Баш сум убава!

Јули во „Убавина и здравје“

Овој летен број е еден од оние при чие подготвување доживеавме еднакво уживање и неверојатни маки за да го завршиме. Прво, јули – инспиративен и полн со некаков копнеж по опуштено излежување покрај вода, додека повремено се бакнуваш со сонцето, уживаш во прегратките на морето, го тресеш здодевниот „леплив“ песок од стапалата, ги вдишуваш летните ароми со полни гради, а вкусовите се некако полни, богати… Но за да дојде јули, требаше да мине еден од најстудените јуни. Нашиот едиторијал „Гламур под сонцето“ го фотографиравме на само 15 степени, под густи облаци и интензивен дожд… Но и тоа го надминавме како професионалци. Погледнете го финалниот резултат на модната приказна на нашиот моден фотограф, Александар Велов и модната уредничка, Магдалена Медичи.

 

Имавме и многу други незгоди на кои нема да се осврнувам затоа што за сиве овие години медиумска работа научив: што и да се случи – шоуто МОРА да продолжи! И продолживме. Направивме избор и реализиравме содржини за кои веруваме дека ќе ги исполнат твоите мигови резервирани само за себе и само за уживање. Па да почнеме!

За оние што треба да почекаат до летниот одмор и често си велат:

Само да ми е…

… еден ден да се наспијам, да можам да отпатувам, сите да ме остават на мира!

Е, за вас обезбедивме совршени релакс-техники што ќе ви помогнат во надминувањето на тешкотиите (стр. 36).

 

Соло си ова лето? Па што! Верувала или не, можеш сѐ и сама (стр. 40).

Зошто ни е толку чудно кога ќе видиме девојка како отишла некаде сама? Време е да си ги прошириме хоризонтите и да излеземе од нашата мала „лушпа“. Четирите наши соговорнички ги рушат сите стереотипи и ни откриваат зошто претпочитаат да поминуваат време сами – сама на концерт, сама на опера, сама на одмор?

А особено сме горди на нашата акција иницирана од уредничката на www.ubavinaizdravje.mk, Бојана Стојменовиќ, насловена „Баш си убава“. Имавме цел да поттикнеме само три читателки да се фотографираат безгрижно во костим за капење, со широка насмевка, за да ги објавиме и тие да ги инспирираат сите наши читателки да уживаат во летото и во својата убавина, без да да се обврзуваат на совршен изглед во костим за капење како услов за среќа. Но, благодарение на нашите многубројни читателки, добивме стотици прекрасни фотографии, кои, искрено, не ги очекувавме. Едвај одбравме педесетина фотографии (и тоа само водејќи се по техничките параметри, бидејќи сите до една беа прекрасни) и ги ставивме на нашиот т.н. печатен инста-ѕид (стр. 27), за ве потсетиме колку е убаво да си безгрижна, слободна во костим за капење и среќна на плажа.

Заменик-уредничката на У&З-магазинот Марија Лукаревска размислуваше за тоа колку стереотипите во поглед на женската убавина во суштина не’ ограничуваат…

„Најдете го вашето вистинско ’јас’ и гордо покажете му го на светот. Бидете сигурни дека луѓето ќе ја забележат вашата самодоверба и ќе ја ценат вашата оригиналност.“

Но ако и покрај се’ спаѓате меѓу оние припаднички на нашиот пол кои инсистираат на совршени пропорции на плажа, а сепак не сте успеале да го постигнете овој идеал, ви обезбедивме план за НОВО ТЕЛО, за само 30 дена!

Во екот на фудбалската треска, нашата редакција, следејќи ги натпреварите, направи селекција за совршениот фудбалски У&З-тим. Нашите избраници не ги добивме само поради нивните фудбалски квалитети, туку, се разбира, се водевме и по некои женски параметри за избор 🙂

Лето е време на релаксација, одмор, разголени тела и поголема страст… Во колкава мера кај жените е развиена свеста за важноста од заштита од несакана бременост? Дали во практиката се придржувате до она што го знаете од теоријата? И, најважно, како да изберете метод што ќе ни овозможи најкомплетна заштита и наедно ќе ви биде најкомфорен за употреба? Ви ги обезбедивме сите совети од стручњаци за контрацепција, но и забавен тест.

Во сегментот – животен стил, уживајте во гастро-задоволства, кои ги насловивме „Летен хедонизам“, а ако менувате комфор и храна за добра авантура, ви препорачуваме – кампување! Водич за безгрижно уживање во нашиот „Хотел со милион ѕвездички“

 

Кога сме кај ѕвездите, не пропуштајте ги нашите инспиративни разговори со ѕвездените-претставници за овој број:

Ова само едно мало парче од нашите содржини….

Уживај во сопствената и нашата – „Убавина“, во своето тело, заборави на стереотипите, и никако не заборавај – Баш си убава!

#онаштонавистинаеважно

Ваша Ј,

Благодарам на нашата млада талентирана читателка Јована Трајановиќ што ми ја направи и испрати оваа илустрација… Ретко е и прекрасно кога можеш точно да видиш како некој те гледа…
Прочитајте и

Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Сакаш посебен третман?
Зачлени се во елитниот клуб. Регистрирај ја својата е-адреса и добивај специјални понуди и вести
Одјава е можна во секое време