Едната го создаде брендот. Другата порасна заедно со него. Денес, Тања и Клара Кокев откриваат како изгледа кога семејната приказна прераснува во заедничка визија
Во годината кога KOKEV одбележува две децении постоење, пред нас седат две жени од различни генерации, но со иста страст кон создавањето. Тања Кокев – жената што ја постави основата на брендот, и Клара Кокев – новата генерација која не го наследи бизнисот по должност, туку го избра по убедување. Во ова топло и динамично интервју, разговараме за тоа што значи да се гради наследство без товар, како изгледаат креативните несогласувања меѓу мајка и ќерка, што останува невидливо зад успехот и како една приказна продолжува да се развива без да заборави од каде започнала.
По дваесет години KOKEV, денес седите една до друга не само како мајка и ќерка, туку и како бизнис-партнерки и дизајнерки. Кога и како се случи овој момент?
Т: Во ниту еден момент не ѝ наметнав на Клара да биде дел од „Кокев“. Таа има 21 година, а Кокев слави 20. Практично, растеа заедно. Кога дојде моментот, сама избра да влезе во оваа приказна. Затоа, денес не зборуваме за наследство. Зборуваме за избор.
К: Во бизнисот влегов порано отколку што планирав. Животот едноставно така ги намести работите. Денес знам дека подобро не можело да излезе. Дома, „Кокев“ никогаш не беше тема резервирана за возрасните. Мајка ми размислуваше гласно, а јас растев слушајќи разговори за идеи, луѓе, успеси и дилеми. Кога почнав да работам, сфатив дека многу одлуки ми беа интуитивно јасни. Токму затоа што со години се таложеле во мене, преку нејзиното сурово претставување на реалноста. Затоа, никогаш не ми беше наметнато. Го гледав „Кокев“ таков каков што е, и со добрите и со тешките страни.

Дали наследството е подарок или притисок?
T: Подарок. Ако е притисок, тогаш веројатно нешто не сме направиле како што треба.
К: Не е притисок од мајка ми. Притисокот е од тоа што знаеш каков стандард треба да задржиш.
Кој е поголем перфекционист?
Т: Јас.
К: Без конкуренција.
Т: Не мислам дека сум перфекционист затоа што сакам сè да биде совршено. Перфекционист сум затоа што знам колку еден мал детаљ може да ја промени целата приказна.
К: И затоа понекогаш поместува копче еден милиметар… трипати.
Т: Не трипати. Двапати.
К: Ете. Тоа ти е одговорот.
Т: Вчера и ти поместуваше еден детаљ шестпати.

Во што никогаш нема да се согласите?
Т: Во тоа кому му припаѓа модата. Јас отсекогаш сум верувала дека брендот не смее да се обидува да им се допадне на сите. Ако им се допаѓаш на сите, веројатно не си кажал ништо свое.
К: Јас не мислам дека тоа е компромис. Денес можеш да бидеш свој, а сепак да разговараш со многу повеќе луѓе. Мистиката не мора секогаш да значи дистанца. Aко не го разбираш времето во кое живееш, ризикуваш да останеш само носталгија.
Т: Можеби. Но јас сè уште мислам дека брендот треба прво да има став, па дури потоа публика.
К: А јас мислам дека добриот бренд не е монолог. Тој знае и да слуша, без да заборави кој е.
Дали некогаш се случило Клара да ве убеди дека сте погрешиле?
T: Не ми е лесно да го сменам мислењето. Но се случило Клара да ме убеди. Не затоа што почесто е во право, туку затоа што ме научи дека не секоја добра одлука мора долго да созрева. Јас сум од генерацијата што сака да размисли уште еднаш… па уште еднаш. Клара понекогаш само ќе рече: „Ајде да го направиме.“ И најиронично е што неколкупати токму таа била во право.
К: Не ми беше целта да ја убедам дека греши. Повеќе сакав да ја убедам дека не мора секогаш сè да биде совршено пред да почне. Мислам дека тука најмногу се разликуваме. Таа сака сигурност. Јас сакам движење. И искрено… мислам дека токму затоа добро функционираме.

