10 практични совети што ќе ви го олеснат подготвувањето за работа

План за совршен бизнис-изглед

Секое утро слична приказна! Немате време да го осмислите деловниот стајлинг, па се фаќате за глава кога ненадејно ќе ви излезе состанок со важни клиенти, бидејќи не сте соодветно облечени. Следете го нашиот брз план за примерен деловен изглед.

1 ПОЈАДОКОТ ПРИГОТВЕТЕ ГО ПРЕТХОДНАТА  ВЕЧЕР

Тоа е најважниот оброк во текот на денот! Значи, нема прескокнување и компромиси! Олеснете си приготвувајќи го претходната вечер (направете сендвич или ставете на масата чинија и кутија со житарки).

2 НЕМАТЕ ВРЕМЕ ЗА ФЕНИРАЊЕ? Еве три брзи идеи:

– Затегнете ја косата и врзете ја во коњско опавче.

– Завиткајте ја косата во т.н. банана-фризура. Со неа можете да носите и венче на околу 2,5 см од линијата на растот на косата.

– Актуелни се и високи балерина-пунџи. Значи, сè што ви е потребно во текот за целиот ден да имате уредна фризура е ластиче за коса или неколку шнолички.

3 КРЕИРАЈТЕ СИ САМИ СВОЈ МАЛ МАГИЧЕН  ФУСТАН

Кога ќе пронајдете модел на фустан што совршено ви прилега, однесете го кај шивачката да ви сошие неколку исти фустани, но во различни бои и дезени. Комбинирајте ги со впечатлив накит, марами и други интересни модни детали.

4 НЕКА БЛЕСКА ВАШАТА КОЖА

По миење на лицето, неколку капки од средство за самопотемнување измешајте со ноќниот крем и нанесете го на лицето. Наутро вашата кожа ќе блеска благодарение на дискретната топлина од „тубата“, а малите несовршености на неа ќе бидат покриени, па наутро нема да морате да нанесувате комплетна шминка.

5 ПОПРАВЕТЕ ЈА ФРИЗУРАТА ВО КАНЦЕЛАРИЈА. Ако имате кадрава коса, измијте ја пред спиење и додека е сè уште влажна, врзете ја во пунџа. Во канцеларијата, распуштете ја косата и перчињата покрај лицето навиткајте ги со фигаро.

6 ИЗБЕРЕТЕ МОДНИ КОМБИНАЦИИ ЗА ЦЕЛА НЕДЕЛА

Во недела навечер разгледајте ги обврските за цела недела и изберете комбинации за секој ден. Потоа закачете ги на закачалка во плакарот. Ако е потребно, ставете и етикети што ќе ве потсетуваат која е за кој ден предвидена.

7 ЕДНОСТАВНО ЗА КОМБИНИРАЊЕ!

Во својата колекција задолжително треба да имате класични салонки во сива и во беж-боја. Инвестицијата повеќекратно ќе ви се исплати, бидејќи овие две нијанси можете да ги комбинирате со СИТЕ парчиња гардероба, без разлика на бојата.

8 РЕОРГАНИЗИРАЈТЕ ЈА ШМИНКАТА

Одвојте ја шминката за секој ден од онаа за посебни пригоди. На овој начин ќе си го олесните пронаоѓањето на она што ви е потребно во дадениот миг.

9 БИДЕТЕ (ФИЗИЧКИ) АКТИВНИ ОД РАНИ ЗОРИ

Наместо да се возите со автомобил, пешачете до работа. Ако фирмата ви е предалеку за да стасате на време, испешачете барем еден дел од патот пред да фатите автобус или такси. Оваа лесна утринска вежба ќе ви даде дополнителна енергија за работниот ден. За време на прошетката носете патики или удобни чевли, а чевли со потпетица понесете во чантата за да се пресоблечете во канцеларијата.

10 СРЕДЕТЕ ЈА ЧАНТАТА

Ако често менувате чанти, најпрактично е во посебен несесер да ги ставите неопходните работи – паричник, мобилен телефон и клучеви. Тоа значително ќе ви го олесни трансферот на работите од една во друга чанта и ќе спречи да го заборавите најпотребното.

Текст: Убавина и здравје

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.