од еден свет во друг, незаменлива е улогата на книжевните преведувачи. Токму затоа, во рамките на Фестивалот има две преведувачки работилници и предавања. Вчера беше одржана Работилница по превод и толкување со Наташа Сарџоска и предавање на тема „Те преведов или те предадов?“, а за денес се закажани:

17:30 ч. во Јавна соба – ПРЕДАВАЊЕ НА ТЕМА „РАЗМИСЛУВАЊА ЗА ПРЕВЕДУВАЊЕТО“ со проф. д-р Ирина Бабамова.

Проф. д-р Ирина Бабамова од Катедрата за романски јазици и книжевности и Катедрата за преведување и толкување при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ ќе одржи предавање на тема Размислувања за преведувањето. Мото на предавањето е мислата на Умберто Еко: Преведувањето е јазикот на Европа.

Опфаќајќи три поврзани целини преку кои ќе бидат претставени размислувања за преведувањето од аспект на преведувачката теорија и практиката, проф. д-р Ирина Бабамова ќе се осврне особено на три теми:

– француски и франкофонски теориски пристапи за преведувањето,

– ставови за преведувањето на познати дејци на полето на јазикот, книжевноста и семиотиката,

– практични пристапи кон преведувањето и преведувачки решенија од областа на книжевниот превод.

19:30 ч. во Јавна соба – промоција на романот „СНЕГУЛКИ“ И СРЕДБА СО ГРЧКАТА АВТОРКА КАЛИЈА ПАПАДАКИ. Промотор: Елизабета Баковска.

Калија Пападаки е грчка писателка која работи и како сценарист и професионален продуцент. Нејзините раскази и песни се вклучени во повеќе светски антологии и литературни списанија. Нејзината збирка раскази Шум во заднината наиде на добри критики и ја освои Наградата за нови писатели на грчкиот литературен весник Дијавазо. Нејзината трета книга, романот Снегулки (2015), беше избран за најдобар роман на грчкото списание Анагностис и ја доби Наградата за млад автор од грчкиот литературен весник Клепсидра. Овој роман во 2017 година ја доби Наградата за литература на Европската Унија.

Романот Снегулки е книга за копнежот, потребата на човекот да припаѓа некаде и покрај личните и колективните кризи, приказна за имиграцијата и потрагата по американскиот сон. Дејството на романот се одвива во кризните 80-ти години, во Камден, Њу Џерси, во заедница на емигранти кои, обидувајќи се да се вклопат во новиот живот, не можат да се ослободат ниту од корените на старите семејни стебла и од спомените на родните места. На тој начин, романот станува и потрага по идентитетот на човекот фрлен во еден нов, туѓ свет.

Од Издавачки центар ТРИ веруваат дека со првото издание на „Европски приказни“ ги поставуваат основите врз кои манифестацијата ќе се надградува со нови проекти, со повеќе издадени квалитетни дела и значајни авторски имиња од странство. Ова е само почеток на една културна приказна која има тенденција да прерасне во традиција и да стане значаен дел од културната мапа во нашата земја.

Текст и фото: ПР

 

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.