Разговор со стил: 5 модни совети од Сани и Стејси Богдановски

Модна инспирација

Да зборуваме за модата!

Пред некое време, заврши првата сезона на колажната емисија House of Style посветена на модата и животниот стил. Овој телевизиски подвиг е дело на Снежана и Анастасија Богдановски, попознати како Сани и Стејси, а ние побаравме од ова динамично дуо мајка-ќерка да сподели со нас неколку модни совети што сигурно ќе ви послужат…

МОДАТА ВО МАКЕДОНИЈА

Колку подостапни информации и поширока понуда, толку поголема униформираност – смета Сани: „Опкружени сме со изгледи што се копии на копираното. Малку индивидуализам и храброст да се биде свој. Им се восхитувам на исклучоците“.

Стејси, пак, вели дека сè се сведува на инстаграм-фотогеничност: „Вистинските индивидуалисти се бројат на прсти. Модата во Македонија, онаква буквалистичка каква што е, ни претставува само мотив повеќе тврдоглаво да продолжиме да едуцираме модно.“

ИЗДВОЈТЕ СЕ ОД ТОЛПАТА!

Кога веќе разговараме со такви љубителки и познавачи на модата какви што се Сани и Стејси, неизбежно е да не ја искористиме можноста за да ги прашаме кои се најважните модни совети што секоја жена би требало да ги запамети:

1. Искрено запознајте се себеси. Дознајте што на навистина ѝ прилега на формата на телото, на бојата на тенот, што треба да се акцентира, а што да се прикрие. Не е важна ниту цената ниту брендот ако нешто не одговара совршено. Трендовите не се следат слепо, туку се приспособуваат на сопственото тело.

2. Подобро е да имате едно квалитетно парче што ќе трае подолго отколку повеќе за една употреба.

3. Обидете се најмногу што можете да бидете индивидуалец и да се издвоите од толпата.

4. Најважниот детаљ е самодовербата. Кога знаете дека изгледате добро – се чувствувате добро.

5. Почитувајте се себеси. Сите имаат предности и недостатоци на телото, а целта на играта наречена „мода“ е најдобро да се претставите себеси. Да го истакнете најдоброто, а да научите како да не ви пречи непријатното. Другите и Инстаграм не се важни. А усовршувањето во оваа игра, освен што ќе ве направи посвесни за себеси и за своето тело, ќе ве направи и подобри луѓе.

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: Стефан Соколовски – Бадстеф

 

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.