Не пропушатајте ја октомвриската „Убавина и здравје“: Еве зошто!

Смела!

Овој септември ни е во знакот на „свадбените ѕвона“! Прво, бевме на магична свадба кај нашата Марија Лукаревска и нејзиниот, сега веќе сопруг, Милош Андоновски и сѐ уште сме под впечатоци од журката, на која уживавме сите колеги.

А во фокусот и на насловната на овој број ни е крунисувањето на љубовта на Викторија Лоба  и нејзиниот долгогодишен партнер Ѓорѓи Калешов (стр. 25). Со оглед на букираноста на салите за венчавки овој септември, кога и ние ја планираме нашата забава за испраќање на летото, верувам дека и многумина од вас се гости на венчавки или, пак, можеби некој ја планира и сопствената. Доколку е така, ви донесуваме светски тренд за оригинални венчални бурми (стр. 63), а низ нашите страници ќе добиете и идеи за подароци, како и идеи за вечното прашање – што ќе носиш на свадба?

Сепак, главната порака за овој број е нешто што ни е заедничко на сите, а тоа е прагот на новата сезона. Иако наша задача е да ги следиме и да ги најавуваме сезонските трендови во индустријата за убавина, како и модата, што, секако, го направивме и во овој број (стр. 50 и 59), сепак, акцентот на пораката што сакаме да ја испратиме месецов е на смелоста.

Фотограф на насловната страница е Антонио Станков. Креацијата во која позира Викторија Лоба е: на „Ателје Коцарева“.

Таа е дефинирана како способност и подготвеност да се соочиме со страв, болка, опасност, неизвесност или заплашување. И ќе признаете дека во овие времиња оваа способност ни е потребна на сите. Живееме во некои нови времиња, во кои постојано се наметнуваат некои нови предизвици, кои, разбирливо, предизвикуваат нелагодност, ако не и страв, па логично е да се вооружиме со смелост за да се избориме со секоја пречка.

Предизвици за кои треба да зборуваме, како сајбер полово базирано насилство, на кое се изложени сѐ повеќе девојки и жени (стр. 46), или новите текови во САД, кои би го укинале правото на абортус (стр.78). Уште еден предизвик за кој е потребна смелост е анксиозноста. Студии спроведени во САД покажуваат дека од година на година расте бројот на луѓе со анксиозни нарушувања, а како причинители се наведуваат условите за живот, новите технологии, социјалните норми и притисоци, како тежнеењето кон перфекционизмот во модерното општество.

Затоа е неопходно човек да пронајде алатки за да си го зачува сопствениот мир (стр.74). „Глимерите“, на македонски – сјај, сјаење, зрак светлина (стр.87), се оние мали нешта што го враќаат чувството на радост или безбедност. Глимер би можело да биде сè, од поглед на хоризонтот на вашиот омилен град до гледање слика од вашето домашно милениче…

Се надеваме дека „Убавина и здравје“ е нешто што го доживувате како зрак светлина и дека ќе ве мотивираме да бидете смели и храбри, бидејќи секој од нас е херој на сопствениот, а веројатно и на уште нечиј живот.

Главна и одговорна уредничка на „Убавина и здравје“, Јована Стојменовиќ

Главна и одговорна уредничка на „Убавина и здравје“, Јована Стојменовиќ

 

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.