Креација од македонското модно студио „A2 Atelier“ беше продадена на хуманитарната аукција на „Better World Fund“ во рамките на Канскиот филмски фестивал – уште една потврда дека домашниот дизајн сè погласно го освојува светот.
Постојат моменти кога успехот ја надминува личната сатисфакција и станува признание за визијата, упорноста и бескомпромисната посветеност на сопствената работа. За модната дизајнерка и основачка на A2 Atelier, Анастасија Атанасовска, поканата да биде дел од престижната гала-вечер на Better World Fund, одржана во рамките на Канскиот филмски фестивал, беше токму таков момент.
View this post on Instagram
Нејзината креација беше избрана за хуманитарната аукција на фондацијата и успешно продадена, добивајќи место на една од најпрестижните светски сцени каде што модата, филмот и хуманоста се испреплетуваат во заедничка приказна.
View this post on Instagram
„Во првиот момент ми изгледаше нереално“
Како дојде поканата за гала-вечерта во Кан и што значеше тоа за Вас?
Поканата пристигна преку претставник на организацијата Better World Fund, кој го препозна мојот креативен израз и ме покани да бидам дел од гала-вечерта за време на Канскиот филмски фестивал.
Во првиот момент ми изгледаше речиси неверојатно. Но, како што комуникацијата се продлабочуваше и пристигнуваа нови детали, постепено сфатив дека ова навистина ми се случува мене.
Тогаш уште еднаш се уверив дека кога искрено верувате во својата работа и останувате доследни на сопствената визија, светот знае да ви возврати на најубав и најнеочекуван начин.
Инспиративна атмосфера без дистанца
Што Ве изненади најмногу во атмосферата на фестивалот?
Најсилен впечаток ми остави природноста со која функционира еден толку голем и значаен настан.
На едно место се среќаваат врвни професионалци од филмот, модата, уметноста и бизнисот, а сепак атмосферата е исклучително топла, инспиративна и исполнета со позитивна енергија.
Се чувствува дека сите се таму со заедничка цел – да создаваат, да се поврзуваат и да остават трага.
Најголемите луѓе остануваат најотворени
Што научивте од средбите со луѓе од светската филмска и модна сцена?
Научив дека најуспешните луѓе честопати се и најотворени за нови идеи.
Без разлика на нивните достигнувања, тие зборуваат со огромна страст за својата работа и секогаш размислуваат за следниот чекор.
Тоа уште повеќе ме увери дека упорноста, автентичноста и љубовта кон процесот се подеднакво важни како и самиот талент.
Македонска креација на хуманитарната аукција во Кан
Вашата креација беше дел од хуманитарната аукција поврзана со Шерон Стоун. Како дојде до таа можност?
Преку организаторите на Better World Fund добив можност една креација од A2 Atelier да биде вклучена во хуманитарната аукција, на која значајна улога има Шерон Стоун како долгогодишен поддржувач на фондацијата.
За мене тоа беше огромна чест. Но уште поголемо задоволство беше сознанието дека креацијата беше продадена и, на свој начин, придонесе кон иницијатива со хумана цел.
View this post on Instagram
„Ова не беше само мој успех, туку успех и за Македонија“
Што значеше за Вас фактот што Вашиот дизајн беше претставен на настан со таква меѓународна видливост?
Тоа беше момент на исклучителна гордост.
Не го доживеав само како личен успех, туку како можност да покажеме дека и од Македонија можат да произлезат креации кои заслужуваат место на најпрестижните светски сцени.
Верувам дека секој ваков чекор отвора врата и за другите домашни креативци.
Модата е најсилна кога раскажува приказна
Колку е важно модата да има поширока општествена улога, покрај естетската?
Верувам дека модата има најголема вредност кога зад неа стојат приказна, емоција или цел.
Убавината привлекува внимание, но она што луѓето навистина го паметат е пораката и влијанието што едно дело може да го остави.
Од инспирација до уникатна креација
Како изгледа процесот од идеја до готово парче во Вашето студио?
Сè започнува со инспирација – понекогаш тоа е материјал, понекогаш патување, чувство или случаен момент што ќе ми го привлече вниманието.
Потоа следуваат скицирање, избор на ткаенини, конструкција и проби.
За мене е најважно секоја креација да има свој карактер и жената што ќе ја облече да се чувствува посебно, самоуверено и моќно.
View this post on Instagram
По Кан – уште поголеми цели
Кои се следните соништа што сакате да ги реализирате?
Отсекогаш сум верувала во своите соништа, а искуството во Кан ми даде уште поголема сигурност дека сум на вистинскиот пат.
Сакам A2 Atelier да стане препознатливо име и надвор од границите на Македонија и да биде дел од уште поголеми меѓународни проекти.
На неколку идеи веќе активно работам, но дел од нив засега ќе останат мало изненадување.
Имам јасна визија за тоа каде сакам да стигне мојот бренд и нема да престанам да создавам сè додека таа визија не стане реалност.
Текст: Убавина и здравје
Фото: приватна архива, Инстаграм