Империјата го возвраќа ударот – „наполеонкор“ ќе маршира на улиците на светските метрополи
Заборавете на класичните блејзери и бајкерски кожени јакни. Пролетта 2026 година ќе донесе враќање на најдраматичните парчиња од модната архива во вид на војничка униформа. Под ознаката #napoleoncore, социјалните мрежи се преплавени со модерни интерпретации.
Од воените зони до модните писти
Она што на почетокот од 19. век било униформа на лесната коњица, препознатлива по струкираниот рез, богатиот вез и впечатливите копчиња, денес е симбол на урбаната елеганција. Ова парче поминало фасцинантен пат низ децениите: од строга воена опрема, преку сценски костими на музички икони како Фреди Меркјури и Мајкл Џексон (кои мундирот го претворија во симбол на слободата), па сè до естетиката indie sleaze во 2000-тите што ја прослави дизајнерот Еди Слиман.
Денес, куќите како „Диор“, „Меквин“ и „Ан Демулместер“ повторно го оживуваат овој крој, но му ја одземаат крутоста и му додаваат современа острина.
Како да носите мундир во 2026, а да не изгледате како војник?
Главната замка е опасноста да изгледате како да сте тргнале на маскенбал или во циркус. Трикот е во контрастот. Модните правила оваа сезона налагаат да го искомбинирате овој строг, декоративен горен дел со нешто тотално лежерно.
Џинсот како противтежа: Најдобриот начин да го „приземјите“ раскошниот мундир се широките, вреќести фармерки или популарните „бојфренд“ модели. Колку полежерен е долниот дел (дури и скинат), толку помоќно и помодерно изгледа горниот дел.
Гола кожа и сензуалност: Еден од најхрабрите трендови сезонава е носењето јакна на голо тело. Оставете неколку од горните копчиња откопчани. Контрастот помеѓу строгата волна и меката кожа создава баланс кој е истовремено провокативен и софистициран.
Игра со текстури: Ако сакате поромантичен пристап, искомбинирајте го мундирот со проѕирно макси-здолниште или лелеави материјали. Грубоста на војничкиот крој и нежноста на свилата го создаваат оној препознатлив изглед на висока мода.
Предимензионираноста и понатаму е клучна
Во 2026 не мора да тежнеете кон совршено струкиран модел. Мундирот кој е еден-два броја поголем функционира како лесен пролетен капут. Везот на градите дополнително ќе ја обликува ставата, дури и ако јакната лежерно паѓа преку рамениците.
Заборавете на строгите чизми ако не сакате да постигнете униформиран ефект. Војничката јакна оваа сезона изгледа фантастично со обични бели патики, каубојки, дури и робусни сандали. Што се однесува до модните додатоци, помалку е повеќе. Јакната сама по себе е толку впечатлива што доволни се само тенко синџирче или свилена марама околу вратот.
Пролетта бара да ја прифатите војничката дисциплина во кројот и да ја комбинирате со вашата слобода во стилизирањето. Пронајдете го вашето наполеонско парче во старински продавници или во новите колекции и носете го со најобични парчиња што веќе ги имате во плакарот.
ФОТО: Пинтерест, Unsplash