Лидија Георгиева со „Завар дизајн“ на модна ревија посветена на ликот и делото на Јованка Броз во Белград

„Модата е навигација меѓу минатото и иднината“

На 29 ноември во Белград се одржа групната ревија „Јованка во боја“, на која со свои дизајни се претстави и нашата модна дизајнерка Лидија Георгиева во соработка со „Завар дизајн“

Јубилејната 50. модна недела на L’Oreal во Белград кулминира со ревијата „Јованка во боја“, симболично на поранешниот Ден на Републиката. Со оваа посебна ревија се прослави ликот и делото на некогашната прва дама на Југославија, Јованка Броз, а истата се одржа во просторите на Палата Србија.

Гостите имаа можност да видат модели  специјално креирани за оваа пригода од страна на 22 дизајнери од целиот регион на поранешна Југославија. Посебна вредност на креациите им дава и фактот што биле направени од оригиналните материјали што Јованка Броз ги добивала на бројните патувања со Тито. Со свои креации се претстави и нашата позната модна дизајнерка Лидија Георгиева, во соработка со Марта Наумовска Грнарова – „Завар дизајн“.

„Голема чест и привилегија беше да се учествува на ваков настан. Самото место на одржување беше несекојдневно и импресивно, полно со измешани емоции за сите нас, и учесниците и публиката. Историскиот карактер и дизајн на овој центар на моќ, изграден од Тито, е и денес уредно сочуван, со огромни уметнички дела, слики, скулптури и декорација, па целосниот впечаток е навистина едно нуркање во минатото, на достоинствен начин и со почит“, ни ги пренесе Лидија своите впечатоци и додаде дека на ревијата имало 40-тина дизајни од повеќе земји, меѓу кои нашите биле доста забележани и добиле многу комплименти од сите страни.

И креациите на Лидија биле изработени од историски материјали кои биле во сопственост на Јованка Броз:

„Едниот изглед е геометриски строго обмислена пелерина и пантолани од зелена шантунг свила. Другиот изглед е фустан од луксузен свилен брокат со историски референци од средината на минатиот век. Целокупниот дизајн е обмислен со концепт на Златен кафез, така што и двата изгледи се заокружени со уникатни модни додатоци изработени во соработка со Марта Наумовска Грнарова – Завар Дизајн. Со помош на нејзината инженерска и креативна енергија, им дадовме приказна на овие дизајни, кои беа забележани уште од самиот почеток. Ние таму настапивме како екипа од нашата земја и слободно можам да кажам од името на двете, дека имавме историски егзотично и уникатно искуство. Модата е навигација меѓу минатото и иднината, а во овој случај спој на дизајнерски и инженерски вештини“, заклучува Лидија.

На ревијата свое обраќање имала и сопругата на српскиот претседател, Тамара Вучиќ, присуствувале бројни српски актери, пејачи и јавни личности, а како гостинка се појавила и сестрата на Јованка Броз, Нада Будисављевиќ

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.