КОКЕВ нé однесе на нова дестинација со колекцијата „ПУСТИНСКА РОЗА“

Дизајнерката Тања Кокев успеа да направи нешто навистина интересно

Со колекцијата, но и со целокупното доживување, Кокев вчера нè однесе во една нова дестинација. Летната колекција на секојдневна гардероба на Кокев беше инспирирана од пустинските оази, а моделите беа вид оживеани пустински рози. Колекцијата од природни материјали, со комбинација на живи бои и смирени тонови, на моменти имаше драматични пресврти преку креациите со животински принтови.

 

Се чувствуваше дека од иницијалната идеја да се направи сафари колекција, дизајнерката направила нешто повозбудливо, вметнувајќи живост во креациите и во својотпрепознатлив печат на елеганција и чисти форми. Ревијата заврши со фасцинантна, рачно сликана венчаница, од чија уникатност застануваше здивот.

Режијата на Дејан Пројковски, како и сценографијата на Искра Јанковска Михајловска ја направија ревијата повеќе од само ревија. Доживувањето наликуваше на театарско, успевајќи да нè пренесе во пустински шатор, каде што  група девојки сосема спонтано уживаат на зајдисонцето во една оаза. Кореографијата на Олга Панго придонесе да ги видиме моделите во навистина секојдневна атмосфера, наместо само на модната писта. Музиката на Соња Исмаил го потенцираше концептот, така што минувајќи низ африкански мотиви заврши со песната на Стинг, главната инспирација на ревијата – „сонувам за дожд, сонувам за градини во пустинскиот песок, залудно се будам, сонувам за љубов додека времето тече низ мојата рака…“

Дизајнерката Тања Кокев успеа да направи нешто навистина интересно

„По долгиот период затвореност за сите нас,имав потреба да направам колекција што ќе нè однесе некаде далеку, во свет на опуштеност, романтика и уживање, каде што можеме да го ослободиме дивото во нас… Сега чувствувам дека имам многу нова енергија, која, секако,и натаму ќе ја преточувам во креирање“, изјави дизајнерката.

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.