Оваа есен ќе се носат „бабини фармерки“: Крој што им прилега на сите, а може да се комбинираат со сѐ што ќе ви падне на памет!

Ретро-шарм и префинетост

„Бабините“ фармерки се совршени за секоја пригода оваа есен

Фармерките не се само неизоставен дел од нашиот живот, личната филозофија и секојдневието. Тие се парче облека што го носиме во речиси секоја пригода, без оглед на годините, времето и местото. Фармерките се вечно модерни и, по сите наши стилски експерименти и талкања, секогаш со задоволство им се враќаме.

Оваа есен на модната сцена повторно стапува еден „изненадувачки софистициран тренд“, што инфлуенсерите го опишуваат  како „бабини фармерки“.

Како започнала приказната на фармерките?

Ерата на синиот тексас започнала во 1873 година, кога трговецот Леви Штраус од Сан Франциско и кројачот Џејкоб Дејвис од Невада го патентирале првиот модел на фармерки наменет за широките народни маси – не ни сомневајќи се каква модна револуција ќе предизвикаат.

До шеесеттите години фармерките веќе го освоиле целиот свет и оттогаш практично не излегуваат од мода.

Тие станаа дел од стилот, нешто што се подразбира и парче кое речиси секој од нас барем еднаш во животот го облекол. Ги обожаваме во сите можни форми, кроеви, димензии и бои, а оваа есен повторно се враќа ретро-варијантата инспирирана од осумдесеттите – бабините фармерки.

Што всушност се „бабини фармерки“?

Иако името звучи симпатично и нè потсетува на гардероберот на нашите баби, овој тренд нема многу заедничко со старите панталони од нивниот плакар.

Овој модел се препознава по високиот струк, благо стеснетите ногавици и опуштениот крој околу колковите и бутовите. Изгледа лежерно, но не ја крие фигурата под слоеви материјал. Напротив, ја нагласува половината, а истовремено лесно се вклопува во најразлични комбинации – од целосно опуштени до елегантни.

По вреќестите и барел-кроевите, како и „мама фармерките“ кои масовно се носеа пред десетина години, бабините фармерки уште еднаш потврдуваат дека модата се врти во круг.

Разликата е во тоа што овој крој носи доза на софистицираност. Благодарение на високиот струк, правите ногавици и опуштениот пад кој не ја следи строго линијата на телото, им прилега на речиси сите типови фигура и визуелно ги издолжува нозете. Токму тоа е неговата најголема предност.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Good Housekeeping (@goodhousekeeping)

Златната средина за совршена силуета

Еден од најголемите адути на овој модел е што претставува златна средина меѓу често неудобните тесни фармерки и многу широките модели, кои исто така не им прилегаат на сите.

Пропорциите се опуштени, а кројот може одлично да им стои и на пониските жени. Особено добро функционираат моделите чии ногавици не се премногу широки, бидејќи визуелно ја издолжуваат фигурата.

Инспирирани од силуетите од осумдесеттите, овие фармерки носат доза на винтиџ шарм со современ печат. А оваа есен, според најавите на модните експерти, особено ќе се бара испран тексас во посветли нијанси, кои лесно се комбинираат со останатите парчиња во гардеробата и оставаат простор за поигрување со модните додатоци.

Како да ги носите оваа есен?

За романтичен изглед, комбинирајте ги со нежна блуза, тантела, кошула со вез или суптилно проѕирни детали. Контрастот меѓу нежните материјали и цврстиот тексас создава особено интересна комбинација.

Ако сакате поелегантен стајлинг, одберете топ со прерамки, тенок ремен и сандали со потпетица или елегантни чевли.

За опуштена дневна варијанта, доволни се обична бела маичка, сако и балетанки. А доколку сакате малку поопуштен, но сепак шик-изглед, спојте ги со широка кошула, џемпер и мокасини.

И токму тоа е убавината на овој модел – изгледа добро без премногу труд, а со вистинските детали лесно може да премине од секојдневен во елегантен.

Прочитајте и

Убавина и Здравје користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Ќе претпоставиме дека сте во ред со ова, но можете да се откажете ако сакате. Прифати Дознај повеќе