Ин витро постапка во време на пандемија на ковид-19

Пред да почнам со темата дали е безбедно да се прави ин витро во време на пандемија, да разјаснам некои факти, а тоа се: оваа пандемија, предизвикана од модифицираниот коронавирус од фамилијата болести САРС, е голема непознаница не само за обичниот туку и за високоспецијализираниот медицински свет.

Многу работи се учат тековно. Можеби ќе се направат и грешки, но, секако, подобро да се биде построг отколку релаксиран во однос на прогласената пандемија во интерес на спасување поголем број животи.

Со сите информации што ќе се добијат, за жал, по цена на многу животи, но и судбини, светот ќе почне поинаку да гледа на досегашните воспоставени вредносни системи и цврсто сум убедена дека ќе стане похуман и понесебичен и егоцентричен, а секако здравствените власти ќе бидат поподготвени за наредните пандемии, кои извесно ќе се случат, можеби и со пострашни последици.

Да се вратиме на прашањето дали е безбедно да се прави ин-витро во време на пандемија на болеста ковид-19.

Ќе ви ги пренесеме искуствата од страна на ESHRE, европско највисоко истражувачко тело за регулирање на третманите за стерилитет базирани на медицина што се темели на докази.

Според досегашните податоци добиени од Центарот за контрола на болести и превенција во САД, нема јасни индикации дека вирусот САРС КOВ-2 има негативни импликации врз бременоста.

Но, секако, треба да имаме на ум дека вирусните инфекции, генерално, може да бидат попроблематични за бремените жени, затоа што кај бремените жени имунитетот е физиолошки намален поради самата бременост, а исто така некои од антивирусните третмани не можат да се применат безбедно врз бремени жени.

Досегашните информации за породувања укажуваат на породувања со здрави новороденчиња, без знаци и докази за присуство на вирусот дури и кај заразени родилки, што значи вирусот нема вертикална трансмисија, т.е. не се пренесува преку постелката во самата матка, или преку вагинален секрет при спонтано породување.

Мора да се нагласи дека вирусот го „сака“ белодробното ткиво и е респираторен вирус. Досега нема докажано присуство на вирус во крвта и телесните течности, освен во носниот секрет, фарингеалниот секрет и во белодробното ткиво. Во крвта досега се најдени само антитела за вирусот, од групата на ИгМ и ИгГ.

Малиот број инфицирани новороденчиња, што не може да претставува правило, е можеби по капков пат на пренесување на инфекцијата по породувањето, од страна на претходно заразената мајка.

Досега се потврдени многу мал број предвремено породени пациентки, само три на светско ниво, кај мајки претходно докажани за присуство на вирусот САРС КОВ-2, но самата бројка нема никаква релевантна импликација да се сомневаме дека присуството на вирусот во назофарингеалниот секрет е причина за предвремени породувања или предвремено прскање на околу плодовите обвивки.

Исто така досега нема доказ дека вирусот има тератоген ефект врз раната бременост, т.е. дека е причина за поголем процент на спонтани абортуси во првите три месеци од бременоста.

Досега не се докажа присуство на вирусот во фоликуларната течност, вагиналниот секрет, утериниот секрет, ниту во семениот материјал или крвта на претходно докажано инфицирани пациенти.

Овие податоци се извлечени од дата-базата COHRANE од досегашните медицински рапорти за бременост и ковид-19.

Во секој случај, препораката на ESHRE, како и стандардите на работа на кои се базираме ние како клиника се:

Да се завршуваат сите претходно започнати циклуси во интерес на пациентите, доколку е можно криопрезервација на ембриони. Да се започнуваат само пациентки или двојки што имаат минимален ризик за компликации, како хисперстимулациски синдром, т.е. пациентки на кои времето им е многу важен фактор за успешноста на третманот, на пример жени со доста намалена оваријална резерва итн.

Се третираат веднаш онколошки пациенти каде што имаме потреба од итна презервација на фертилноста со замрзнување јајце-клетки или семен материјал, заради започнување хемотерапија или радиотерапија, или хируршко отстранување на органите на репродуктивниот систем.

Досега нема пријавено ризик за инфекција на гамети или ембриони со коронавирусот од страна на ин витро лабораториите или од самиот персонал.

Би сакала да нагласам дека Newborn Clinic има поставено многу висок критериум за превенција од ширење на инфекцијата со САРС КОВ-2, со преземање строги мерки за заштита на самиот персонал, а со самото тоа и заштита на нашите пациенти.

Мерките на кризен менаџмент во време на пандемија од ковид-19 се преземени многу пред да се прогласи вонредна состојба во државава и се објавени на нашата страница.

За крај би советувала:

СЕДЕТЕ ДОМА, НЕ ИЗЛЕГУВАЈТЕ БЕЗ ПОТРЕБА, САМО ВО СЛУЧАЈ НА СНАБДУВАЊЕ СО ХРАНА И СО ЛЕКОВИ, А ДОКОЛКУ ИМАТЕ ВИСОКА ТЕМПЕРАТУРА И КАШЛИЦА, НЕ ОДЕТЕ НА ЛЕКАР, ТУКУ ЈАВЕТЕ СЕ НА ТЕЛЕФОНИТЕ ИЗДАДЕНИ ОД ЦЕНТАРОТ ЗА ЈАВНО ЗДРАВЈЕ 071/289-614, 078/387-194 И СЛЕДЕТЕ ГИ НИВНИТЕ ПРЕПОРАКИ ЗА ПОНАТАМОШЕН ТРЕТМАН ИЛИ ИНСТРУКЦИИ.

Посакувам сите да излеземе што побрзо од оваа ситуација, здрави, како физички така и психички, и да продолжиме понатаму во свет променет на подобро!

Д-р Татјана Гуржанова, специјалист акушер, гинеколог и ИВФ-специјалист

Текст и фото: ПР

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.