Малите коцки со „гингам“ дезен секогаш ќе имаат место на модната сцена
Секое лето носи трендови што се издвојуваат, а оваа сезона, модната сцена повторно е во знакот на дезенот гингам. Препознатливите ситни коцки со децении се синоним за женственост, елеганција и безгрижен летен стил, а сега повторно се во фокусот.
Овој кариран дезен лесно се вклопува во речиси секоја комбинација. Без разлика дали носите фустан, кошула, здолниште или лесен комплет, дезенот гингам остава впечаток на среденост, без премногу труд и затоа го обожаваат трендсетерките. Освен тоа, овој дезен подмладува!
View this post on Instagram
Безвременските убавици обожавале гингам
Иако многумина го поврзуваат со романтичниот изглед и модата од 1950-тите години, историјата на дезенот гингам е многу подолга. Неговите корени потекнуваат од југоисточна Азија, од каде што пристигнал во Европа во 17 век преку трговците.
На почетокот се користел за изработка на домашен текстил, но во текот на минатиот век, станал неизоставен дел од модната индустрија. Особена популарност стекнал благодарение на славните дами, како Одри Хепберн и Брижит Бардо, кои го претвориле во симбол на безвременската елеганција.
Денес еднакво може да се види и во колекциите на луксузни модни куќи и во пристапни брендови, што потврдува дека овој дезен никогаш нема да ја изгуби популарноста.
View this post on Instagram
Дезен кој оди со сè
Еден од најголемите предности на овој дезен е неговата сестраност. Одлично изгледа со џинс, лен и памук, но може да се комбинира и со линии, цветни мотиви или еднобојни парчиња гардероба.
Поради лесните материјали на кои најчесто се појавува, тој е совршен избор за жешките летни денови, во слоевити комбинации кои изгледаат модерно, а притоа се многу удобни.
Освен на фустаните, кошулите и панталоните, гингам сè почесто се појавува и на модните додатоци. Чантите, еспадрилите, марамите за коса, шеширите и качкетите со овој дезен му даваат доза на разиграност на секој стајлинг, а притоа не изгледаат нападно.
View this post on Instagram
Токму затоа, модните експерти го сметаат за еден од оние трендови што се враќаат во мода секое лето и лесно си наоѓаат место во сечиј гардеробер.
Ако сакате оваа сезона да изгледате модерно и женствено, без премногу да размислувате како да ги искомбинирате парчињата, гингам е избор со кој не можете да погрешите.
ФОТО: ИНСТАГРАМ, FREEPIK