Чекорот на современата жена: Bellmondo by Pesovski

Модели на обувки со сопствен печат, кој се разликува од она што веќе го има на пазарот

Светлана Пешовска, сопственичка на брендот за чевли Bellmondo, долги години се занимава со производство на обувки за извоз. Работењето за исклучиво италијанскиот пазар, кој е синоним за квалитет, ѝ овозможи да учи од најдобрите во својата работа.

РАЃАЊЕ НА BELLMONDO

„Пред четири години се роди идејата дека е време и дека треба да почнеме со наше сопствено производство, да направиме наш сопствен финален производ, односно од идеја да дојдеме до финален производ, производ на кој ќе му дадеме свој печат и кој ќе се разликува од она што веќе го има на пазарот. Така се роди брендот Bellmondo. Поаѓајќи од тоа дека пазарот кај нас е заситен со обувки, буквално со секакви обувки, си го поставивме и прашањето: што можеме да понудиме ние? Она од што тргнавме е дека треба да бидеме малку поразлични од она што го има на пазарот, што беше и сè уште е нож со две сечива – дали да работиме секојдневни обувки или да играме на картата на малку поинтересен производ. Сепак одлучивме дека треба да понудиме впечатлив, интересен дизајн, интересни бои и  принтови на кожа, затоа што има жени што знаат што сакаат, што  знаат гордо да носат интересен дизајн, дизајн или боја каде што само чевлите се доволен детаљ за да му дадат на еден најобичен аутфит стил и вкус.“

ВО ЧЕКОР СО ЖЕЛБИТЕ НА СОВРЕМЕНАТА ЖЕНА

„Нашите жени сакаат да носат впечатливи, уникатни, квалитетни, стилски чевли. А ние се стремиме и мислам дека успеваме во тоа да  понудиме производ кој ќе има квалитетна изработка, кој ќе биде изработен со квалитетни материјали, производ кој ќе биде со прифатлива цена за нашиот пазар и она најбитното според мене – производ што ќе го заинтригира потрошувачот со својот дизајн, со изборот на боја или принт на кожа.“

ИНСПИРАЦИЈА

„Јас сум вљубеник во убави чевли или со други зборови сум „чевломан“, и сметам дека таа моја пасија е пресудна во изборот на дизајн на модел, во изборот на бои и принтови на кожа. А идеите се непресушни, идеите ги црпам од секаде од околината , од природата, од интересно парче облека на кое ќе наидам или, едноставно, се будам наутро со идеја дали тоа било за модел или за одредена можна идејна комбинација што може да ја направам. Исто е и кога ќе земам едно парче кожа во рака и веќе го гледам моделот пред себе, веќе сликата од моделот ја имам во глава и оттука почнуваме од идеја до разработка на модел и накрај до финален производ.“

ПРОЦЕС НА ИЗРАБОТКА

„Искрено, кога еден  купувач ќе види еден пар чевли во продавница, дефинитивно не размислува за тоа колку е процесот на производство на обувки макотрпен процес кој бара многу време, средства и нерви за да се дојде да еден готов пар обувки. Исто така, повеќето клиенти обично имаат слика дека чевлите се произведуваат во некоја си мала чевларска работилница со чекан и клешти во рака, но кога ќе влезат во фабрика, остануваат без зборови – потребно е толку многу, почнувајќи од мал милион машини потребни за секоја една операција до тоа колку многу луѓе се потребни за самиот процесна производство.“

ДОКАЖАН КВАЛИТЕТ

„Иако сме релативно нови на пазарот во Македонија на кој сме присутни три години, веќе сме препознатливи, на што сме многу горди, луѓето веќе нè научија дека работиме квалитетно, дека имаме удобни и пред сè впечатливи и уникатни производи. А бидејќи сакаме да ја имаме близната со крајниот потрошувач, ние  нашите производи  ги продаваме исклучиво  во наши сопствени продавници и на тој начин сме близу до потрошувачот за да знаеме што сака, какви забелешки има, а со тоа нашиот производ уште повеќе го доближуваме до крајниот потрошувач и ги следиме неговите барања и желби.“

ПРОДАЖНИ МЕСТА: ГТЦ Скопје прв кат, Ремал Тетово прв кат, Прилеп ул. Трајко Сандански бр.1/А2-2, тел. 078 374 802 ФБ:BellmondoLeatherShoes

Прочитајте и

Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Сакаш посебен третман?
Зачлени се во елитниот клуб. Регистрирај ја својата е-адреса и добивај специјални понуди и вести
Одјава е можна во секое време