Пролетно чистење на плакарите: Нови трендови од вашиот плакар

Фото: Getty Images

Дали сте подготвени за нов моден натпревар што би требало да почне со купување мокасини и тексас-јакна? Доколку со копнеж ја прочитавте оваа реченица и се потсетивте на минусот на вашата сметка, главата горе! И во сопствениот плакар можете да најдете парчиња што се во хармонија со најновите трендови.

Извадете сè што имате во плакарот. Одвојте ги зимските џемпери и погледнете што ви останува. Од тие парчиња треба да направите база за комбинирање.

Основата од вашиот гардеробер… Црно тесно здолниште, класични црни панталони, бела кошула, класично црно сако од костум, пелерина, едноставен црн фустан можете да ги третирате како совршена база. Неа секогаш комбинирајте ја на нов начин. Со помош на разни детали, како што се марами, ремени или накит фустанот ќе изгледа секогаш поинаку. Додека го средувате плакарот направете неколку проверени комбинации, кои ќе бидат подготвени кога наутро со брзање се подготвувате за работа.

Што можете да носите од ланските парчиња оваа пролет?

Морнарско Пругите се синоним за лето, но токму со нив ќе ја отвориме пролетта. Ставете ги во преден план на пролетните аутфити. Комбинирајте ги со топли блејзери, балетанки, под пелерина или сако.

Дезени Сите го прифативме трендот „коцкички“. Ако имате здолниште, маица или фустан прекриени со црно-бели коцки, задржете ги во плакарот и оваа пролет.  Своето здолниште со каро-дезен можете да го искомбинирате со тексас-јакна, розов џемпер… Покрај правоаголници, се носат и кругови, но и цветен принт. Сè што имате на таа тема, задржете го. Ќе ви треба!

Тексас – секогаш актуелен Во купиштата алишта што сте ги извадиле од плакарот, погледнете ги тексас-парчињата: фармерки, јакна, кошула, здолниште… Внимателно пробајте ги и искомбинирајте ги според овој систем: неколку нијанси џинс во една боја (на пример, фармерки или тексас-кошула со интересна розова маица), едно тексас-парче со три бои (фармерки или тексас-здолниште во комбинација со кошула, џемпер, сако…).

Жолто, зелено и виолетово Ако имате нешто во овие бои, време е да го облечете. Токму тие бои се предвесници на пролетта. Тоа би можеле да бидат и најобични маици со кратки ракави што можете да ги претворите во интересни елеци доколку ги облечете преку класична бела кошула. Можете да носите и маица врз маица во комбинација со панталони.

Фустаните се апсолутен хит Оваа пролет тие се во прв план, па ставете ги во предниот дел од плакарот. Така ќе ви бидат пред очи. Тоа можат да бидат и фустаните што оваа есен и зима ги носевте за вечерни излегувања. Во пролетната комбинација, комбинирајте ги со сакоа, тексас-јакни или мантил.

Основни парчиња во секоја комбинација што треба да ги задржите во вашиот плакар:

1 Бела кошула

2 Класични црни панталони

3 Црно тесно здолниште

4 Едноставен црн фустан

5 Тренч-мантил

6 Црно сако

Текст: М. Mедичи

Фото: Getty Images, Instagram

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.