„Класиката и квалитетот никогаш не застаруваат“: Моден разговор со дизајнерката Моника Димова

Кога соништата се остваруваат...

Запознајте се со елегантните креации на инспиративната модна дизајнерка Моника Димова, која ни ги откри нејзините рецепти за успех и за добар стил

Нејзината приказна започнува со една нацртана илустрација, за потоа да прерасне во бренд за луксузна женска облека со седиште во Милано, познат како „Моника Димова“. Со оглед на тоа што креира во центарот на модата, слободно можеме да кажеме дека таа го живее сонот на многу млади дизајнери. Но зад успехот на овој моден предизвик се кријат напорна работа, упорност, истрајност и огромна желба.

Моника Димова, модна дизајнерка

 

Запознајте се со елегантните креации на инспиративната модна дизајнерка Моника Димова, која ни ги откри нејзините рецепти за успех и за добар стил.

Се сеќаваш ли кога првпат посака да станеш модна дизајнерка? Која беше првата твоја креација и како изгледаше таа?

Секако дека се сеќавам. Тоа се спомени на коишто многу често се навраќам. Бев многу мала а модата веќе на невообичаен начин многу ме привлекуваше. Секогаш ѝ се восхитував особено на елегантната мода. Се сеќавам на првата креација што ја нацртав за мајка ми а тоа беше вечерна, елегантна тоалета – сè уште ја чувам илустрацијата.

Модел во креација на Моника Димова
Си ја имала можноста да студираш во центарот на модата – Милано, и тоа во Институтот „Марангони“. Која е најголемата лекција што ја научи во текот на студиите?

За мене тоа беше остварување на сонот: да живеам во центарот на модата и да студирам на еден од најпрестижните факултети за моден дизајн во Италија. Најголемата лекција што ја научив е дека во текот на животот мора секогаш да се надградуваме. Никогаш не треба да мислиме дека знаеме сè, секогаш има простор за подобрување и за учење нови работи. „Иституто Марангони“ и живеењето сама во Милано ми помогнаа да ми се отворат нови видици кон модата, да станам самостојна со големи стремежи за успех и да си поставам високи цели кои ќе ме водат напред во животот и за кои напорно ќе работам.

Студирањето во странство е привилегија, но и предизвик, бидејќи не е лесно да се живее далеку од семејството, пријателите и родната земја. Кои беа најголемите тешкотии со кои се соочи на почетокот од твојата кариера? Што ти помогна да истраеш во моментите кога ти беше најтешко?

Нормално е да се соочиме со потешкотии кога сме во друга држава. Но јас сум самостојна уште од многу млади години, бидејќи уште од средно училиште живеев во друг град и тоа многу ми помогна да се снајдам во Милано. Кога го градиме својот пат во друга држава, мора да разбереме дека сме сами и дека сè зависи од нашата упорност, истрајност и желба. Со самата одлука да живеам во Италија, јас веќе ги знаев моите цели, знаев што сакам и што сакам да постигнам во иднина. Тоа беше главната мотивација што секогаш ме водеше напред.

Си била гостинка на многу модни ревии на светски познати брендови и си имала можност да бидеш во друштво на бројни успешни личности во светот на модата. Кое твое искуство би го издвоила како најдрагоцено и најзначајно досега за твојата кариера?

За мене сите тие се неверојатни искуства. Имав можност да посетам модни ревии на Dior, Moschino, DSquared, Versace, Corneliani и така натаму. Секое од нив беше значајно и за секое од нив сум чувствувала посебна возбуда. Да бидеш присутен одблизу на настани од таков вид, да можеш да ја почувствуваш таа енергија пред почетокот и во текот на една модна ревија, е големо богатство.

Денес имаш бренд за луксузна женска облека, и тоа со седиште во Милано, што може да се каже дека е сонот на многу наши дизајнери. На што се должи твојот успех? Кој е рецептот за остварување на соништата?

Желба, истрајност, верба и, пред сè, работа. Ако вие не верувате во самите себе, како би можеле другите да веруваат? И доколку не работите на своите соништа, како би дошле до тој успех?