По дваесет години, што сè денес стои зад името KOKEV?
Т: Пред дваесет години мислев дека градиме моден бренд. Денес знам дека изградивме многу повеќе од тоа. Зад „Кокев“ стојат дисциплина, тврдоглавост, непрoспaни ноќи и една доста романтична идеја дека квалитетот сè уште има смисла. Во време кога сè се мери во секунди, ние дваесет години инвестиравме во нешто што не може да се забрза – во довербата. И мислам дека токму таа е најголемото наследство што денес го носи името „Кокев“.
K: Мислам дека поинтересно прашање е што не се гледа зад името „Кокев“. Не се гледаат идеите кои никогаш не излегоа од ателјето. Не се гледаат колекциите што сме ги оттурнале затоа што не биле доволно добри. Не се гледаат разговорите, дилемите, премислувањата… Не се гледа како еден тим станува семејство. Луѓето ја гледаат готовата приказна. А јас имав среќа да пораснам гледајќи сè што ѝ претходи. Мислам дека токму таму всушност се крие „Кокев“.
Што беше најголемата инспирација зад KOKEV кога го создававте, а што ве инспирира денес?
Т: Искрено, никогаш не сум го сакала зборот „инспирација“. Звучи како нешто што ќе ти се случи. Јас повеќе верувам во љубопитност. „Кокев“ не го создадов затоа што имав голема идеја. Го создадов затоа што не сакав да прифатам дека работите мора да изгледаат онака како што веќе изгледаа. Денес љубопитноста е иста. Само прашањата се поголеми.
К: Кај мене инспирацијата нема голема врска со модата. Повеќе со културата. Некогаш една прошетка, една зграда или еден разговор ќе ми отворат повеќе идеи отколку десет модни ревии. Мислам дека модата е најинтересна кога престанува да зборува само за облека.

Кои три жени, според вас, не само што го носеа „Кокев“, туку и станаа негово природно продолжение?
Т: Многу жени оставиле свој белег во приказната на „Кокев“, но ако треба да издвојам три, тоа би биле Олга Костовска, Јелена Јованова, Ивана Хаџиевска. Интересно е што никогаш не ги избрав затоа што личеа една на друга. Напротив. Секоја има свој темперамент, свој живот и свој начин на кој влегува во просторијата. Но сите три имаат нешто што не може да се стилизира – автентичност. Можеби затоа никогаш не изгледаа како да носат „Кокев“. Повеќе изгледаше како „Кокев“ да е природен дел од нив. Кога ќе се случи таква врска, брендот престанува да биде само облека. Станува продолжение на нечиј идентитет. А тоа е најголемиот комплимент што еден дизајнер може да го добие
Дали бренд може да преживее ако остане ист?
К: Не, ако „ист“ значи да стоиш во место. Брендот треба да се развива, но без да го изгуби својот идентитет. Во „Кокев“ внесов нови идеи, но тие само природно се вклопија во приказната што веќе постоеше.

По дваесет години, кој беше вашиот потивок, но најсилен столб во сите успеси и предизвици?
Т: Мајка ми и брат ми. Тие никогаш не беа во прв план, но беа темелот врз кој јас можев мирно да градам. Имав среќа да имам семејство кое никогаш не ме праша „дали вреди“, туку секогаш „што ти треба“. Таквата поддршка не се заборава. И, секако, поддршката на нашиот тим. Во „Кокев“ има луѓе кои не доаѓаат само на работа, туку со години го носат истиот интегритет, истата посветеност и истата љубов кон тоа што го создаваат. Овој јубилеј е еднакво нивен колку што е и наш.
Што би сакала да биде првото нешто што ќе го помислат луѓето кога ќе го слушнат твоето име – без да се спомнува „Кокев“?
К: Би сакала прво да помислат на човек кој зад себе остава вредност, а не само успех. На некој што не чекал културата, уметноста или младите таленти да станат популарни за да ги поддржи, туку верувал во нив тогаш кога тоа било најпотребно.

За „Убавина и здравје“ направивте фотографија пред Камениот мост. Некои фотографии се само спомен, но оваа повеќе личи на порака…
Не постои посоодветно место за оваа фотографија од Камениот мост. Не само затоа што тука ќе биде ревијата, туку затоа што тука најдобро се чувствува идејата зад неа. Во овие дваесет години, многу градови беа дел од приказната на „Кокев“, но Скопје е местото од каде што сè започна. Ова не го правиме само за нас. Го правиме и за градот. На некој начин, сакаме да му вратиме барем дел од сè што ни дал. Градовите оставаат траги во луѓето. Ретко кога луѓето добиваат можност да остават трага во градот. Се надеваме дека ова ќе биде една од тие вечери.
ФОТО: АНТОНИО СТАНКОВ