ШТО ВЕ ПАЛИ, А ШТО ВЕ ГАСИ? Откријте ја својата сексуална личност

Запознајте ја и прифатете ја својата сексуалност – тоа е една од НАЈВАЖНИТЕ ЛЕКЦИИ.

„Науката за сексот е на пресвртница сега“, вели авторката на бестселерот Come As You Are, Емили Нагоски, професорка со докторат од областа на човековата сексуалност (задолжително побарајте ги и нејзините ТED-говори). Таа тврди дека науката може да направи чуда за нашиот сексуален живот, само ако се потрудиме да сфатиме еден (и тоа многу едноставен) принцип…

Моделот на двојна контрола на сексуалната реакција е развиен кон крајот на 1990-тите години од страна на Ерик Јансен и Џон Банкрофт од институтот „Кинси“. За разлика од претходните модели, тој навлегува многу подлабоко во човековата сексуалност, така што не го опишува само она што се случува додека сте возбудени – ерекција, навлажнување итн. – туку и централниот механизам што управува со сексуалната возбуда, односно контролира како реагирате на слики, звуци, чувства и идеи со сексуален контекст.

Еве на кој начин функционира.

Вклучете го она што ве возбудува, исклучете го она што ве кочи

Како што кажува и самото име, моделот на двојна контрола на сексуалната реакција се состои од два дела:

Систем на сексуална побуда (ССП). Тоа е гасот на вашата сексуална реакција. Тој добива информации за сексуално релевантните стимули во опкружувањето – за она што го гледате, слушате, можете да го помирисате, допирате, јадете или замислувате – и испраќа сигнали од мозокот кон половите органи на кои им порачува „возбуди се!“. Системот на сексуална побуда постојано го скенира вашиот контекст (вклучувајќи ги вашите мисли и чувства) и бара нешто што е сексуално релевантно. Тој е секогаш активен, и тоа длабоко под нивото на свеста. Значи, не сте ни свесни за него сè додека се возбудите и добиете желба за секс.

Систем на сексуална инхибиција (ССИ). Тоа е вашата сексуална сопирачка. Во овој случај „инхибицијата“ не подразбира срамежливост, туку невролошки сигнали за „исклучување“. Сопирачката функционира слично како и гасот. Таа ги забележува сите потенцијални опасности во опкружувањето – сè што гледате, слушате, можете да помирисате, допирате, јадете или замислувате – и испраќа сигнали што велат „исклучи се!“.

Исто како што гасот го скенира опкружувањето во потрага по она што ве возбудува, така и сопирачката бара нешто што вашиот мозок го толкува како добра причина да не се возбудите во конкретниот миг – ризик од заразување со полово преносливи болести или несакана бременост. Задачата на сопирачката е да нè спречи да бидеме, на пример, непристојни и да се возбудиме среде деловен состанок или додека вечераме со семејството. Тој систем исто така го исклучува прекинувачот ако, на пример, среде секс детето случајно влезе во собата.

Дури и вака штуро претставената идеја има голема моќ, бидејќи веднаш можете да ја замислите комплетната сексуална функција – и комплетната сексуална дисфункција – како рамнотежа (или нерамнотежа) меѓу сопирачката и гасот.

Ако имате проблем со која било фаза на сексуалната реакција, дали причината за тоа е недоволно поттикнување на гасот? Или, пак, сопирачката е премногу поттикната? Најчеста грешка на лицата што тешко постигнуваат оргазам или не чувствуваат сексуална желба е претпоставката дека им недостига гас, но поголема е веројатноста проблемот да е во пресилната сопирачка. Кога ќе востановите дали имате проблем со гасот или со сопирачката, ќе знаете што треба да смените.

Способност за возбудување

Според моделот на двојна контрола, возбудувањето го сочинуваат два процеса: активирање на гасот и деактивирање на сопирачката. На тој начин нивото на вашата сексуална возбуда во конкретниот миг зависи од тоа колку многу стимулација добива гасот и колку малку стимулација добива сопирачката. Меѓу другото, тоа зависи и од степенот на осетливоста на вашата сопирачка и на гасот на таквата стимулација.

ССИ (систем на сексуална инхибиција) и ССП (систем на сексуална побуда) се особини. Сите ги имаме и тие се, помалку или повеќе, стабилни во текот на целиот живот, како интровертност/екстровертност, а се разликуваат од човек до човек. Кај сите нас ССИ и ССП имаат различни нивоа на осетливост, што резултира и со различна способност за надразнување, т.е. различен потенцијал за сексуално возбудување.

Кај некои лица, и ССИ и ССП се исклучително осетливи, кај други се слабо осетливи, а кај некои ССИ е многу, а ССП, пак, малку осетлив, додека, пак, кај други ССП е исклучително осетлив, а ССИ им е слаб.

Повеќето луѓе имаат просечна осетливост. Варијацијата е распределена по убава крива линија; повеќето луѓе ја заземаат средината, а помал број се на нејзините крајни точки.

Да погледнеме што се случува ако сопирачката или гасот се особено осетливи (или не се многу осетливи).

Поосетлив гас или сопирачка?

Да претпоставиме дека ССП е многу осетлив, а ССИ ви е слаб – осетлив гас, а речиси и не постои сопирачка. Каква е вашата сексуална реакција?

Подготвено реагирате на сексуално релевантните стимули, но не и на потенцијалните опасности. Затоа се возбудувате лесно, но тешко ја контролирате возбудата.

Сепак, тоа и не е толку забавно како што изгледа и во некои ситуации може да предизвика компулсивно сексуално однесување. Осетлив гас во комбинација со не толку осетливи сопирачки се среќава кај 2-6 проценти од женската популација и се доведува во врска со сексуално ризично однесување и со компулсивност.

Бидејќи имате мошне осетлив мозочен механизам задолжен за регистрирање сексуално релевантни стимули, исклучително сте мотивирани за секс, а бидејќи слабо ви функционира мозочниот механизам задолжен за спречување на дејствата во кои не би требало да се впуштате, можеби понекогаш чувствувате дека немате контрола над сопствената сексуалност, особено кога сте под стрес.

Склони сте кон често менување партнери и ретка примена на заштита, и послабо ја контролирате ситуацијата. Освен тоа, поголема е веројатноста да сакате секс кога сте под стрес („на максимум“), додека другите жени нагло ја губат желбата за секс кога се изложени на стрес („на минимум“).

Што ако имате спротивна комбинација – осетливи сопирачки и не толку осетлив гас?

Таа се среќава кај 1-4 проценти од женската популација и се карактеризира со отежнато возбудување, недостиг од заинтересираност или желба и проблеми со оргазмот.

Доколку имате осетливи сопирачки, исклучително реагирате на сите причини да не се возбудите, а ако притоа гасот ви е слабо осетлив, потребни ви се добра концентрација и свесно насочено внимание за да имате секс.

Осетливата сопирачка, без разлика на гасот, е најсилен показател на разни проблеми во сексот. Испитувањето од 2008 година, кое опфатило 226 жени на возраст од 18 до 81 година, покажало дека слабата заинтересираност за секс и отежнатото возбудување и постигнување оргазам се цврсто поврзани со факторите на инхибицијата, особено со „зависната природа на возбуденоста“ („Ако не се поклопи сè, тешко ми е сексуално да се возбудам“) и со загриженоста за сексуалната функција („Доколку сум загрижена дека ќе ми треба многу време да доживеам оргазам, тоа може да ме спречи да се возбудам“).

Текст: Наташа Човиновска

Фото: Getty Images

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.