Во септемврискиот број на „Убавина и здравје“ ќе читате: „Ве сакаме и не ве осудуваме, немојте ни вие нас!“

Убава!

Септември, пријатно топол, понекогаш дождлив, но богат со бои и плодови во природата, богат со новитети што ја најавуваат новата сезона… Ова се причините поради кои научив да го сакам овој месец, кој неправедно ми беше најомразен уште од детството.

Веројатно поради завршетокот на летото или некои разделби…

Вистина е дека убавината треба да е очигледна, но понекогаш човек не ја гледа поради своите впечатоци, расположение, емоции, па потребно е да се загледаме или некој да ни ги предочи убавите аспекти.

Бидејќи ништо и никој не е совршен и секогаш има убави и помалку убави аспекти, а тоа зависи од перспективата. Кога зборуваме за убавината на жената, перспективата ја дефинираат трендовите и општеството, а жената настојува да се вклопи во „сликата“.

Па, така, некогаш мислевме дека магазините прикажуваат нереална слика за поимот убавина, но денес, во ерата на Инстаграм, филтри и филери, дојдовме до точка во која некогаш толку ценетиот природен изглед бледнее под притисокот на новото убаво.

Немаме ние ништо против новото време, како и напредокот на технологијата и бјути-индустријата, напротив, се радуваме на новитетите, како што спомнавме погоре, учиме за нив, препорачуваме…

Но она што не ни се допаѓа е една многу стара работа, која ги следи сите трендови кога станува збор за женската убавина – осудата.

Прво беа осудувани жените што не изгледаат „доволно добро“, потоа жените што го менуваат својот изглед со помош на сите расположливи средства за да изгледаат што подобро, а денес на осуда наидува и жената што не се труди доволно да го постигне идеалот на убавина.

Зошто жената да не може да одбере како сака да изгледа и да не мора да биде критикувана поради својот избор (стр. 44)?

Да изгледаме онака како што сакаме, само да бидеме среќни, односно да ни биде убаво во сопствената кожа! На нашите страници повторно ќе пронајдете многу нешта што би можеле да ни помогнат за да го достигнеме тоа чувство на среќа, но само доколку чувствувате дека таква помош ви е потребна.

Ве сакаме и не ве осудуваме, немојте ни вие нас!

Текст: Јована Стојменовиќ, главна и одговорна уредничка на „Убавина и здравје“

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.