ПРОВЕРЕНИ ТРИКОВИ: Како лесно да ги отстраните жолтите флеки од пот на бела облека

Жолтите флеки од пот на бела облека се еден од најчестите и најдосадни проблеми во секојдневието. Белата маичка што некогаш изгледала совршено, со тек на време може да добие тврдокорни жолти траги, најчесто во пределот на пазувите. Но, добрата вест е дека во повеќето случаи тие може успешно да се отстранат дома, без скапи препарати.

Експертите објаснуваат дека клучот е во тоа да се разбере зошто настануваат овие флеки и да се реагира навреме.

Зошто се појавуваат жолти флеки?

Иако многумина мислат дека потта сама ја прави жолтата боја, вистинската причина е комбинација од потта и дезодорансот.

Жолтите траги се создаваат кога протеините од потта реагираат со алуминиумските соли кои се наоѓаат во најголем дел од антиперспирантите. Со време, оваа мешавина се „впива“ длабоко во ткаенината, особено кај памучната облека, и станува сè потешка за отстранување.

Домашни решенија што навистина помагаат

Пред да посегнете по агресивни средства, експертите препорачуваат неколку едноставни трикови што најчесто ги имате дома.

Еден од најпопуларните е паста од сода бикарбона. Се мешаат неколку лажици сода со малку вода додека се добие густа смеса, која се нанесува директно на флеката. Се остава околу еден час, а потоа облеката се пере во ладна вода. Овој метод не само што ја извлекува флеката, туку и ги неутрализира непријатните мириси.

Друг ефикасен трик е белиот оцет. Се меша со вода во еднакви размери и се нанесува на проблематичното место. По околу еден час, облеката се пере на вообичаен начин. Оцетот помага да се разложат остатоците од пот и дезодоранс кои се „залепени“ за ткаенината. Многумина користат и обичен аспирин.

Кога флеките се тврдоглави

Кај постари и потврдокорни дамки, може да помогне раствор од водороден пероксид (хидроген). Се меша со вода во еднаков однос и делот од облеката се остава да отстои околу 30 до 45 минути.

Сепак, експертите предупредуваат дека оваа метода е наменета исклучиво за бела облека, бидејќи може да ги избели и оштети обоените ткаенини.

Внимавајте со белилата

Иако многумина прво посегнуваат по хлорен белило, тоа всушност може да ја влоши ситуацијата. Наместо да ја исчисти флеката, може да предизвика уште поизразено жолтило.

Затоа се препорачуваат поблаги, кислородни белила кои се посигурни за ткаенината и не ја оштетуваат облеката на долг рок.

Како да спречите да се појават флеки?

Најдобрата стратегија секогаш е превенцијата. Експертите советуваат неколку едноставни навики:

  • користете дезодоранс без алуминиум
  • почекајте да се исуши пред да се облечете
  • не оставајте испотена облека во затворени кеси или корпи
  • перете ја облеката што е можно побрзо
  • носете тенка памучна маичка како заштитен слој
Прочитајте и

Убавина и Здравје користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Ќе претпоставиме дека сте во ред со ова, но можете да се откажете ако сакате. Прифати Дознај повеќе