Во продажба е декемврискиот број на „Убавина и здравје“: Нова визија?

Уводник на уредничката

Чарлс Дикенс за свој роман од 1861-та одбрал моќно име што кажува сѐ уште пред да го прочитате делото кое подоцна стана инспирација за авторите на повеќе негови екранизации – „Големите ОЧЕКУВАЊА“. Ако не сте запознаени со ова дело, овие празници доживејте го на филм или во книга, ќе ве поттикне да размислувате, или едноставно ќе уживате во една убава приказна проткаена со длабока ЉУБОВ. Но да се навратиме на очекувањата и филмовите во кои главната улога е наша (стр.58). Големите очекувања, велат, раѓаат големи разочарувања, но, исто така, велат и: сонувајте големи нешта и ќе живеете големи нешта. Што од ова вам ви е поблиско? Да се надевате на најдоброто за да го поттикнете универзумот да ви го даде, како што тврдат некои прирачници за личен развој, или да бидете во својата безбедна зона, да не очекувате премногу и да се заштитите од разочарувањето што би дошло како резултат на неисполнетите НАДЕЖИ, неисполнетите ЖЕЛБИ. Јас сум и таму и ваму. Би ја фрлила коцката за некои работи, бидејќи многупати досега сум добила јамб и го знам чувството на среќа што нѐ обзема поради исполнувањето на желбите. Но имало и ситуации кога исходот не бил таков како што сум се надевала, а тогаш се чувствувате празно, чувствувате дека сте загубиле, иако, всушност, само не сте добиле.

Дали е губиток кога губиме нешто што сме немале? И кој е виновен? Јас – бидејќи се надевав, а немав право на тоа? Јас – бидејќи не се заштитив и очекував „премногу“? Јас – бидејќи вложував толку многу, за ништо? Не! Имаме право да се надеваме СЕКОГАШ. Да го вложиме секој атом на нашата енергија во надеж дека ќе биде добро и да не се плашиме. Ако и не биде онака како што очекуваме, никој не е виновен, понекогаш работите едноставно не зависат само од нас. Од нас зависат само очекувањата што ги имаме од себеси, па најдобро да се сведат на тоа. Да ги намалиме оние очекувања од другите околу нас. Да разбереме што е наш вистински КОПНЕЖ, а што само желба – ви обезбедивме и конкретни совети за УСПЕХ (стр. 56). Сепак, некогаш посакуваме предвидувања, затоа побарајте што пишува во ѕвездите (стр. 49). Создадовме приказни за нега, шминка и убавина и модни приказни полни со СВЕЖИНА (стр. 78). Понекогаш една НОВА година може да ни донесе нови околности во кои ја дочекуваме, па се радуваме за нашите соговорнички што ги споделија своите топли спомени (стр. 44).

А ние во „Колор медиа плус“ заокружуваме една убава ГОДИНА за нас,секако поради вас, па нека биде тоа наша заедничка РАДОСТ (стр. 154)!

Среќна Нова година!
НОВА ПРИКАЗНА!

Ваша Јована Стојменовиќ

Гл. и одговорна уредничка на „Убавина и здравје“

#онаштонавистинаеважно

loading...

Прочитајте и

Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Сакаш посебен третман?
Зачлени се во елитниот клуб. Регистрирај ја својата е-адреса и добивај специјални понуди и вести
Одјава е можна во секое време