Урбаниот изглед на Сандра Матеска: Немам проблем со тоа да се истакнувам од другите посетители на настан или забава

За инспирација при изборот на модните комбинации за топлата пролет се обративме кај Сандра Матеска, коосновачка на модното ателје „Пер семпре“.

БЕЗВРЕМЕНСКИ ИЗБОР

На секој што ме познава подобро, прво нешто што би му дошло на ум за мојот стил е костими и панталони во безброј варијанти. Кај мене може да се најдат во многу бои и кроеви за да можам да ги искомбинирам за каква било пригода со различни модни додатоци, за да се внесе потребниот карактер на целосниот изглед.

ДЕЛОВНА ЕЛЕГАНЦИЈА

Битно ми е деловните парчиња да се комотни, но наедно и елегантни, како и уникатни, за ги пренесам мојот карактер и аспирации преку стилот. Претпочитам еднобојна комбинација од сако, елече и панталони што се доста еластични, а ги комбинирам со обувки, чанта и понекогаш додаток во косата во разиграни бои, за да внесам креативност и позитива и целосно да се претставам себеси.

ОМИЛЕН МОДЕН ДОДАТОК

Јас сум доста практична при изборот на моите секојдневни комбинации, па додаток како една „кул“ чантичка, што внесува свежина и карактер на целиот изглед, ми е задолжително за доста брзо да ја доловам и изразам мојата креативната и смела страна.

ВПЕЧАТЛИВ ИЗГЛЕД

Во суштина немам проблем со тоа да се истакнувам од другите посетители на настан или забава, па редовно посегнувам кон посвечените макси-фустани што имаат барем некој детаљ што привлекува внимание. Како една од поомилените комбинации што прилегаат речиси на секаков вид настан е свилен макси-фустан со асиметрични елементи како продолжение на карактерот, со доза на суптилна елеганција.

СЕКОЈДНЕВНА УДОБНОСТ

Удобноста е нешто што ми е особено важно како што ми се натрупуваат обврските во секојдневието. Широко миди-фустанче е она кон што посегнувам одново и одново. Со него сите движења ми се овозможени и во ниеден момент немам потреба да се грижам за тоа како изгледам, затоа што не е припиено на мене и изгледа совршено во која било ситуација.

 

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.