Смело и безвремено: Почувствувајте ја новата модна енергија на Minnimal!

Една година Minnimal!

Софистицирани кроеви, смел дизајн и квалитетен материјал – моделите на Minnimal се најдобриот спој на актуелното и безвременското. Основачките Марија и Билјана ни раскажаа како се гради успешен моден бренд, но и ексклузивно ни ја претставија првата капсула од колекцијата есен/зима 2021-2022 по повод една година од нивното постоење

Во 2020 година, Марија Десанова и Билјана Силјановска ја освежија нашата модна сцена со својата успешна приказна, наречена Minnimal (@minnimal.mk). По една година постоење, иако постојано растат и се развиваат, нивната основна цел останува непроменета: да им овозможат на дамите од нашите простори да носат квалитетни и софистицирани парчиња облека, какви што често може да се видат во списанијата и на социјалните мрежи, но ретко може да се најдат по прифатливи цени. Што се однесува до почетоците, Марија открива дека идејата за брендот се родила сосема случајно и го опишува Minnimal како едно срце поделено на два дела:

„Едната половина е мојата партнерка и братучетка Билјана, која отсекогаш имала истанчен вкус за мода. Идејата се роди на заеднички одмор претходното лето, кога таа си изработи за себе наметка за на плажа. Ѝ кажав дека кога ја гледам така облечена, се чувствувам како да сум во Монте Карло. Така мојата долгогодишна желба за приватен бизнис и парчето гардероба што секој би го посакал ја разгорија искрата за раѓањето на Minnimal. Јас ја претставувам другата половина на срцето, која ги носи предизвиците, идеите за иднината, срце што веќе една година обете го носиме во себе.“

Билјана, пак, ни раскажа дека процесот на развивање на брендот течел спонтано:

„На почетокот, најголем предизвик беше наоѓањето квалитетни материјали и фабрика што ќе понуди и реализира беспрекорна изработка. Најважните елементи на едно добро модно парче се материјалот и изработката, а на крајот доаѓа моделот. Справувањето со предизвици е дел од нашето секојдневје, бидејќи иако сѐ се планира однапред, не секогаш првичната замисла станува реалност… Обично излегува подобро одошто сме си замислиле!“

Вистинска инспирација е да се чита за искуствата и визиите на две успешни вљубенички во модата што се осмелиле да започнат свој бизнис, па затоа ги замоливме целосно да ни го отворат своето срце – во јавноста познато како Minnimal.

Квалитетот е носечкиот столб

Марија и Билјана едногласно потврдуваат дека главната карактеристика што го отсликува Minnimal и го издвојува од другите брендови е квалитетот, но и степенот на безвременост, односно тоа колку време едно парче може да се задржи во плакарот. „Нашиот бренд создава парчиња што би им ги оставиле во наследство на наредните генерации. Исто така, важно е да се нагласи дека нашите модели не целат кон одредена група или тип на жени. Сѐ зависи од стилот на потенцијалниот клиент“, објаснува Билјана и додава дека материјалот е носечкиот столб на нивните креации.

Добитна комбинација

На светската модна сцена сè почесто може да се видат машки кроеви на женски силуети, а најангажираните модели моментално се оние со андроген изглед. Марија смета дека во модата има простор за сѐ и нема ништо против новите трендови: „Отсекогаш имало и ќе има ’иновативни револуции’ или промени преку кои дизајнерите се изразуваат креативно. Секој дизајнер си има своја визија и може да одбере што е соодветно за својот бренд“.

Билјана, пак, објаснува како тој сплет на машки и женски свет остава трага и во нивните креации: „Кога еден женски крој ќе го зачините со машки елементи, комбинацијата е добитна. Но не смее да се претерува, бидејќи мора да се задржат женственоста и женската елеганција. И кај нас е присутен минималниот предимензиониран крој во некои парчиња, строгите и прави линии и симетријата, што можеби на прв поглед асоцира на испреплетување на машкиот и женскиот свет.“

Неограничени можности

Иако владее мислењето дека многу е тешко да се опстане на македонската модна сцена, Марија и Билјана се позитивно изненадени од дамите во регионот, кои многу добро знаат да препознаат добро парче, квалитетна ткаенина, безвременски крој и кои немаат никаков проблем да купуваат домашни производи. „Напротив, многу го ценат и почитуваат тоа што го работиме. Можности има секогаш и секаде, сѐ зависи од амбициите, визијата и континуитетот во работата. Во денешниот глобален бизнис-свет, а особено во модната индустрија, можностите навистина се неограничени“, тврди Марија.

Македонската мода има голем потенцијал

Како што споменавме, Minnimal премиерно во нашето списание ја лансира ексклузивната капсула од колекцијата есен/зима 2021-2022, со која наедно ќе ја заокружи и првата година од постоењето на брендот, а дополнително работи и на наредната капсула за истата сезона. Па, што можеме да очекуваме во иднина?

„Желбата за иднината на Minnimal од моден аспект е да ја вратиме модата од раните 1970-ти на сцена, во пософистицирана верзија“, открива Билјана, а Марија се надоврзува: „Македонската мода има голем потенцијал и има што да понуди, само што секој бренд и дизајнер треба да си го пронајде своето ’место под сонцето’. Целта ни е брендот да прерасне во интернационален онлајн-бутик со препознатливи елементи, каде што купувачите секогаш ќе можат да најдат квалитетни безвременски парчиња по пристапни цени“.

Ве покануваме на модна авантура заедно со елегантните креации на Minnimal, кои никогаш нема да излезат од мода. Уживајте и подгответе се за претстојната сезона!

Minnimal создава парчиња што би им ги оставил во наследство на наредните генерации. Безвременоста е главната карактеристика на овој моден бренд, но квалитетот на материјалот е неговиот носечки столб. Неговата цел е да им овозможи на дамите од нашите простори да носат квалитетни и софистицирани парчиња облека по прифатливи цени

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: МАРТИН ПЕТРОВСКИ

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.