Совети за полесен, побрз и поквалитетен шопинг… и поекономичен!

Значи, време е да научите каде и што можете да најдете!

Разновидната понуда козметички производи за коса и за шминка е голем предизвик, но истовремено може и да нè збуни и да ни го отежнува донесувањето одлуки при купување. За да не дојде до тоа, ви ги откриваме тајните на парфимериите

Повеќето од нас уживаат во купување производи за разубавување во големите супермаркети или во познатите синџири на парфимерии. Таму козметиката можеме да ја разгледуваме колку што сакаме, а притоа никој да не ни „дише во врат“.

Објективната предност на купувањето во големите парфимерии е што таму – освен што ја имаме слободата да разгледуваме – новитетите од светот на разубавувањето пристигнуваат со неверојатна брзина. При секоја следна посета, на рафтовите ќе забележите нешто ново. Истовремено, поради големото изобилие често не можеме да се фокусираме на она што ни е реално потребно, ниту пак да го избереме вистинскиот производ за нас.

Повеќето одлуки ги донесуваме на самото место, а дома обично се враќаме со куп непотребни производи. Значи, време е да научите каде и што можете да најдете!

1 Шминка

Почнете со онлајн-потрага. Повеќето познати брендови нудат неверојатно прецизни методи за одредување на соодветни нијанси на шминка на своите сајтови. Откако ќе го решите онлајн-тестот, испечатете ги препораките и понесете ги во шопинг.

Побарајте ги новитетите. Новите производи обично се секогаш истакнати на рафтовите на сите козметички брендови, па лесно ќе ги забележите. Тоа се однесува и на лимитираните козметички линии, врзани за одредена годишна доба. Доколку посебно ви се допаѓа одредена нијанса на сенка, моливче или на лак за нокти од сезонската линија, најдобро е веднаш да си обезбедите резерва. Бидејќи кога колекцијата ќе се распродаде, повеќето од тие производи нема да бидат достапни во продажба.

Избирајте пошироки палети. Кога ќе тргнете во потрага по нова подлога за лице, држете се за брендовите со широка палета на бои, бидејќи на тој начин ќе ја добиете онаа што ви одговара. Ако избирате помеѓу две приближни нијанси, определете се за онаа што е незначително потемна од вашата природна боја на кожа. (Секогаш можете да ја нанесете во потенок слој, што ќе ја осветли бојата, а вашето лице ќе добие потопол, исончан изглед.)

Ако веќе користите одредена подлога што ви одговара, но сакате да го смените брендот, земете го шишенцето во парфимеријата и споредете го со она што е во понуда. Овој начин на споредување е многу прецизен.

Избегнувајте (пре)евтина шминка. Никој не вели дека некој производ од оваа ценовна категорија не е добар, но речиси е правило дека не ги исполнуваат повеќето параметри за квалитет – избор на состојки, широка палета на бои, мал ризик од алергиски реакции…

На пример, моливчето за очи може да биде исклучително тврдо, па ќе ви се размачкува, или тешко ќе го отстранувате. Ако е возможно, тестерот испробајте го на надлактицата – за да ги проверите неговата тврдост и размачкувањето. Ако не сте сигурни, одлучете се за поскапи брендови чиј квалитет го гарантираат многубројни тестови.

Купувајте во чекори. Кога сте соочени со избор меѓу педесет маскари од различни произведувачи, прво стеснете го на категоријата водоотпорни и неводоотпорни, а потоа изберете боја и, накрај, намена – за погусти, подолги или за свиткани трепки. Ако ни тогаш не сте сигурни, купете маскара што трепките ги прави погусти, бидејќи секогаш можете прво да ги навиткате, а потоа и да ги продолжите со нанесување на втор слој од маскарата.

Земете ги гратис-пакувањата. Во парфимериите често можат да се видат гратис-пакувања (козметички производ+ еден или два на подарок – производи од ист вид), кои им се привлечни на муштериите поради ниската цена. Често се работи за сетови што содржат маскара, а бидејќи неа треба да ја обновиме секои три месеци, овој вид купување навистина се исплати.

2 Кожа

Бидете прецизни. Ако не сте сигурни што барате, тогаш свртете се кон производите на реномирани произведувачи.

Овие куќи ги изложуваат производите во јасни категории (борба со акни или со брчки, отстранување шминка, дневна и ноќна нега…) и според типовите кожа.

Оваа визуелно препознатлива категоризација ќе ви помогне да се фокусирате на она што ви е навистина потребно.

