Еден впечатлив акцент може потполно да ви го трансформира изгледот
Невозможно е да се замисли летната гардероба без панталони. Колку и да ги сакаме лелеавите здолништа, панталоните се удобни и практични, а тоа ѝ одговара на секоја модерна жена. Со оглед на високите температури, белата боја се чини како најлогичниот избор за топлата сезона. Но невозможно е да се игнорира зголемениот интерес на дизајнерите за максимализам, ведрина и „допаминска“ мода.
Брендовите повторно се опседнати со бои, па сончевожолтата, портокаловата, виолетовата и тиркизната боја станаа основата за изглед со блокови бои.
Но најголем хит ова лето дефинитивно се црвените панталони. Силуетата и материјалот не се важни, бидејќи модата е многу флексибилна и разновидна. Можете да одберете ленени панталони со рамен крој, потскратени фармерки, како од ревијата на Изабел Марант за есен/зима 2026/27 или модерни саронги кои моментално се најпопуларни. Клучот е во бојата, која го прави стајлингот поенергичен, поатрактивен и повпечатлив. Затоа, време е да се „набилдате“ со самодоверба.
View this post on Instagram
Зошто црвена?
Тајната не се крие само во пролетно/летните колекции на „Акрис“, „Версаче“, „Ралф Лорен“ и „Аурале“, кои претставија неколку варијации на панталони во оваа палета – од домат до темна цреша. Едноставно, многу полесно е да се вклучи црвената во секојдневниот стил за разлика од портокаловата или жолтата, кои се неверојатно тешки за стилизирање. Светла е и впечатлива, а прилично практична, бидејќи лесно се комбинира со други основни нијанси. А со оглед на тоа што панталоните ги носиме подалеку од лицето, овој тренд му прилега речиси секому.
View this post on Instagram
Клучот е во изборот на материјал, крој и нијанса на црвена што ви одговара. Не заборавајте дека црвената секогаш претставува самодоверба, посебна енергија и внатрешна сила, па и самата по себе ја подигнува целата слика.
View this post on Instagram
Како да ги стилизирате?
Појдовната точка е рамнотежата, а тоа можете да го постигнете со придушен горен дел. Без разлика дали станува збор за бела тесна маица, црн горен дел или широка кошула во пастелна нијанса, на овој начин, изгледот ќе остане впечатлив, без да биде премногу нападен. А оние што навистина ја следат модата, можат да додадат трета боја во својот стајлинг, за да го направат уште пошарен и покомплексен.
View this post on Instagram
На пример, црвена и розова, сина, бордо, ф’стак и кремливо жолта, изгледаат одлично во комбинација. Во секој случај, црвените панталони се совршениот акцент кој функционира без многу напор. А што е најважно, добро се вклопуваат во летната гардероба и лесно се приспособуваат на различни сценарија: од лежерни прошетки до поформални настани.
ФОТО: ИНСТАГРАМ, FREEPIK