Со секој примерок на „Убавина и здравје“ – тестирајте врвна нега од брендот Cerave: Уживајте во нашите априлски приказни!

Писмо на уредничката… Животот е убав!

Во фокусот на овој број ни е СРЕЌАТА. Иако, СРЕЌАТА е реално фокус на сечиј живот. Едноставно е така. Она што не е едноставно е вечната потрага по чувството на СРЕЌА на модерниот човек. Велат дека „за СРЕЌА ни е потребно малку“, но времињата се сменија, па така, многумина сè потешко гледаат на животот со оптимизмот кој оди рака под рака со чувството на СРЕЌА.

Не знам дали изборот да се гледа на животот со оптимизам би можел да биде намерен. Иако, така советуваат многу модерни учења за кои луѓето даваат пари само да дојдат до својот внатрешен мир и ослободувачкото чувство на СРЕЌА. Но, од друга страна, луѓето кажале и дека „СРЕЌАТА со пари не се купува“.

Јована Стојменовиќ, главна и одговорна уредничка на „Убавина и здравје“

За да ја побараме „СРЕЌАТА во малите нешта“ подолг период на последната страница на нашиот магазин, нашите соговорници споделуваат што ги прави вистински СРЕЌНИ.

Одговорите на речиси сите досега беа во релација со луѓето, блиските и професијата што ја сакаат.

На многумина им е лесно да дефинираат што ги прави СРЕЌНИ, но ако се наоѓате во фаза во која не го знаете одговорот на ова прашање, во овој СРЕЌЕН број имаме интересен тест за вас (стр. 82), кој ќе ви помогне да се потсетите што е можеби суштината на вашата СРЕЌА.

Велам да се потсетиме, бидејќи брзиот живот е тој што често прави да не можеме да ја почувствуваме СРЕЌАТА која е во нас, како да сме ја заборавиле, па затоа сметаме дека треба да трагаме по неа.

СРЕЌАТА е индивидуална работа, но во исто време и колективна, бидејќи сите сме некако поврзани.

Затоа не треба да ја забораваме заедничката визија за СРЕЌА, која подразбира СРЕЌНА околина исполнета со многу убави нешта кои треба да се разменуваат – дарежливост, љубов, сестринство и братство …

Да не дозволуваме да забораваме зошто и како сме СРЕЌНИ во животот, и да го оддалечиме она или оној што ни ја краде СРЕЌАТА.

Бидејќи, некои луѓе, не успевајќи да ја пронајдат, одлучуваат да ја крадат. Само еден услов е доволен за животот да ни биде убав, а тоа е да бидеме вистински СРЕЌНИ.

Идниот месец славиме 15 години „Убавина и здравје“, и многу сме СРЕЌНИ што и понатаму нè читате и нè сакате.

Ваша Јована Стојменовиќ, главна и одговорна уредничка на „Убавина и здравје“

Насловната страница на априлското издание на највлијателното списание за жени во регионот ја краси популарната пејачка Јелена Розга.

 

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.