Купувајте во комплет. Одредени производи за нега се повеќенаменски (особено производите против стареење и оние за борба против акните) бидејќи се повеќекомпонентни, што значи дека треба да се користат заедно. Комбинацијата на нивните состојки им го засилува дејството, без ризик да се појави иритација.

Држете се до проверени производи против стареење. Дерматолозите тврдат дека при употреба на овие средства не постојат нуспојави доколку содржат проверено делотворни состојки, како што е ретинол. Затоа добро прочитајте го составот на амбалажата, и доколку ретинолот е меѓу првите пет состојки, тоа значи дека неговата концентрација е доволна да ја оправда ефикасноста на препаратот.

Уште една делотворна состојка во борбата со брчките е гликолна киселина (за ексфолиација), како и хијалуронска киселина, па препаратите што ги содржат се докажано ефикасни. Се разбира, секогаш купувајте препарати соодветни за вашиот тип кожа.

Истото важи и за препаратите за борба против акни. Рафтовите се полни со препарати што отстрануваат акни. За да се изборите со здодевните мозолчиња, побарајте средство што содржи салицилна киселина и препарат за чистење лице со 2,5% хидроген. Доколку страдате од акни по телото, користете гел за туширање со 10% хидроген.

Тестирајте го производот. Малите примероци од производите за нега или тестерите од декоративна козметика се секогаш корисни, бидејќи овозможуваат да ги проверите реакцијата на кожата, ефикасноста на препаратот или компатибилноста на бојата. Обично се наоѓаат во поголемите парфимерии и аптеки.

Создадете резерва со СПФ-препарати. Кога имате доста СПФ-препарати при рака, тогаш и редовно ќе ги користите. Сепак не претерувајте со количеството, бидејќи овие средства ја губат ефикасноста две години по отворањето.

Фото: Getty Images

3 Коса

Гледајте од десно налево. Муштериите обично рафтовите ги разгледуваат одлево надесно, покажуваат истражувањата. Новите производи и оние на реномирани производители предизвикуваат импулсивно купување – најчесто се на левата страна на полиците, додека артиклите од домашно производство или на парфимерискиот бренд се наоѓаат на десната страна или на долните полици. Рафтовите во ниво на очите обично се исполнети со артикли на најпознати брендови.

Бидете економични. Прегледајте ги долните полици на кои се наоѓаат ХХL-пакувања на шампони, регенератори или производи за стајлинг, кои често содржат и гратис-пакување. Правило е дека поголемите пакувања се поекономични, но ако внимавате да го потрошите количеството производ пред истекувањето на неговиот рок на траење.

Спротивставете му се на искушението од дополнително купување. На одделите за козметика во супермаркетите, покрај производите за коса, се наоѓаат и четки, чешели, шноли, ластичиња – за да ги намамат муштериите на дополнителен, често непотребен трошок. Затоа, пред да уфрлите некој од овие артикли во кошницата, запрашајте се дали навистина ви треба уште една четка.

Не купувајте универзални производи. Ако на некој производ пишува дека е за сите типови коса, или дека решава разни проблеми со косата, оддалечете се од него! Доколку користите специјализиран производ, кој санира само еден проблем со косата, тогаш резултатите ќе бидат забележливи.

Не мачете се со избор на шампони и на препарати за стајлинг. Објективно, не постои голема разлика помеѓу поскапите и поевтините шампони – сите ефикасно ја чистат косата. Кога станува збор за препаратите за обликување на косата (лакови, пени и спрејови за густина), тие не содржат скапи состојки, што значи дека се добри и поевтините.

Серумите за сјај на косата и оние за контролирање на кадриците што ги произведуваат парфимериите се уште едно корисно средство. Бидејќи содржат помало количество силикон од професионалните препарати, невозможно е да претерате со количеството, со што се намалува ризикот од таложење на препаратот на кожата на главата.

Подобро е да користите поразредени формули и постепено да им го зголемувате количеството – за постигнување на посакуваниот сјај на косата.

Големите шишиња заменете ги со помали. На големите шишиња шампони или гелови за туширање, кои долго стојат во туш-кабините, може да се создаде мувла. (Не е опасна за здравје, но грозно изгледа!). Затоа шампонот префрлете го во помали шишиња, кои ќе ги миете и сушите помеѓу две полнења.

Добро размислете пред да купите фигаро или преса за коса. Електричните апарати за коса, како што се фен, преса и фигаро, треба да бидат многу квалитетни, бидејќи ќе ги користите со години. За разлика од нив, топлите папилоти се со ист квалитет без разлика каде ќе ги купите. Сепак користете ги оние обложени со мек материјал, бидејќи нема да ја оштетат надворешната структура на влакното.

Текст: Н. Човиновска

Фото: Getty Images

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.