Улична мода: Како се облекуваат девојките со стил?

Дознајте!

Урбаните девојки ни откриваат како секогаш изгледаат толку добро…

Секогаш се во движење, па затоа удобноста им е најважна, но тоа не значи дека нивните модни комбинации не се впечатливи и шик. Како успеваат постојано да изгледаат толку добро ни открија девојките што ја негуваат уличната мода…

Сара Јовановиќ

Гласам за патики

„Мојата соработничка, стилистката Владислава Јолџиќ, и јас пред неколку години одлучивме да го конципираме мојот стил како спој од спортски и елегантни парчиња облека. Ми годи тој спој, бидејќи така се чувствувам слободно, што ми овозможува да бидам природна и да ја истурам енергијата на сцена, исто како на еден добар тренинг. Кога ќе ме прашаат потпетици или патики, јас сум таа што секогаш гласа за патики.“ (@sarajoofficial)

ФОТО: АДИДАС/БЕНИ ГАШИ

Николина Славковска

Насмевките се во тренд!

„Иако се занимавам со јавна професија, никогаш не сум следела трендови. Не сакам да го имам парчето облека што го носат сите. Мојот стил некогаш е елегантен, некогаш во спортски дух, но најважно ми е да се чувствувам слободно и удобно. Она што никогаш не излегува од мода е насмевката, па затоа ја комбинирам со секое парче облека.“ (@ninnared)

Теа Трајковска

Помалку е повеќе

„Се облекувам така како што се чувствувам и често одам до стилски крајности. За дневни изданија, се водам според правилото ‘помалку е повеќе’, па врвна лежерна комбинација за мене е бела маичка, удобни фармерки, откачени чорапи и патики.“ (@theatrajkovska)

Сандра Мојсова

Квалитет и комфор на прво место

„Пред три години, заедно со Еми Ермилова, го основавме модниот бренд ‘Кактус’, кој нуди комфор, квалитет и уникатност. Со овие три збора би го опишала и мојот личен стил. Кога барам нови парчиња облека, повеќе ме привлекува безвременски и едноставен дизајн, наспроти моменталните трендови. Оваа есен/зима како омилени парчиња облека би ги издвоила чизмите и долгиот капут.“ (@smojsova)

Ана Ежова

Едноставно и класично

„Мојот стил е одраз на мојот карактер и на моите секојдневни потреби. Постојано сум активна и настојувам целата гардероба да ми се состои од помалку одбрани и квалитетни парчиња наместо од купишта партали. Не поседувам парче што не го носам. Чевлите ми се слабост, а задолжителни обувки за секоја девојка се чизмите ‘мартинс’ – ваквите чизми и црната кожена јакна одговараат и на панкерски стил и на балски фустан!“ (@mononoaware_ _ _)

Подготвила: Марија Лукаревска

ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.