Летна леснотија

Драги читателки, во продажба е новиот број на вашиот омилен магазин „Убавина и здравје“. Влезете во летната сезона, убави, вити и во форма.
…Плус, прилог во секој број – најдобрите понуди на туристичките агенции

Конечно! Месецот што ја најавува добата во која сè е полесно! Денот е долг, топол и убав, утрата и изгрејсонцата прекрасни, па полесно се станува рано наутро, дури и ако некои имаат обврска да станат во 5 часот. Во лето, мене и работните обврски ми паѓаат полесно, не знам како е кај вас… но околу една работа сите ќе се согласиме – најлесна е гардеробата што ја носиме. Тоа супер, помали и полесни багажи за патување, помалку товар на рамениците, но таа леснотија може да се претвори во „тежина“ ако не сте во идеална форма.

Вишокот килограми полесно се сокрива под слоевите гардероба во постудените денови, некои нема ниту да забележат дека сè не исто како лани сè додека не испробаат некои атрактивни монокини во гардероба на продавница за костими за капење и ДА, не е до огледалото! Но, драги наши, ние сме непоправливи позитивци и гласно велиме – не е загубено сè! Можеби за еден месец нема да бидете совршено тенки и фит, но верувајте дека ќе има видлива разлика и ќе бидете горди на резултатите! Затоа го фаќаме последниот воз за „тело за на плажа“ и овој јуни интензивно се занимаваме со изгледот на телото.

Се потрудивме да ви бидеме посебно корисни, па освен советот број еден – дупнете ја лажицата – ви обезбедивме голем број фитнес-лекции и препораки за спортување. Во фокусот ни се и негата на кожата, косата и стапалата и разубавувањето на телото во секоја смисла. Но ние никогаш не се занимаваме само со површината, за нас секогаш е најважна суштината, затоа тема на бројот овој јуни ни е #госакаммоетотело.

Сакавме да разговараме со стручњак, но и познати дами за односот кон сопственото тело. Секогаш може подобро, и треба да се грижиме за себе најдобро, но дали понекогаш сме престроги? Дали мораме да имаме и идеални пропорции, килограми, совршена кожа, ниту една лузна и стрија, ниту брчка…? Самодовербата е многу важна во целиот процес, затоа овој јуни работиме и на неа! Еден месец со нашите препораки, костим за капење и позата на Џесика Алба од насловната и сè ќе биде супер! Нешто на што посебно му се радуваме во овој период од годината е летниот одмор и патувањата, па покрај нашата редовна травел-авантура, ви обезбедивме додаток со дел од најдобрите понуди на туристичките агенции.

А од овој број почнуваме и нова рубрика – живот во странство, познатите личности ни откриваат како се снаоѓаат далеку од дома, а за своето искуство „преку барата“ прв ни раскажа Франц. Веруваме дека ќе пронајдете уште многу други задоволства на нашите шарени 132 страници овој јуни, па затоа земете нè со вас на патување и испратете ни фотографија на Инстаграм!

Алоха!

Ве сакаме!

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.