Јас можам!: Самодоверба, емпатија, успех и слични приказни…

#онаштонавистинаеважно

Најзелениот месец нѐ инспирира за зелена насловна страница со прекрасната актерка Рејчел Вајс, но и да вклучиме содржини со кои барем малку ќе дадеме свој придонес кон одата на планетата што медиумите ја приредуваат напролет и околу Денот на планетата Земја месецов. Јасно ни е дека МАЛКУ може секој од нас даде како свој придонес во глобалното уништување на местото што е наш заеднички дом, бидејќи вистинската и најголемата промена е далеку од дофатот на нашите раце, а често и далеку од нашите очи… Но она што ни е секојдневно во рацете, а и пред очите, е отпадот што самите го создаваме, па би можеле малку повеќе да внимаваме на него и каде и како го одложуваме и да не го уништуваме зеленилото околу нас.

Една од темите на овој број е самодовербата. Успехот во голема мера зависи од степенот на самодоверба. Луѓето што веруваат во себе зрачат со посебна убавина, не се плашат од преземање одговорност, храбро се соочуваат со сите пречки, не се споредуваат со другите и ослободени се од потребата за комплименти и пофалби. Кај нив нема простор за љубомора и завист, бидејќи кога сте задоволни од себе, немате причина да мразите. Сепак, недостигот од самодоверба е многу голем проблем и честопати е главна причина за многу пропуштени животни шанси и моменти. Кои се карактеристиките на самоуверените луѓе, од кои фактори зависи самодовербата и како може да се зголеми истата таа, откриваме во нашиот разговор со психологот Бојана Стојменовиќ…

Ви донесуваме и приказна за самохраните мајки… многу од нив продолжуваат понатаму посилни од порано, но сите ја имаат дилемата кога и како да им соопштат на родителите, на децата, на пријателите дека „мама има момче“. Од мигот на соопштувањето дека ќе се разведат, ставени се на столбот на срамот, потоа доаѓа и моментот кога треба да признаат дека имаат ново момче… Со тие непријатности повеќето самохрани мајки успеваат да се изборат игнорирајќи го опкружувањето, но како да ги подготвите децата за таа ситуација?

Ѕвездените приказни за овој број се: извештајот за второто издание на манифестацијата Story Awards, но и интервјуто со повторно актуелните „Некст тајм“ со кои разговаравме за музиката, успехот, љубовта и нивните идни амбиции…

Портретот на Наташа Малинкова вклучува среќен брак, кој трае 16 години, и самата за сопругот вели дека е нејзина најголема поддршка, а плод на нивната љубов се двете ќерки Султана и Емилија, со Наташа има близок и пријателски однос. Насмеана, позитивна, шармантна и полна со енергија, ни откри помалку познати факти за нејзиниот професионален и личен живот…

Уште од мали нозе се стекнуваме со стереотипот дека е во ред жените да плачат и да ги искажуваат своите емоции, додека за мажите тоа е неприфатливо. Токму поради тоа се добива впечаток дека жените се поемотивни од мажите, но тоа воопшто не е вистина. А кој може подобро да ни го докаже тоа од уметничките души? Со музичарите: Давид Димовски и Вукашин Марковиќ и актерот Владимир Петровиќ разговаравме за емоциите како универзален двигател…

А младата пејачка,Теа Трајковска ни ги откри своите „зелени активности“ за зачувувањето на планетата…

Во сегментот за убавина и мода, се фокусиравме на темите за зелена нега: ви откриваме како холивудските диви ја користат моќта на природата за унапредување на својата убавина, но ви откриваме и совети како да и возвратиме на природата, ставајќи ја сопствената убавина и во служба на природата…

Свесни сме и дека голем број од вас не можат безбрижно да ужииваат во природа на пролет само поради еден проблем – сезонските алергии на полен. Се обидовме да пронајдеме природни средства со кои би можеле да ги ублажите непријатните симптоми…

 

Нашата сезонска модна агенда ви ги донесува актуелните бои, форми, дезени и трендови, а модните приказни ги надополнивме со идеи за свечен изглед на претстојните прослави, но и шик идеи за прескокнување на урбаниот хаос – Модерна и на тротинет!

Во приказните за животниот стил ви донесуваме три нови рецепти за вкусни пролетни пити, но и еден несекојдневен рецепт за успех – како нашиот соговорник, Љупчо Георгиев, стана генерален директор на „Мајкрософт“ за Македонија и кои се неговите секојдневни предизвици со кои успешно се справува…

Дали сме сочувствителни? Веројатно многумина за себе сметаат дека поседуваат доволна доза на емпатија, но за тоа веројатно би требало да просудат другите… Дали имаме двојни аршини кога ја оценуваме сопствената и сочувствителноста на луѓето во нашата околина? Заменик уредничката Марија Лукаревска размислуваше за дефицитот на оваа благодорна особина кај луѓето, а јас размислувам – што ја наведе токму оваа тема да биде во нејзиниот фокус? 🙂

 

Тоа е нашата цел и најголемо задоволство – кога успеваме да ве поттикнеме на размислување или уште поважно, да ве инспирираме…

Имајте прекрасен април!

Ваша Ј.

 

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.