Да ПРОлетаме: Нова енергија, предизвици и трендови…

#онаштонавистинаеважно

Март во „Убавина и здравје“

Будењето на пролетта ни ја освежува заспаната енергија, ни дава елан за прифаќање нови проекти, предизвици, нè охрабрува да внесуваме промени во нашата секојдневна рутина, да следиме нови трендови…

Токму таков е и нашиот мартовски број: пролетен, енергичен и предизвикувачки! Покрај нашите редовни содржини и рубрики, во секој примерок од магазинот „Убавина и здравје“ ќе најдете и изненадување од нашите верни соработници Vichy за специјален третман на вашата коса, а како во секој број, така и во овој, ќе имате можност да добиете многу други вредни подароци, следејќи нè на социјалните мрежи.

Мартовскиот број на највлијателниот женски магазин решивме да го посветиме на модата.

Креациите што ја красат нашата насловна страница и одлично им прилегаат на моделите Ведрана Ѓорѓевиќ и Ивана Гелева, се дело на нашиот познат моден дизајнер Андреј Папаз, па по тој повод, поразговаравме малку за неговиот начин на креирање и, генерално, за модниот свет.

Само за вас, направивме нов моден план и ви откривме кои парчиња облека ја сочинуваат новата база.

Ве советуваме како да го комбинирате дуксот со качулка, а корисни совети ќе најдете и во модната листа на омилени комбинации на блогерката за мода и убавина Ангела Ѓоргиева.

Доколку, пак, планирате наскоро да блеснете во бело, ви ја претставуваме нашата визија за совршена невеста, преку креациите на Pepika atelier.

 

Покрај модата, во фокусот ни беа и најмалите, па затоа овој месец подготвивме специјал за деца во кој ги опфативме сите прашања што ги мачат родителите, меѓу кои едно од најактуелните е: Дали да го вакцинирам моето дете?

За детскиот имунитет и ризикот од алергии, поразговаравме со д-р спец. Александар Сајковски, а проблемот со заспивањето на децата и нивните будења во текот на ноќта откривме дека може да стане минато со помош на техниките на Сања Ѓоргева, сертифицирана тренерка за спиење на бебиња и деца.

Дознавме и колку се важни сликовниците за детскиот развој и го разгледавме нивниот едукативен ефект, покрај забавниот.

Специјалот го заокруживме со наши познати татковци кои ги прашавме колку е важна улогата на таткото во развојот на детето и зошто тој честопати е заборавениот учесник во семејството.

Кога сме кај нашите познати личности, направивме ексклузивно интервју со Влатко Лозаноски-Лозано, по повод неговиот концерт што ќе се одржи на 23 март во ВИП Арената на „Борис Трајковски“.

Нашиот број  не би бил целосен кога не би го збогатиле со моќна женска енергија. Па така, се запознавме одблиску со прекрасната Вера Мештеровиќ, и со неа поразговаравме за семејството, кариерата и љубовта.

„Искрено се надевам дека некогаш ќе се појави и тој некој што би имал храброст да стои до мене како партнер“, ни призна Вера.

Женската сила е незаменлива, но честопати ја потценуваме, затоа што не’ заслепуваат погрешни работи. Прочитајте зошто треба да престанеме да се фокусираме на нашите и туѓите недостатоци и зошто секоја жена е фасцинантна на свој начин.

Која е вашата хероина? Пишете ни во коментари или на нашата мејл-адреса redakcija@ubavinaizdravje.mk.

Не пропуштивме да поразговаравме и за женската убавина со познатата тв-водителка Билјана Дебарлиева, која секогаш изгледа негувано и средено.

Косата во голема мера придонесува за убавината на жената. Начинот на кој ја миеме, негуваме и стилизираме зборува за нашето потекло и корено, па затоа истраживме каков култ кон косата негуваат разни земји ширум светов.

Рубриката „животен стил“ исто така крие богати содржини кои ќе ве запознаат со другата страна на Истанбул, ќе ви понудат брзи рецепти за вашето дневно мени и ќе ви откријат како се дизајнира автомобил за „Мерцедес“.

Во овој број ќе имате можност да прочитате нешто повеќе за уште една женска сила, младата актерка Наталија Теодосиева, која наскоро ќе ја гледаме во „Врба“, најновото филмско остварување на Милчо Манчевски.

„Верувам во надежта и нејзе ѝ ја полагам сета моја надеж“, ни изјави Наталија.

Богатите содржини на мартовскиот број на „Убавина и здравје“ нека ве охрабрат да бидете убави, здрави, силни и свои. Започнете ја пролетта заедно со нас и дозволете ни да ве потсетиме дека би можеле да ПРОлетате, само ако посакате!

Лукаревска,

заменик-уредничка на магазинот „Убавина и здравје“

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.