Омилениот дизајнер на Кејт Мос и Гвинет Палтроу: Сигурно не сте ги знаеле овие факти за модниот креатор Келвин Клајн!

Дознајте повеќе

Славниот американски дизајнер Келвин Клајн вчера го прослави 79-от роденден, па по тој повод одлучивме да се потсетиме на неговата блескава кариера и да ви откриеме некои детали од неговиот живот што можеби не сте ги знаеле

Познатиот моден дизајнер, роден на 19 ноември 1942 година во Бронкс, во Њујорк, е познат првенствено по своите одлични колекции на женска и машка облека, фармерки, козметика и парфеми, но и на други предмети, како на пример постелнина, со неговиот потпис.

Клајн студирал на Технолошкиот институт за мода во Њујорк, а откако дипломирал во 1962 година, отишол да работи како помошник дизајнер за произведувач на капути и костими во њујоршкиот округ за производство на облека. Во 1968 година, кога отворил сопствена компанија, њујоршката модна индустрија била во монотона фаза, со лежерна облека во хипи-стил и мини-здолништа, кои го отсликувале сиот распон на тогашната мода.

Имајќи го тоа предвид, Клајн, за промена, сакал да му се посвети на дизајнирањето едноставна и скромна облека. Иако на почетокот бил познат по костимите и капутите, постепено ставал сѐ поголем акцент на спортската облека, особено на оние парчиња што можат да се носат засебно и лесно да се комбинираат на повеќе начини.

Клајн е првиот дизајнер што освоил три награди „Коти“ по ред за женска облека (1973-75) и бил најмладиот дизајнер на конфекциска облека што некогаш бил одбран во куќата на славните Коти (1975).

Својата дизајнерска филозофија ја опишал како „правење едноставна, удобна и модерна облека, без ништо претерано или екстремно“. Неговата облека била релативно скапа, но класична, елегантна и лесна за носење, а привлекувала големо внимание меѓу купувачите во САД и во другите земји. Неговите достигнувања се сметаат не само за триумф на неговиот личен бренд на класичен стил, туку и за созревање на американската модна индустрија.

Меѓутоа, Клајн станал познат и по своите реклами, од кои некои биле скандалозни. Една серија реклами ја претставувала тинејџерската актерка Брук Шилдс како носи пар класични сини фармерки со коментарот „ништо не може да ме раздели од мојот Келвин“.

Рекламирањето на долна облека на Клајн – со фотографии на Херб Ритс и Брус Вебер и модели, како што е актерот Марк Волберг – придонело за тоа мажите да се позиционираат како сексуални објекти. Други контроверзни рекламни кампањи биле и тие за неговиот парфем со името Obsession.

Клајн во 2003 година ја продал својата компанија, за наредната година да се пензионира. Оттогаш ретко се појавува во јавност, меѓутоа во 2017 година објавил книга со едноставен наслов „Келвин Клајн“, која ги сумира најинтересните детали од неговата кариера и содржи бројни фотографии и анегдоти.

Келвин Клајн (75) има 45 години помлад дечко: Сите коментираат само едно нешто – изгледаат како дедо и внук!
Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.