Дали можете да го замислите летото без вечните морнарски пругички?

МОДЕН МИТ: сино-бела маица

Јас не можам. Нема многу парчиња што никогаш не излегуваат од мода. А едно од нив е токму сино-белата морнарска маица. Пристигна од Франција, поточно од Бретања, унисекс е, може да има пошироки или потесни пруги, од белен или небелен памук, со различна должина на ракавите, со овален или чамец-изрез… Со текот на времето доживеа разни изданија, но дури ни кралицата на модната деконструкција Реи Кавакубо не се осмели да оди подалеку од дискретна интервенција, па само го додаде логото на колекцијата „Плеј“ – срце што гледа со очи.

Од француските морнари…

Први ја носеа британските морнари во 19 век, и тоа заради сопствена безбедност – за да можат полесно да бидат забележани од спасувачите ако паднат во морето. Од 27 март 1858 година како дел од пропишаната униформа во Француската морнарица стана и оваа маица. Оригиналната бретонка е изработена од небелен органски памук и има 21 бела пруга (со ширина од 20 мм) и 20 сини (со ширина од 10 мм). За 21-та победа на Наполеон по една бела пруга!

 

… до револуција во женската мода

Во светот на модата, сино-белата морнарска маица ја воведе Коко Шанел во 1917 година. Промовираше исончан тен, со кој совршено одговара редизајнираната облека на сиромавите рибари и морнари. Легендата вели дека за време на една прошетка со Артур Капело низ Довил добила инспирација за својата едноставна, удобна морнарска колекција, со која предизвика револуција во женската мода. Од комотната облека на морнарите создаде мода за независни жени. По корсетите и неудобната облека, носени со векови, во кои беа третирани претежно како украс, жените сакаа да носат облека во која ќе се чувствуваат удобно и слободно, па оваа колекција на визионерката Коко ја прифатија со радост.

Симбол на ноншалантноста на филозофите и уметниците

Во повоената Франција, во текот на 40-тите и 50-тите години на минатиот век, се развива влијанието на егзистенцијализмот, па дури и во модата. Повторно се појавува сино-белата маица, сега меѓу бунтовните следбеници на Сартров, и целосно се согласува со егзистенцијалната филозофија. На голем број фотографии ќе забележите дека Пабло Пикасо носел пругаста маица, и тоа во разни варијанти. Често престојувал на југот на Франција, а престојот на плажа подразбира и покежуал начин на облекување. Пикасо ја носел бретонката на локалните рибари и како симбол на радост, инспирација и успех по тешкиот и напорен труд.

Благодарение на филмот, станува треш-шик

Во текот на 50-тите и 60-тите години на минатиот век, патувањата и водените спортови се популаризираат, па сино-белите маици стануваат своевидна урбана униформа за оние што можат да си дозволат луксузен живот. И Брижит Бардо, која во 50-тите години на минатиот век рибарското го трансформира селце Сен Тропе во монденско место, носела, се разбира, бретонка. Во еден од најзначајните филмови на новиот француски бран, „До последен здив“ (1960), актерката Џин Сиберг зрачи со едноставноста на својот мангупски стил носејќи ја оваа маица. Триесет и пет години подоцна во американското остварување „Француски бакнеж“, Мег Рајан неодоливо носи маица со морнарски пруги…

Ги гледате ли брановите?

Бретонката ги инспирира Коко Шанел и Ив Сен Лоран, Карл Лагерфелд, Соња Рикел, Жан Пол Готје и многу други креатори и стана задолжителен дел на нивните колекции. Еве, веќе трети век е неизоставен дел на секое наше лето, а често не ѝ одолеваме ни во другите годишни времиња. Всушност, на оваа маица ништо не е случајно, сино-белите пруги се бранови, поморски култ и моден мит, и додава дека амбицијата да ја носат поголем број луѓе затоа што сите можат да ја носат е длабоко демократска и антиглобалистичка!

Текст:

Јованка Козловачки-Дамјанов

Прочитајте и

Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Сакаш посебен третман?
Зачлени се во елитниот клуб. Регистрирај ја својата е-адреса и добивај специјални понуди и вести
Одјава е можна во секое време