Твоите креации се инспирирани од безвременските модни икони како Грејс Кели и Одри Хепберн. Сметаш ли дека на младите девојки денес им недостига стилот и вкусот што го имале елегантните трендсетерки од минатото? Кои се најголемите модни грешки што ги прават твоите врснички?

Сметам дека секоја жена има свој посебен стил што ѝ одговара, а за стилот никогаш не се дискутира ниту се суди. Доколку разговараме за модните грешки во денешно време, би можела да кажам дека грешка е ако слепо се следат сите трендови. Трендовите се менуваат многу брзо и ние не можеме секогаш да ги следиме. Секој би требало да го открие својот сопствен стил, да дознае што е тоа што најдобро му лежи и што е тоа што знае најдобро. Да се запрашаме кој вид облека нè отсликува нас и кое парче на облека ни дава самодоверба. Еднаш кога ќе го пронајдеме нашиот стил, треба да се држиме до него.

 

 

Жената на „Моника Димова“ е елегантна, сензуална, префинета, женствена и деликатна, а брендот се залага за пронаоѓање убавина во сите нејзини форми. Според тебе, како изгледа жената која е олицетворение на добриот стил? Имаме ли такви примери во денешно време?

Тоа е жена која се грижи за себе и го негува својот изглед. Оваа жена зрачи со позитивна енергија и самодоверба. Таа го има пронајдено својот стил и знае да го носи тоа со самодоверба. Нашиот бренд има цел да ја врати некогашната елеганција во модерна форма па затоа за мене, добар стил подразбира минимализам, квалитет и квалитетни материјали збогатени со внимателно избрани аксесоари кои ќе го надополнат елегантниот изглед. Секако дека имаме такви жени. Јас патувам постојано и многу често се случува да се разминам со жена која зрачи со елеганција преку нејзиниот став, држење и софистицираната облека што ја одбрала.

Кои се модните парчиња што секоја модерна жена треба да ги поседува во својот плакар?

Три збора: квалитет, боја и класика. Со текот на годините имам научено дека во нашиот плакар треба да имаме едноставни и квалитетни парчиња и да обрнеме внимание на природните материјали како свила, памук, волна, лен и слично. Тоа се всушност и главните материјали со кои работи брендот „Моника Димова“. Да пронајдеме кои бои ни прилегаат најмногу и да се придржуваме до нив. И како последно, да поседуваме повеќе класични парчиња кои ќе можеме лесно да ги вклучиме во многу комбинации. Класиката и квалитетот никогаш не застаруваат, секогаш ќе бидат во мода.

 

Ситуацијата со ковид-19 ѝ нанесе голем удар на модната индустрија и нè освести дека иднината е неизвесна. Како се одрази сето ова врз твојата работа? Какви се твоите идни планови?

Верувам дека сите ние поминавме низ тежок период. Изминатиот период беше и сè уште е освестувачки, на некој начин. Најважно е да продолжиме напред и да се прилагодиме на секоја ситуација. Јас сум почетник, млада сум. На 23 години започнав патување за кое цврсто верувам дека ќе има голем успех. Но, како и секој почеток, имам многу потешкотии. Сега тоа беше ковид-19, понатаму ќе биде нешто друго, но јас цврсто верувам дека најдобро учиме од нашето искуство и од нашите успеси и неуспеси. Свесна сум дека патот е трнлив, но мојата основна дефиниција за успех е: со мотивација, истрајност, дисциплина и перспектива – може да се успее!

Што би им порачала на оние што сакаат да се занимаваат со мода и моден дизајн?

Модниот свет е свет со огромна конкуренција. Но светот е огромен и за секого има место. Доколку верувате во себе и имате силна желба за успех, сето она што верувате дека е невозможно, всушност можете да го претворите во возможно.

Погледнете ги креациите на брендот „Моника Димова“ и на официјалниот веб-сајт monikadimova.com или заследете го инстаграм-профилот @monikadimovaofficial.

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: Приватна архива

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.