Во јулскиот број на„Убавина и здравје“ ќе читате: Летен спектар

Ви посакуваме со летна леснотија да се справите со сите предизвици што ги носи животот

Почнуваме со модна изјава – летово да носиме бело, но на импресивен начин – од глава до петици! Ресорт-колекцијата Provans на модниот бренд Bella, претставена во филмска модна приказна наречена Desert White, инспирира токму таков моден печат.

А природните материјали од кои е изработена одат во прилог на комфорот потребен под жолтото и жешко летно сонце. Токму овој концепт на софистицираност и свежина во летната жега е инспирација за нашата јулска насловна страница. Но кога сме кај сонцето и боите, дали знаевте дека тоа воопшто не е жолто?

Во културата што ја познаваме, оваа најголема и најблескава ѕвезда секогаш се прикажува во жолта боја, но во суштина, нејзината боја е бела. На светлината во космосот ѝ е потребно многу време да дојде до окото на набљудувачот овде на земјата, па така и ноќва, ако гледаме во небото, можеби ќе гледаме во ѕвезда што одамна е згасната, а од истите причини и сонцето во кое гледаме ја „менува“ својата боја во нашите очи.

Дополнително, поради прекршувањето на светлината низ земјината атмосфера, ние стекнуваме впечаток дека сонцето има жолта боја.

Поентата ми е оваа приказна да нè потсети дека нештата не се секогаш онакви какви нам ни изгледаат и дека не секогаш можеме да им веруваме дури ниту на сопствените очи. Особено затоа што очите понекогаш гледаат слики што се резултат на убедувања, впечатоци, импресии…

Поради такви убедувања, многу жени, токму во сезоната на костими за капење, па и мажи, иако тие поретко признаваат, водат битка со огледалото (стр. 68). Во ерата на филтри и филери, секогаш треба да се потсетиме дека изворот на среќа непогрешливо доаѓа однатре, и тоа треба да е единствениот диктат.

Затоа, повикуваме на самодоверба и уживање на плажа (стр. 38), без исполнети строги стандарди на димензии на супермодел.

Но како „Убавина и здравје“, без притисок, повикуваме и на убавина (стр. 29) и здравје (стр. 66), а потсетуваме и дека и најмалата активност може да придонесе за чувство на среќа (стр. 61). Ако се сака, има време и се креира расположение за сè, и тоа не исклучува летен хедонизам (стр. 80).

Поентата е да нема исклучување на ништо што ѝ годи на душата, но да имаме план и секогаш да бидеме подготвени за акција и за промена на нештата што нè прават помалку среќни!

Само тоа е рецептот за да бидеме задоволни, сите ние кои живееме овде под сонцето…

Без оглед која му е вистинската боја. На крајот на краиштата, виножитото што го гледаме е резултат на сончевата светлина, па можеме да избираме која е неговата вистинска боја. А ова е добар момент да се потсетиме и дека по дождот, секогаш доаѓа виножитото.

Ви посакуваме со летна леснотија да се справите со сите предизвици што ги носи животот.

Ве сакаме,

Јована Стојменовиќ, главна и одговорна уредничка на „Убавина и здравје“

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.